1Слово што Господ го кажа преку пророкот Јеремија за Вавилон и за земјата Халдејска:
2»Соопштете и разгласете меѓу народите, подигнете знаме, објавете, не кријте ги, зборувајте: Вавилон падна, Вил е посрамен, Меродах е скршен, боговите негови се посрамени, идолите негови се скршени.
3Зашто од север се подигна врз него народ, кој ќе ја направи земјата негова пустиња, и никој нема да живее таму, и човек, и добиток, сѐ ќе се крене и ќе се разотидат.
4Во оние денови и во она време, вели Господ, ќе дојдат синовите Израилеви, тие и синовите Јудини, заедно, ќе одат, ќе плачат и ќе Го побараат својот Господ Бог;
5ќе прашаат за патот кон Сион и, свртени со лицето кон него, ќе велат: одете и присоединете се кон Господа со вечен завет, кој нема да се заборави.
6Народот Мој беше како загубено стадо; пастирите негови го оттргнаа од патот, па скитаа по планините; од гора на рид и го заборавија леглото свое.
7Сите, што ги наоѓаа, ги изедуваа, и непријателите им велеа: не сме виновни, оти тие згрешиле пред Господа, пред живеалиштето на правдата, и пред Господа, надежта на татковците нивни.
8Бегајте од Вавилон, заминете од земјата Халдејска и бидете како кози пред стадо од овци.
9Зашто, еве, Јас ќе подигнам и ќе доведам врз Вавилон збир голем од народи од северната земја, и ќе застанат против него, и тој ќе биде преземен: стрелите негови, бидејќи е искусен војник, напразно нема да се враќаат.
10И Халдеја ќе стане нивни плен; и оние, што ќе ја опустошат, ќе се наситат, вели Господ;
11зашто вие, грабачи на Моето наследство, се веселевте, прославувавте, потскокнувавте од радост, како јунечки на трева, и 'ржевте како бојни коњи.
12За голем срам ќе стане мајката ваша, ќе црвенее онаа, што ве родила; ете, иднината на тие народи ќе биде пустиња, земја сува и пустелија.
13Од гневот Господен таа ќе стане ненаселена и целата ќе запусти; и секој, што ќе мине низ Вавилон, ќе се вчудовиди и ќе си потсвирне, гледајќи ги сите рани негови.
14Наредете се во боен ред околу Вавилон, вие сите, кои затегнувате лак, стрелајте во него, не жалете ги стрелте, бидејќи тој згреши против Господа.
15Повикајте против него од сите страни; тој ја протегна раката; паднаа тврдините негови, испопаѓаа ѕидовите негови, зашто тоа е Господовата отплата; одмаздувајте му се; како што постапуваше тој, така постапувајте и вие со него.
16Истребете во Вавилон и сеач, и оној, што работи со срп во жетва; од страв пред опасниот меч секој нека се врати при својот народ и секој нека бега во земјата своја.
17Израилот е прснато стадо; го гонеа лавови; најнапред го гризеше асирскиот цар, а потоа Навуходоносор, царот вавилонски, и коските му ги здроби.
18Затоа, така вели Господ Саваот, Бог Израилев: еве, Јас ќе го посетам вавилонскиот цар и земјата негова, како што го посетив асирскиот цар;
19и ќе го вратам Израилот на неговото пасиште, и ќе си пасе по Кармил и по Васан, и душата негова ќе се наситува на гората Ефремова и во Галад.
20Во оние дни и во она време, вели Господ, Јас ќе ја побарам неправдата Израилева, и нема да ја има, и гревовите на Јуда и нема да се најдат; бидејќи ќе им простам на оние, што ќе останат живи.
21Појди против неа, против бунтовната земја и казни ги нејзините жители: пустоши и истребувај сѐ по нив, вели Господ, и направи сѐ што ти заповедав;
22Шум голем од борба ќе се крене по земјата и голем потрес.
23Како се скрши и како се разби чеканот по целата земја, како ли Вавилон стана ужас меѓу народите!
