3. Макавејска 5 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Јудејците викаат кон Господа и Господ ја послуша нивната молитва.

1Тогаш царот, исполнет со силен гнев и неограничен во својата омраза, го повика Ермона, кој беше одговорен за слоновите, му нареди идниот ден да ги нахранат, на број петстотини, со темјан и да ги напојат со што е можно повеќе чисто вино, па кога ќе се разбеснат од изобилнотот пиење, да ги изведат пред Јудејците, осудени на смрт.

2Отакако ја предаде својата наредба, тој отиде на гозба, а ги покани особено оние од своите пријатели, и воените началници, што им беа непријатели на Јудејците.

3Определените за тоа отидоа од вечерата, за да им ги врзат рацете на несреќниците, па презедоа и други претпазливи мерки, мислејќи дека сиот тој народ ќе биде подложен на страшна смрт.

4Јидејците, кои на незнабошците им се чинеа лишени од секаква заштита, бидејќи од сите страни беа притиснати со тешка неволја, викаа кон сесилниот Господ, Кој има сила над секоја власт, кон својот милосрден Бог и Отец, Му се обраќаа сите со непрестан плач и солзи, Му се молеа да ја одврати од нив безбожничката замисла и со Своето големо јавување да ги спаси од приготвената за нив смрт.

5Нивната искрена молитва се издигна до небото. Ермон ги напои нескротливите слонови, откако им даде изобилно и темјан и вино, а наредниот ден појде во дворецот за да го извести за тоа царот.

6Но Бог му беше подарил на царот длабок сон, тој добар дар, што им го испраќа Он дење и ноќе на сите, на кои Он сака.

7По Божјо дејство, потонал во длабок и сладок сон тој заборави за преземеното беззаконие, и наполно се измами во својата неизменлива одлука.

8А Јудејците, откако се избавија од определениот час, Го прославуваа својот свет Бог и одново Му се помолија благиот и мирољубив Бог да им ја покаже на гордите незнабошци Својата семоќна десница.

9Во девет и половина часот, оној што имаше задача да ги кани гостите, откако виде дека поканетите се веќе собрани, влезе да го разбуди царот. Го разбуди со голема мака и го извести дека времето за гозбата изминало и го извести за сѐ што му беше порачал. Царот помисли, па отиде на трпезата, почна да пие и на оние што беа поканети на гозбата им рече да седнат спроти него.

10Кога направија како што им рече, тој им пожела да си поминат на гозбата во полна веселба.

11Додека говореше долго при трпезата, царот го повика Ермона, строго и налутено го праша – поради која причина Јудејците се оставени да преживеат уште еден ден.

12Ермон му одговори дека уште преку ноќта ја извршил неговата заповед, а и пријателите на царот го потврдија тоа. Тогаш царот, поради жестокост уште полут и од самиот Фаларис, рече дека Јудејците за тоа треба да му благодарат на неговиот денешен сон.

13А на Еромона му рече: »А ти, пак, неизоставно подготви ги слоновите за уништување на непослушните Јудејци.«

14Кога царот го рече тоа, сите присутни со задоволство и со радост му го изразија своето одбрување, па се разотидоа секој во својот дом. Ноќта беше употребена не толку за сон, колку за измислување секакви поруги над наречените престапници.

15Утредента, рано наутро, токму кога петлите почнаа да пеат, Ермон ги изведе слоновите и почна да ги раздразнува во широкиот двор. Во Градот многу народ се беше собрал да ја гледа интересната претстава, и со нетрпение чекаше да се раздени.

16Јудејците, измачувани духовно, непрекинато се молеа со многу солзи и жални песни; Му се молеа на великиот Бог пак да им испрати брза помош.

17Сончевите зраци уште не беа се распрснале, а царот уште ги пречекуваше своите пријатели, кога пред него се појави Ермон и ги покани да излезат, известувајќи дека сѐ е подготвено според царската заповед.

18Кога го ислуша, тој како да се збрка од предлогот за некакво чудно излегување, зашто сѐ беше наполно заборавил, па праша: »Каква е таа работа што ја извршил со таква брзина?« Тоа беше пак дејство на Бога, Кој владее над сѐ, Кој му даде заборав за сѐ, што беше намислил пред тоа.

