1Кога ерусалимскиот цар Адонивезек чу, дека Исус го презел Гај и го предал на клетва, и дека постапил со Гај и со царот негов така, како што постапил со Јерихон и царот негов, и дека Гаваонците склучиле мир со Исуса и со Израилот и со другите меѓу нив,
2тој многу се уплаши, бидејќи Гаваон беше голем град, како еден од царските градови, и поголем од Гај, и сите жители негови беа храбри луѓе.
3Поради тоа ерусалимскиот цар Адонивезек испрати пратеници кај хевронскиот цар Елам, и кај Феран, царот јеримутски, и кај Афи, царот лахиски, и кај Давир, царот одоламски, да им кажат:
4»Дојдете кај мене и помогнете ми да го сосипеме Гаваон, затоа што склучи мир со Исуса и синовите Израилеви.«
5Тие се собраа и отидоа петмина аморејски цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јеримутскиот цар, лахискиот цар, одоламскиот цар, тие и целиот нивни народ, и го опседнаа Гаваон и почнаа да војуваат против него.
6Гаваонците испратија до Исуса во логорот Израилев во Галгал, да кажат: »Не ја тргнувај раката од твоите робови; дојди поскоро кај нас, избави нѐ и помогни ни; зашто против нас се собрани сите аморејски цареви, што живеат во планините.«
7Исус тргна од Галгал, тој и со него сите способни за војна, и сите храбри мажи.
8Тогаш Господ му рече на Исуса: »Не се бој од нив, зашто Јас ги предадов во рацете твои: никој од нив нема да устои пред лицето твое.«
9И ги нападна нив Исус ненадејно, бидејќи целата ноќ беше одел од Галгал.
10Господ ги доведе во забуна од Израилците, и тие им нанесоа голем пораз во Гаваон, ги гонеа по патот кон Веторон и ги поразуваа дури до Азик и до Макид.
11А кога бегаа од Израилците по падините на Веторонската планина, Господ фрлаше врз нив од небото големи камења до самиот град Азик, и тие умираа: умрените од камењата беа повеќе, отколку оние, што синовите Израилеви ги убија со меч во борбата.
12Тогаш Исус Му рече на Господа во оној ден, во кој Господ Бог го предаде Амореј во рацете на Израилот – откако ги порази во Гаваон, и тие беа избиени од синовите Израилеви, – и рече пред Израилците: »Запри се, сонце, над Гаваон, и ти, месечино, над долината Елон!«
13И сонцето застана, и месечината стоеше, додека Бог им се одмаздуваше на непријателите нивни. Нели е тоа запишано во книгите на Праведниот: »Сонцето застана на небото и не брзаше да зајде скоро цел ден?«
14Таков ден немало ни пред ни по оној, во кој Господ така да послушал човечки глас. Зашто Господ војуваше за Израилот.
15Потоа Исус и целиот Израил со него се вратија во логорот, во Галгал.
16А оние петмина цареви избегаа и се сокрија во пештерата во Макид.
17Кога му јавија на Исуса и му рекоа: »Ги најдовме петмината цареви, тие се кријат во пештерата во Макид«,
18Исус рече: »Навалете големи камења пред влезот на пештерата и поставете кај неа луѓе да ги пазат;
19а вие не се задржувајте тука, туку гонете ги непријателите ваши, истребувајте ги последните делови од војската нивна и не им дозволувајте да отидат по градовите нивни, бидејќи Господ, вашиот Бог, ги предаде во рацете ваши.«
20Откако Исус и синовите Израилеви им нанесоа многу голем пораз, и другите од нив избегаа во утврдените градови,
21целиот народ се врати мирно во логорот кај Исуса во Макид, и никој не отвори уста против синовите Израилеви.
22Тогаш Исус рече: »Отворете го влезот на пештерата и доведете ги кај мене од пештерата петмината цареви!«
23Така и направија: ги доведоа кај него од пештерата петмината цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јермутскиот цар, лахискиот цар и одоламскиот цар.
24Кога ги изведоа овие цареви пред Исуса, Исус ги повика сите Израилци и им кажа на воените началници, што беа оделе со него: »Приближете се, стапнете со нозете свои врз вратовите на тие цареви!«
25Исус им рече: »Не плашете се и не се ужасувајте, бидете цврсти и храбри; зашто така ќе постапи Господ со сите ваши непријатели, со кои ќе војувате.«
26Потоа Исус ги уби, и ги обеси на пет дрвја; и висеа на дрвјата до вечерта.
27На зајдисонце Исус заповеда, и ги симнаа од дрвјата, ги фрлија во пештерата, во која се криеја, и на влезот на пештерата натрупаа големи камења, кои се и денес таму.
28Во истиот ден го презедоа Макид и го поразија со меч него и царот негов, и сѐ живо, што се наоѓаше во него: не оставија никој, кој да не беше погоден или да избегал; и со макидскиотт цар постапија така, како што постапија со јерихонскиот цар.
29Потоа тргна Исус и сите Израилци со него од Макид за Левна и војуваше против Левна
30И ја предаде Господ и неа во рацете на Израилот и ја презедоа неа и царот нејзин, и истреби Исус со меч сѐ живо, што се наоѓаше во неа; не остави во неа никој, што не беше погоден или да избегал, а со царот постапи така, како што постапи со јерихонскиот цар.
31Од Левна тргна Исус и сите Израилци со него за Лахис, се улогори пред него и почна да војува против него;
32и го предаде Господ Лахис во рацете на Израилот, и тој го презеде во вториот ден, и го порази со меч него и сѐ живо, што беше во него, и го истреби така, како што постапи со Левна.
33Тогаш на помош на Лахис му дојде газерскиот цар Орам; но Исус го порази со меч и него и народот негов така, што не остави од народот никој што не беше погоден или да избегал.
34И тргна Исус и сите Израилци со него од Лахис за Аглон, се улогори пред него и почна да војува против него;
35го предаде Господ и него во рацете на Израилот и го презедоа во истиот ден и го поразија со меч, и со сѐ живо, што се наоѓаше во него во тој ден, постапи така, како што постапи со Лахис.
36Потоа појде Исус и сите Израилци со него од Аглон за Хеврон, го опседнаа,
37го презеде и го порази со меч него и царот негов, сите градови негови и сѐ живо, што се наоѓаше во него; не остави никој, што не беше убиен; како што постапи со Аглон, така го порази и него и сѐ живо, што се наоѓаше во него.
38Потоа се обрна Исус и целиот Израил со него кон Давир и го опседна;
39го презедоа него, царот негов и сите села негови, и го поразија со меч, и ги истребија нив и сѐ живо, што се наоѓаше во него: никого не остави жив; како што постапи со Хеврон и царот негов, со Левна и царот нејзин, така постапи и со Давир и царот негов.
40И ја порази Исус целата планинска земја, и Нагев и рамницата и Асидот и сите цареви нивни; не остави никого да преживее, и сѐ живо погуби, како што беше заповедал Господ, Бог Изриалев.
41го порази Исус од Кадис – Варни дури до Газа и целата земја Госом дури до Гаваон;
42и сите тие цареви и земјите нивни Исус ги презеде веднаш, бидејќи Господ, Бог Израилев, му помагаше на Израилот.
43Потоа Исус и сите Израилци со него се вратија во логорот, во Галгал.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.