24Јас поставив стапици за тебе, и те фатив, Вавилоне, иако не го предвиде ти тоа; ти се најде и беше фатен, зашто стана против Господа.
25Господ ја отвори ризницата Своја и оттаму го зеде оружјето на гневот Свој, зашто тоа е дело на Господа Седржителот во земјата Халдејска.
26Појдете против неа од сите краишта, отварајте ги житниците нејзини, газете ја како снопје, наполно истребете ја, та ништо да не остане од неа;
27убивајте ги сите волови нејзини, нека одат на клање; тешко ним, бидејќи дојде денот нивни, времето на нивната посета.
28Се слуша глас од оние што бегаат и од оние што се спасуваат од Вавилонската земја, за да му го соопштат на Сион одмаздувањето Господово, на нашиот Бог, одмаздувањето за Неговото живеалиште.
29Повикајте ги против Вавилон сите стрелци, кои запнуваат лак, сместете се околу него, за да не се избави никој од него, платете му според делата негови; како што постапуваше тој, така постапувајте и вие со него, бидејќи тој се крена против Господа, против Светецот Израилев.
30Затоа младите негови ќе паднат по улиците негови, и сите војници негови ќе бидат истербени во оној ден, вели Господ.
31Еве, јас сум против тебе, о гордости, вели Господ, Бог Саваот; зашто дојде денот твој, времето на твојата посета.
32И ќе се сопне таа гордост и ќе падне, и никој нема да ја крене; па ќе запалам оган во градовите нејзини, и тој ќе уништи сѐ околу неа.
33Така вели Господ Саваот: угнетени се синовите Израилеви, како и синовите Јудини, и сите што ги заробија, ги држат цврсто и не сакаат да ги пуштат.
34Но Искупителот нивни е силен, Господ Саваот е името Негово; Он ќе го разгледа делото нивно, за да ја смири земјата и да ги дотера во страв вавилонските жители.
35Меч против Халдејците, вели Господ, и против жителите на Вавилон, и против кнезовите, негови, и против мудреците негови;
36меч против маѓепсниците негови, и тие ќе избезумат; меч против војниците негови, и тие ќе се уплашат;
37меч против коњите негови, против колите негови и против сите разни племенски народи меѓу него, и тие ќе бидат како жени; меч против ризниците негови, и нив ќе ги разграбаат;
38суша за водите негови, и тие ќе секнат; бидејќи тоа е земја на идоли и тие се фалат со своите идолски страшилишта.
39И таму ќе се населат пустиски ѕверови со шакали, и ќе живеат на неа ноеви, а таа нема да биде населенеа довека и населувана од род во род.
40Како што ги сосипа Бог Содом и Гомор, и нивните соседни градови, вели Господ, така и тука нема да живее ниту еден човек, и човечки син нема да се запира таму.
41Ете, од север иде народ, народ голем и многу цареви се креваат од краиштата земни;
42во рацете свои држат лак и копје; тие се жестоки и немилосрдни; гласот нивни бучи како море; јаваат на коњи, наредени се како еден човек, за да се удрат со тебе ќерко вавилонска!
43Чу за нив вест царот вавилонски, и рацете му малаксаа; жал го обзеде, мака – како на жена, кога се породува.
44Ете, излегува тој, како лав од височините Јордански кон утврдените живеалишта; но Јас ќе го принудам да излезе бргу од него; и кој е избран, нему ќе му го доверам, зашто кој е подобен на Мене и кој ќе побара одговор од Мене, и кој пастир ќе устои против Мене?
45Па така, чујте го решението на Господа, што го определи Он против Вавилон, и Неговата замисла, што ја има за Халдејската земја; навистина, нив најмалите од стадата, ќе ги повлечат; навистина, Он ќе ги опустоши живеалиштата нивни зедно со нив.
46Од шумот при преземањето на Вавилон ќе се затресе земјата, и пискот ќе се чуе меѓу народите.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.