2 Летописи 28 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Владеењето на беззакониот цар Ахаз.

1Ахаз беше на дваесет години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим шеснаесет години; и тој не го вршеше угодното во очите Господови, како што правеше таткото негов Давид;

2тој одеше по патот на израилските цареви, и дури направи излеани кипови на Вааловци;

3и тој кадеше во долината на Еномовите синови, и го протеруваше низ огин синовите свои, подражавајќи ги гнасотиите на оние народи, коишто Господ ги прогони пред лицето на Израилевите синови;

4принесуваше жртви и кадеше по оброчиштата и по ридовите и под секое разгрането дрво.

5Затоа Господ, неговиот Бог, го предаде во рацете на сирискиот цар, и Сиријците го разбија и му зедоа многу заробеници, кои ги одведоа во Дамаск. Беше предаден и во рацете на израилскиот цар, и тој му нанесе голем пораз.

6Факеј, син Рамалиев уби во еден ден сто и дваесет илјади Јудејци, луѓе воинствени, затоа што го беа оставиле Господа, Бога на татковците свои.

7А Зихриј, силен јунак од Ефремците, го уби Масеја, царевиот син, и Азрикама, началник на дворот, и Елкана, втор по царот.

8И зедоа синовите Израилеви од браќата свои, Јудејците, двесте илјади жени, синови и ќерки; ограбија и многу плен од нив, и го однесоа ограбеното во Самарија.

9Таму имаше пророк Господов, по име Одед. Тој излезе пред војската, која, одеше во Самарија, и им рече: »Ете, Господ, Бог на татковците ваши, во гневот Свој против Јудејците, ги предаде во ваше рака, и вие ги избивте со таква јарост, која стигна до небесата.

10И сега мислите да ги направите синовите на Јуда и Ерусалим ваши робови и робинки. А зар немате и вие вина пред Господа, вашиот Бог?

11Затоа послушајте ме, и вратете ги плениците, што сте ги заробиле од браќата свои, зашто пламенот на гневот Господов е на вас.«

12И некои од началниците на синовите Ефремови: Азарија, син Јехохананов, Берехија, син Мешилемотов, Езекија, син Салумов, и Амаса, син Хадлеев, застанаа спроти оние што доаѓаа од војна.

13и им рекоа: »Не ги доведувајте плениците тука, зашто би згрешиле пред Господа. Зар мислите да придодадете уште кон гревовите наши и кон престапите наши? Нашата вина е голема, и пламенот на гневот Господов е врз Израилот.«

14И вооружените ги оставија плениците и пленот при воените началници и пред целото собрание.

15И станаа споменатите по име мажи, ги зедоа плениците, и сите што беа голи ги облекоа од ограбеното, – ги облекоа и ги обуа, и ги нахранија, и ги напоија, и ги помазаат со масло, и ги качија на осли сите слаби, и ги испратија во Ерихон, град на палмите, при браќата нивни, и се вратија во Самарија.

16Во тоа време царот Ахаз испрати до асирските цареви да му помогнат,

17зашто Идумејците уште напаѓаа и мнозина избија И пленија во Јудеја,

18а Филистејците се растурија по градовите во низината и во јужна Јудеја и го презедоа Ветсамис и Ајалон, Гадерот и Сохот со потчинетите му градови. Тимна со потчинетите ѝ градови и Гимзо со потчинетите му градови, и се населија таму.

19Така ја понижи Господ Јудеја поради Ахаза, царот јудејски, зашто тој ја разврати Јудеја и тешко грешеше пред Господа.

20И дојде кај него асирскиот цар Теглатфеласар, но му беше од штета, наместо да му помогне,

21зашто Ахаз ги зеде ризниците од домот Господов, од царскиот дом и од кнезовите, и сѐ му даде на асирскиот цар, но и тоа не му помогна туку го ожалости.

22И во таа притеснета положба тој продолжуваше да прави беззаконија пред Господа, тој – царот Ахаз;

23им принесуваше жртви на дамаските богови, мислејќи, дека тие го поразија, па велеше: »Боговите на сириските цареви им помагаат; ќе им принесам жртва, тие и на мене ќе ми помогнат.« Но тие беа за паѓањето негово и на целиот Израил.

24Ги собра Ахаз садовите на домот Божји и ги разби, ја затвори вратата на домот Господов и си изгради жртвеници по сите агли на Ерусалим,

25по сите градови Јудини направи оброчишта, за да кади на туѓи богови, и Го дразнеше Господа, Бога на татковците свои.

26Другите дела и сите негови постапки, првите и последните, се опишани во книгата на царевите јудејски и израилски.

27И почина Ахаз при татковците свои, и го погребаа во градот, во Ерусалим, но не го внесоа во гробниците на израилските цареви. Наместо него стана цар синот негов Езекија.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help