4 Царства 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Крајот на служењето на пророк Илија. Илија и Охозиј. Оган паѓа од небото.

1По смртта на Ахава, Моав се одметна од Израилот.

2А Охозиј падна низ прозорската решетка на својата горна соба, која е во Самарија, и се разболе. Па испрати пратеници и им рече: »Одете, прашајте го Веелзевула, акаронското божество: ќе оздравам ли од оваа болест?« И тие отидоа да прашаат.

3Тогаш Ангел Господов му кажа на Илија Тесвитецот: »Стани, пресретни ги пратениците на самарискиот цар и кажи им: ‚Зар во Израилот нема Бог, та сте тргнале да го прашате Веелзевула, акаронското божество?‘

4Затоа вака вели Господ: ‚Од постелата на која си легнал, нема да станеш, туку ќе умреш‘«. И отиде Илија и им кажа.

5Се вратија пратениците при Озохија. И тој ги праша: »Зошто се вративте?«

6Тие му одговорија: »Не пресретна еден човек и ни рече: ‚Одете, вратете се при царот, кој ве испратил, и кажете му: вака вели Господ: »зар во Израилот нема Бог, та испраќаш да го прашаш Веелзевула, акаронското божество?« Затоа од постелата на која си легнал, нема да станеш, туку ќе умреш.‘«

7Тој ги праша: »Каков беше на изглед оној човек, што ве пресретна и ви ги кажа тие зборови?«

8Тие му одговорија: »Тој човек целиот беше со влакна и беше опашан преку половината со кожен појас.« Тој рече: »Тоа е Илија Тесвитецот.«

9Тогаш испрати царот при него педесетник со неговите педесетмина. И тој се искачи при него, кога Илија седеше на врвот од гората, и му рече: »Човеку Божји, царот нареди да слезеш.«

10Одговори Илија и му рече на педесетникот: »Ако сум јас човек Божји, нека падне оган од небото и да те изгори тебе и твоите педесетмина.« И падна оган од небото и го изгори него и неговите педесетмина.

11Царот испрати друг педесетник со неговите педесетмина. И тој му проговори и рече: »Човеку Божји, вака вели царот: ‚Слези поскоро!‘«

12Илија одговори и му рече: »Ако сум јас човек Божји, нека падне оган од небото и да те изгори тебе и твоите педесетмина«. И падна оган Божји од небото и го изгоре него и неговите педесетмина.

13Царот испрати по третпат педесетник со неговите педесетмина. Третиот педесетник стана, та дојде, и падна на коленици пред Илија, го молеше и му зборуваше: »Човеку Божји, да не биде презрена душата моја и душата на твоите слуги – овие педесетмина – пред твоите очи;

14Ете, падна оган од небото и ги изгоре двајцата претходни педесетници со нивните педесетмина; но сега да не биде презрена душата моја пред твоите очи!«

15Тогаш му рече Ангелот Господов на Илија: »Оди со него и не плаши се од него.« И тој стана, та отиде со него при царот.

16И му рече: »Вака вели Господ: ‚Поради тоа што испрати пратеници да го прашаат Веелзевула, акаронското божество, како да немаше во Израилот Бог да Го прашаш за словото Негово, – ти нема да станеш од леглото, на кое си легнал, туку ќе умреш.‘«

17И тој умре според словото Господово, што го изрече Илија. И стана цар Јорам, братот на Охозија, место него, во втората година на Јорама, син Јосафатов, цар јудејски, бидејќи оној немаше син.

18Другото за Охозија, она што го извршил тој, е опишано во летописите на израилските цареви.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help