Јов 24 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Гатанка е зошто Бог им попушта на беззакониците.

1»Зошто не се сокриени од Вседржителот времињата? И оние, кои Го знаат, не ги гледаат дните Негови?

2Безбожниците поместуваат меѓи, ограбуваат стада и си ги пасат,

3од сираците одземаат осел, од вдовица вол – за залог;

4сиромаси истуркуваат по патот, сите понизени се принудени да се кријат од нив.

5Ете, како диви осли во пустиња, излегуваат тие по работата своја, стануваат рано за грабеж; пустињата им дава леб за нив и за децата нивни;

6жнеат по туѓи ниви, и берат грозје во туѓи лозја;

7многу голи ноќеваат без покрив и без облека на студ;

8наводенети од горски дождови и, немајќи прибежиште, се притискаат до карпи;

9раздвојуваат сираче од градите на мајката и земаат залог од сиромав;

10ги тераат да одат голи, без облека, и они што носат снопови – ги оставаат да гладуваат;

11оние што маслиновиот елеј им го цедат, они што грозје во каците нивни гмечат – ги измачуваат со жед.

12Во градот луѓето офкаат и душата на убиваните вика, и Бог не го забранува тоа.

13Тие ѝ се противат на светлината, не ги знаат патиштата нејзини и не одат по патеките нејзини.

14На разденување станува убиецот, убива сиромав и беден, а ноќе е крадец.

15И окото на прељубникот чека да се стемни, велејќи: ‚ничие око нема да види,‘ – и го покрива лицето свое.

16Во темнината се провираат под куќите, оние што дење ги забележиле; не знаат за светлина.

17Утрото за нив е смртна сенка, бидејќи им се позанти ужасите на смртната сенка.

18Лесен е таквиот на водната површина, проклет е делот негов на земјата, и не го гледа патот кон лозјата.

19Како што сушата и горештината ја голтаат снежната вода; така пеколот ги голта грешниците.

20Нека го заборави утробата мајчина; нека биде храна за црвите; нека не остане помен за него; како дрво ќе се крши беззаконикот;

21оној кој угнетува бездетна, и на вдовица не ѝ прави добро.

22Тие и силните ги ограбуваат со својата сила; остане ли некој, нема надеж за животот свој.

23Бог им дава во што да се надеваат, но Неговите очи ги гледаат нивните патишта.

24Се креваат високо, – и, ете, веќе ги нема; паѓаат и умираат, како и сите, и како врвовите на класовите се кршат.

25Ако тоа не е така, – кој ќе ме изобличи за лагата и кој ќе ги претвори во ништо зборовите мои?«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help