1И Самил умре. Тогаш се собраа сите Израилци, го оплакаа и го погребаа во куќата негова, во Рама. Давид стана и слезе кон пустињата Фаран.
2Имаше во Маон еден човек многу богат, а имотите му беа на Кармил; тој имаше три илјади овци и илјада кози; тој беше на стрижење кај овците свои на Кармил.
3Тој човек се викаше Навал, а жена му се викаше Авигеја. Таа жена беше многу умна и убава, а тој – жесток и лош човек; тој беше од родот Халевов.
4Чу Давид во пустињата, дека Навал ги стриже на Кармил овците свои.
5И Давид испрати десет момци, и им рече Давид на момците: »Одете на Кармил, појдете кај Навала, поздравете го од мое име
6и кажете му вака: ‚Мир на тебе, мир на твојот дом, мир на сѐ што е твое!
7Денес чув, дека ти ги стрижат овците; ете, овчарите твои беа со нас, и ние не ги навредувавме, и ништо кај нив не се загуби за сето тоа време, додека стоеја на Кармил;
8прашај ги слугите свои, и тие ќе ти кажат; затоа нека најдат момците благонаклоност во очите твои, бидејќи во добар ден дојдовме; дај им, пак, на слугите твои и на синот свој Давид она што ти се наоѓа при рака.‘«
9Давидовите луѓа отидоа и му ги кажаа на Навала од името на Давида сите тие зборови, и замолчеа.
10Навал скокна и им одговори на Давидовите слуги и рече: »Кој е тој Давид, кој е тој син Јесеев? Сега има многу слуги кои бегаат од господарите свои;
11зар да го земам лебот свој и водата своја, и виното свое и месото, што сум го приготвил за стрижачите на овците, и да им дадам на луѓе, што не ги знам од каде се?«
12И Давидовите луѓе се вратија по својот пат, се вратија и дојдоа, та му ги соопштија на Давида сите тие зборови.
13Тогаш Давид им рече на луѓето свои: »Препашете го секој мечот свој.« И сите ги препашаа своите мечеви, го препаша и Давид мечот свој, и тргнаа по Давида до четиристотини души, а двесте оставија кај комората.
14Но еден од слугите ѝ јави на Авигеја, жената Навалова, велејќи: »Ете, Давид испрати од пустињата пратеници да го поздрават нашиот господар, но тој се однесе кон нив грубо;
15а тие луѓе се многу добри кон нас, не нѐ навредуваа, и ништо не се изгуби кај нас, колку што време одевме со нив, додека бевме во полето;
16тие беа за нас како ѕид и дење и ноќе за сето време, додека ги пасевме стадата близу до нив;
17затоа, помисли и види, што да се прави, бидејќи неизбежна несреќа му се заканува на господарот наш и целиот дом негов; а тој е човек лош, не може да се говори со него.«
18Тогаш Авигеја набрзина зеде двесте леба и две мешини со вино, и пет овци зготвени, пет мери пржено жито, сто врзопки суво грозје и двесте низи смокви, и ги натовари на осли,
19па им рече на слугите свои: »Тргнувајте пред мене, ете, јас ќе одам по вас.« А на мажот свој Навала ништо не му кажа.
20А кога таа, седната на осел, се спушташе по падините на планината, ете, во пресрет ѝ доаѓа Давид и луѓето негови, и таа се сретна со нив.
21И Давид рече: »Да, залудо го пазев во пустињата целиот имот на тој човек, и ништо не се изгуби од тоа, што беше негово; тој ми плаќа зло за добро;
22тоа и тоа нека направи Господ со непријателите на Давида, и уште повеќе да додаде, ако утре до разденување, од сѐ што е Навалово, го оставам и она што мокри крај ѕид.«
23Штом Авигеја го виде Давида, таа брзо слезе од оселот, падна ничкум пред Давида и се поклони до земја;
24падна до нозете негови и рече: »Врз мене да е гревот, господару мој; дозволи ѝ на робинката твоја да говори во ушите твои и чуј ги зборовите на робинката твоја.
25Нека не обрнува внимание господарот мој на тој лош човек, на Навала; зашто, како му е името, таков е и тој: Навал му е името, и безумието е со него. А јас, твојата робинка, не ги видов слугите на мојот господар, што си ги испратил.
26И сега, господару мој, жив ми Господа и жива да е душата твоја! Господ нема да дозволи да пролеваш крв, а ќе ја задржи раката твоја да не се одмаздуваш; и сега нека бидат како Навал твоите непријатели и овие, кои мислат лошо против мојот господар.
27Еве ги даровите што робинката твоја му ги донесе на својот господар, за да им се разделат на момците, кои му служат на мојот господар.
28Прости ѝ ја вината на робинката своја; Господ бездруго ќе воздигне за мојот господар цврст дом, зашто мојот господар води Господови војни, и во текот на целиот живот твој зло нема да се најде во тебе.
29Ако човекот стане да те гони и да ја бара душата твоја, тоа душата на мојот господар ќе биде сврзана со јазелот на животот кај Господа, твојот Бог, а душата на твоите непријатели Он ќе ја отфрли како од праќка.
30И кога Господ му го направи на мојот господар сѐ она што говореше добро за тебе, и те постави за водач на Израилот,
31за срцето на мојот господар тоа нема да биде огорчение и неспокојство, дека не пролеал напразно крв, и дека се воздржал од одмазда. Господ ќе му направи добро на мојот господар, и ти ќе си спомниш за робинката своја и ќе ѝ направиш милост.«
32А Давид ѝ рече на Авигеја: »Благословен Господ, Бог Израилев, Кој те испрати денес во пресрет мој,
33и благословен да биде твојот разум и благословена да бидеш ти, поради тоа што сега не ме остави да пролевам крв и да се одмаздам за себеси.
34Но, – жив Господ, Бог Израилев, што ме задржа да не ти направам зло, – ако не беше побрзала и не беше дошла во пресрет мој, тоа утре до разденување јас немаше да му го оставам на Навала ни она, што мокри крај ѕид.«
35Тогаш Давид го зеде од рацете нејзни она што му го беше донела, и ѝ рече: »Оди си со мир во домот свој; ете, го послушав гласот твој и го почитав лицето твое.«
36Авигеја дојде кај Навала, и ете, кај него во домот негов гоштевање како царска гозба, и срцето на Навала беше весело; тој беше многу пијан; затоа таа ништо не проговори, ни многу, ни малку, до изутрината.
37А изутрината, кога Навал се истрезни, и жената негова му раскажа за тоа, срцето негово замре, и тој стана како камен.
38По десет дена Господ го порази Навала, и тој умре.
39Чу Давид, дека Навал умрел, и рече: »Благословен Господ, Кој врати за срамот, што ми го нанесе Навал, и Кој го зачува Својот слуга од зло; Господ ја сврти злобата на Навала врз неговата глава.« И Давид испрати да ѝ кажат на Авигеја, дека тој ќе ја земе за жена.
40И Давидовите слуги дојдоа кај Авигеја на Кармил и ѝ рекоа вака: »Давид нѐ испрати кај тебе, за да те земеме за жена.«
41Таа стана и се поклони ничкум до земјата и рече: »Ете, робинката твој е готова да биде слугинка, за да им ги мие нозете на слугите на мојот господар.«
42Авигеја се подготи набрзина, седна на осел и, придружена од пет слугинки, тргна по пратениците на Давида и стана негова жена.
43А Давид ја зеде и Ахиноам од Израел, та и двете му беа жени.
44Саул, пак, му ја даде ќерка си Мелхола, Давидовата жена, на Фалтија, синот на Лаиша, од Галим.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.