3. Ездра 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Бог ни приготви рај, а ние одиме по лоши патишта.

1Кога ги изговорив овие зборови, кај мене беше испратен ангелот, кој беше праќан кај мене минатите ноќи,

2и ми рече: »Стани, Ездра, и слушај ги зборовите што дојдов да ти ги кажам.«

3Јас реков: »Говори, Господару мој!« А тој ми рече: »Морето е поставено во просторно место, за да биде неизмерно и длабоко;

4но влезот во него се наоѓа во тесно место, така што прилега на реки.

5Оној што ќе посака да влезе во морето и да го види, или да владее над него, ако не помине низ тесното, како може да стигне до широкото?

6Има и други споредби: градот е изграден и расположен во рамнина и полн е со секакви богатства;

7но влезот во него е тесен и е поставен на стрмнина, така што оддесно има оган а одлево – длабока вода.

8Меѓу нив, односно меѓу огнот и водата има само една патека, на која може да се смести само човечко стапало.

9Ако тој град му се даде за наследство на човекот, као тој може да го добие тоа наследство, ако никогаш не помине преку опасноста, која се наоѓа на тој пат?«

10Јас реков: »Така е, Господи!« А Тој ми рече: »Таков е и делот на Израел.

11За нив Јас го создадов светот; но кога Адам ги наруши Моите наредби, беше наредено да застане она што беше извршено.

12И станаа влезовите на овој свет тесни, болни, мачни, мали, лукави, полни со невојли и бараа многу труд.

13А влезовите во идниот век се широки, безопасни и принесуваат плодови на бесмртност.

14И така, ако оние што влегуваат, кои живеат, не влезат низ таа теснотија и неволја, тие нема да го добијат она што е приготвено.

15Но, зошто се вознемируваш кога си гниежлив и зошто се возбудуваш – кога си смртен?

16Зошто во твоето срце не ја примиш иднината, туку ја примаш сегашноста?«

17Јас одговорив и реков: »Владетлу, Господи, ете, Ти одреди во Твојот закон дека праведниците ќе го наследат тоа и дека грешниците – ќе загинат.

18Затоа праведниците ќе можат да поднесат теснотија, надевајќи се дека ќе бидат на широко, а оние што живеат богопротивно, и откако ќе претрпат теснотија, нема да видат широчина.«

19Тој ми рече: »Нема повисок судија од Бога, никој не разбира повеќе од Севишниот.

20Многумина загинуваат во овој живот затоа што не го примаат Законот Божји што им е предложен.

21Зашто Бог строго им заповеда на оние што доаѓаат, та кога ќе дојдат – што треба да прават, за да бидат живи; што треба да пазат, за да не бидат казнети.

22А тие не послушаа и Му се спротивставија, суетна мисла утврдија во себеси;

23се повлекоа по гревовни измами; рекоа за Севишниот дека Го нема и не ги познаа Неговите патишта;

24законот Негов го презреа, ги отфрлија Неговите ветувања, немаа вера во Неговите обредни наредби, не ги вршеа Неговите дела.

25Ете, затоа, Ездра, за празните – празно, а за полните – полно.

26Еве, ќе дојде време кога ќе се јават знаците, што ти ги претскажав и ќе се јави невестата, а со појавувањето свое ќе се покаже, зашто сега е сокриена во земјата.

27И секој, кој се избави од наброените понапред зла, самиот ќе ги види Моите чудеса.

28Зашто ќе се открие Мојот син Исус заедно со оние што се со Него и другите ќе се насладуваат четиристотини години.

29И по сите тие години ќе умре Мојот Син Христос и сите луѓе што дишат.

30И ќе се врати светот во првобитниот молк седум дена, како што беше понапред, така што никој нема да остане.

31А по седумте дена ќе се разбуди заспаниот свет и лошите ќе умрат.

32Земјата ќе ги предаде оние што спијат во неа, и правот оние кои тивко престојувале во него, а сокровишниците ќе ги предадат душите што им се доверени.

33Ќе се открие Севишниот од судскиот престол; ќе изминат страдањата и ќе се исцрпи долготрпеливоста.

34Само еден суд ќе остане: вистината ќе застане, верата ќе закрепне.

