1Товит, татко му на Товија, ги броеше деновите. Па, кога изминаа деновите предвидени за патувањето, а него уште го немаше,
2Товит рече: »Можеби ги задржале или можеби Гаваил умрел, па нема кој да им го даде среброто.«
3И многу се натажи.
4А жена му рече: »Синот наш загинал, затоа и го нема да се врати.«
5»Тешко мене, чедо мое, што те пуштив, светлино на моите очи!«
6Товит почна тогаш да ја утешува, велејќи н: »Молчи, не плачи, тој е жив и здрав.«
7Таа му рече: »Ти молчи и не мами ме; знам јас оти пострадал нашиот син.« – Секој ден таа излегуваше надвор од градот на патот, по кој отпатува нивниот син; дење не јадеше ништо, а ноќе, непрестајно плачеше по своето чедо Товија, сѐ додека не изминаа четиринаесет свадбени денови, за кои Рагуил го заколна да преседи таму. Тогаш Товија му рече на Рагуила: »Пушти ме да си одам, зашто татко ми и мајка ми веќе не се надеваат оти ќе ме видат.«
8Тестот негов му рече: »Остани кај мене, а јас ќе се погрижам да најдам некого што ќе го извести татка ти за тебе.«
9А Товиј му одговори: »Не, пушти ме да се вратам при татка ми.«
10Рагуил тогаш стана, му ја предаде Сара, неговата невеста, му го даде половината од својот имот, добиток и пари.
11Откако ги благослови, се прости и се збогува со нив, велејќи: »Небесниот Бог да ве благослови пред да умрам.«
12А на својата ќерка ѝ рече: »Почитувај ги твоите свекор и свекрва; сега тие се твои родители; сакам да слушам само добри вести за тебе.« И ја бакна. А Една му рече на Товија: »Брате мој сакан, Небесниот Господар нека те издигне и да ти подари да видиш деца од Сара, мојата ќерка, за да се нарадувам пред Господа. Еве, ти ја предавам мојата ќерка да се грижиш за неа и да не ја ожалостуваш.«
13Откако Му заблагодари на Бога што го благословил неговото патување, Товиј им посака благослов на Рагуила и на неговата жена Една. Товија појде на пат. Патуваа и најпосле се приближија до Ниневија.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
