2 Летописи 20 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Победа на Јосафата над Моавците и Амонитите и крај на неговото владеење.

1Потоа Моавците и Амонитите, а со нив и некои од земјата Моавска, појдоа во војна против Јосафата.

2Дојдоа и му јавија на Јосафата, велејќи: »Против тебе доаѓа големо множесто народ од преку море, од Сирија, и веќе се во Асасан-Тамар, односно во Енгеди.«

3Јосафат се уплаши и го сврти лицето свое и Го побара Господа и објави пост во цела Јудеја.

4Се собраа Јудејци да молат за помош од Господа; дојдоа да Го молат Господа од сите Јудини градови.

5И застана Јосафат во собранието на Јудејците и на Ерусалимците во Домот Господов, пред новиот трем,

6и рече: »Господи, Боже на татковците наши! Не си ли Ти Бог на небото? Ти владееш над сите царства на народите; и во Твојата рака е силата и цврстината, и никој не може да устои спроти Тебе!

7Не ли Ти, Боже наш, ги истера жителите на оваа земја, пред лицето на Твојот народ Израилот и му ја даде засекогаш на семето од Авраама, Твојот возљубен?

8Тие се населија во неа и Ти изградија во неа светилиште во Твое име, велејќи:

9‚ако дојде врз нас неволја: меч-погубен, или помор, или глад, ќе застанеме пред овој дом и пред Твоето лице, зашто името Твое е во тој дом; и во маките свои ќе повикаме кон Тебе, и ти ќе нѐ чуеш и ќе нѐ избавиш.‘

10И сега, еве, Амонитите и Моавците и жителите на гората Сеир, преку чии земји не дозволи да преминат Израилците, кога доаѓаа од Египетската земја, па затоа тие ги одминаа и не ги сотреа.

11А, еве, тие ни враќаат сега со тоа, што дошле да не истераат од Твоето наследствено владение, што си ни го дал.

12Боже наш! Суди им Ти. Зашто ние немаме сила против тоа големо множество, што нѐ нападнало и не знаеме, што да правиме; но очите ни се кон Тебе.«

13Сите Јудејци стоеја пред лицето Господово, и нивните мали деца, жените нивни и синовите нивни.

14Тогаш Духот Господов слезе среде собранието врз Јозиила, синот на Захарија, син Ванев, син Јеилов, син Матаниев, Левит од Асафовите синови.

15и рече: »Чујте сите Јудејци и жители ерусалимски, и ти, цару Јосафате! Вака ви вели Господ ваш: ‚Не плашете се и не стравувајте од тоа големо множество, зашто војната не е ваша, туку Божја.

16Излезете утре против нив: ете, тие ќе се искачуваат по ридот Асис, вие ќе ги најдете на крајот на долината, спрема пустињата Јеруил.‘

17Овој пат нема вие да се борите: застанете, стојте и гледајте го спасението од Господа, што ви се испраќа. Јудо и Ерусалиме, не плашете се и не стравувајте! Излезете утре против нив, и Господ ќе биде со вас.«

18Јосафат се поклони со лицето до земја, и сите Јудејци и жители ерусалимски паднаа пред Господа, за да Му се поклонат.

19А левитите од синовите Катови и од синовите Корееви почнаа да Го слават Господа, Бога Израилев, со многу висок глас.

20Утредента станаа рано и тргнаа кон Текојската пустиња, и кога тргнаа, застана Јосафат и рече: »Чујте ме, Јудејци и жители ерусалимски! Верувајте Му на Господа, вашиот Бог, и бидете цврсти; верувајте им на пророците Негови и ќе имате успех.«

21Потоа се посоветува со народот и постави певци пред Господа, тие со своето благолепие, одејќи пред војската, да ја слават светоста и да велат: »Фалете Го Господа, зашто милоста Негова е засекогаш!«

22И кога почнаа да воскликнуваат и да славословат, Господ предизвика несогласност меѓу Амонитите, Моавците и жителите на гората Сеир, што ја беа нападнале Јудеја, и тие беа разбиени:

23зашто Амонитите и Моавците се кренаа против жителите на гората Сеир, и ги биеја и ги истребуваа, а кога завршија со жителите на Сеир, почнаа да се истребуваат едни со други.

24И кога Јудејците дојдоа на ридот при пустињата и го видоа она множесто, а таму – трупови, испружени по земјата, и никој не се беше спасил.

25Дојде Јосафат и народот негов да собираат плен, најдоа кај нив прилично многу и богатство, и облека и скапоцени работи, и собраа толку, што не можеа да носат. Три дни собираа плен – толку многу голем беше тој!

26А на четвртиот ден се собраа во долината на благословението, бидејќи таму Го благословија Господа. Затоа тоа место се вика Долина на благословението и до денес.

27Тогаш сите Јудејци и ерусалимците, на чело со Јосафата, тргнаа да се вратат во Ерусалим радосно, зашто Господ им даде победа над непријателите нивни.

28И дојдоа во Ерусалим со псалтири, гусли и труби пред домот Господов.

29И страв Божји нападна врз сите царства земни, кога слушнаа, дека Сам Господ војувал против непријателите на Израилот.

30И царството Јосафатово се успокои; Господ му даде мир од сите страни.

31Така царуваше Јосафат над Јудеја. Кога стана цар, беше на триесет и пет години, и царуваше во Ерусалим дваесет и пет години. Мајка му се викаше Азува, ќерка Салиева.

32Тој одеше по патот на татка си Аса и не се отстрани од него, вршејќи го она што е угодно пред очите на Господа.

33Само идолските светилишта уште не беа разрушени, народот сѐ уште не го беше свртел срцето свое кон Бога на татковците свои.

34Другите дела Јосафатови, први и последни, опишани се во записите на Јуја, синот Ананиев, кои се внесени во книгата на израилските цареви.

35Но потоа Јосафат, царот јудејски, се здружи со Охозија, цар израилски, кој постапуваше беззаконо;

36се поврза со него, за да градат кораби, што ќе ги испраќаат во Тарсис; а изградија и кораби во Гасион-Гавер.

37Тогаш Елиезер, синот Додиев од Мариса, пророкува за Јосафата и рече: »Бидејќи си се здружил со Охозија, Господ ќе го разруши твоето дело«. И корабите се разбија и не можеа да одат во Тарсис.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help