35Потоа ќе дојде делото на отплатата, ќе се открие наградата, ќе се разбуди правдата, ќе престане владеењето на неправдата.«

36Јас реков: »Авраам прв се молеше за Содомците; Мојсеј за – татковците, кои беа згрешиле во пустината;

37по него Исус – за Израел во деновите на Ахана;

38Самуил и Давид – за погубените, а Соломон – за оние што дојдоа за осветувањето;

39Илија – за оние што добија дожд и за мртвиот, за да оживее;

40Езекија – за народот во времето на Сенахирим, и мнозина – за многумина.

41И така, ако тогаш, кога пропаста се беше засилила и кога се беше намножила неправдата, праведните се молеа – за нечесните, зошто тоа да не биде и сега?«

42А Тој ми одговори и рече: »Сегашниот век не е крајот; во него често пребива слава, затоа се молеле за немоќните.

43А судниот ден ќе биде крајот на тоа време и почеток на идното време на бесмртноста, кога ќе си замине распаѓањето,

44ќе биде срушена невоздржливоста, ќе се откине неверието, ќе се издигне правдата и ќе болсне вистината.

45Тогаш никој не ќе може да го избави загинатиот, ниту ќе може да го погуби оној што победил.«

46Јас одговорив и реков: »Еве го мојот прв и последен збор: ќе беше подобро ако на Адам не му беше дадена земјата или, откако му веќе беше дадена, да беше задржан за да не згреши.

47Каква е ползата за човек, кој во сегашниот век живее со скрб, а кога ќе умре – да го чекаат казни?

48О, Адаме, што направи ти? Ти кога згреши, на падна само ти, туку паднавме и ние што произлегуваме од тебе.

49Каква е ползата за нас од тоа што ни е ветено време бесмртно, кога извршуваме смртни дела?

50Иако нам ни е претскажана вечна надеж, ние никаквите – сме создадени суетни.

51Иако нам ни беа приготвени добри и мирни живеалишта, ние живеевме лошо;

52Иако за нас Беше однапред подготвена славата на Севишниот, за да ги покрие оние што живееле кротко, ние одевме по лоши патишта.

53Ќе се покаже рајот, каде што пребива негнилежен плод, и кадешто има спокој и исцеление;

54но ние нема да влеземе во него, зашто ќе живееме по неблагодарни места.

55Лицата на оние, кои имаа воздржливост, ќе болснат посветло од ѕвездите, а нашите лица се поцрни од темнината.

56Ние во нашиот живот, коа вршевме беззаконија, не помислувавме, дека по смртта ќе страдаме.«

57Тој ми одговори и рече: »Тоа е помислата за борбата што треба да ја води човекот, кој е роден на земјата,

58та ако биде победен, да го претрпи она што го кажа ти, ако пак, победи – да го добие она за што говорам Јас.

59Тоа е оној живот, за кој Мојсеј, кога беше жив, му рече на народот, велејќи: избери си живот, за да живееш.

60Но не му поверуваа ни нему, ниту на пророците по него, ниту Ми веруваат Мене, Кој им зборував,

61дека нема да има жалење за нивното загинување, како што ќе има радост за оние, за кои е приготвено спасението.«

62Јас одговорив и реков: »Знам, Господи, дека Севишниот се нарекува милосрден, зашто ќе ги помилува оние што уште не дошле на светов;

63дека е милостив спрема оние што живеат според Неговиот закон.

64Тој е долготрпелив, зашто покажа долготрпеливост спрема оние што згрешија, како спрема Свои созданија.

65Тој е штедар дарител и дава според потребите.

66Тој е многумилостив, зашто ги зголемува Своите милости кон оние што живееле, што живеат сега и што ќе живеат во иднина.

67Бидејќи, ако Тој не ги зголемуваше Своите милости, светот не би можел да продолжи да живее со оние што живеат во него.

68Тој дава дарови, зашто, ако не даруваше според Својата добрина, за да можат оние што направиле гревови, да се олеснат од своите беззаконија, не би можел да остане жив ни еден десетилјаден дел од луѓето.

69Иако Тој како судија, ако не им опростуваше на оние, кои се создадени преку Неговиот збор и не истребеше многу од престапите,

70можеби од безбројното множество, ќе останеа само сосема малкумина.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help