19Ермон и сите пријатели му објаснија, велејќи: »Царе, слоновите и војската се приготвени по твоја строга заповед.«

20А тој се исполни со голем гнев од тие зборови, бидејќи по Божја промисла беше заборавил сѐ што беше намислил, – па со пламнати очи, заплашувачки рече:

21»Да имаше ти родители или деца, тие ќе им послужеа како изобилна храна на дивите ѕверови, место невините Јудејци, кои спрема мене и спрема моите дедовци имале полна и непроменлива верност. Ако не беше мојата приврзаност спрема тебе уште од нашето зеадничко детство и ако не беа твоите заслуги, место тие – ти ќе беше погубен.«

22Така Ермон доби неочекувано и ужасно застрашување, така што сосема се измени и во поглед и во лице; тогаш сите пријатели на царот излегоа нерасположени, а сите што беа насобрани ги пуштија да се разотидат.

23Кога слушнаа Јудејците за благонаклоноста на царот спрема нив, тие го прославија Бога, Царот над царевите за помошта што ја примија од него.

24По овие одлуки царот пак приреди гозба и ги канеше сите да се веселат. Па, кога го повикаа Ермона, му рече налутено: »Колку пати треба да ти заповедам, непослушнику, за една и иста работа? Подготви ги слоновите утре за погубување на Јудејците?«

25Тогаш неговите роднини, кои седеа заедно со него на трпезата, вчудовидувајќи се на неговите непостојани мисли, рекоа: »До кога, царе, ќе нѐ искушуваш како да сме безумни? Еве, по третпат заповедаш да се истребат Јудејците, а штом ќе дојде до извршување на твојата заповед, ти ја поништуваш.

26Затоа и градот се наоѓа во вознемиреност од чекање; исполнет е со луѓе што чекаат, а има опасност и да биде ограбен.«

27Потоа царот, сосема сличен на Фалариса, исполнет со безумство, не сметајќи ги за ништо настанатите во него душевни промени во полза на Јудејцте,

28потврди со најбезбожничка клетва и нареди Јудејците да бидат испратени во пеколот, осакатени од нозете и стапките на ѕверовите, а потоа да се преземе поход против Јудеја, и што побргу да биде опустошена со оган и меч и нивниот храм, недостапен за нас, мислеше тој, да биде изгорен со оган и да се направи засекогаш пуст за сите што сакаат да принесуваат жртви.

29Тогаш пријателите и роднините негови, многу израдувани, се разотиода со доверба и во најпогодните места во градот поставија војска за стража.

30А началникот на слоновите, откако ги доведе ѕверовите, така да се каже, во збеснета состојба поради убавото вино, приготвено со темјан, и ги вооружи со страшни орудија, и утредента рано, кога безбројни редови се беа упатиле надвор од градот кон коњското тркалиште, дојде во дворецот и му напомна на царот што треба да се прави.

31А царот, исполнет со голем гнев, излезе со безбожна замисла пред целиот поход на ѕверовите, зашто, воден од своето ожесточено срце, сакаше да ја види со своите сопствени очи жалната и грозна пропаст на тие, наречени луѓе.

32Кога Јудејците ја видоа прашината што се креваше од слоновите, од вооружената војска која одеше по нив, како и од множеството народ, кога ги слушнаа силните извици, помислија дека настанал последниот час од нивниот живот и крајот на нивниот најмачно чекање.

33Извикаа со плач и лелек, се целиваа еден со друг, се прегрнуваа со роднините, се фрлаа на врат – татковците на синовите и мајките на ќерките;

34други, пак, држеа на своите раце новородени младенчиња, кои го цицаа последното млеко.

35Но, знаејќи ги претходните помошти од небото, еднодушно паѓаа ничкум, ги тргнуваа дечињата од своите гради.

36извикуваа високо кон Оној, Кој има власт над секоја власт, Му се молеа да ги помилува и да им ја испрати својата помош ним, што се веќе пред вратите на пеколот.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help