1 Царства 13 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Самуил го казнува Саула за предвремената жртва.

1Беше изминала една година од царувањето на Саула, а две години царуваше Саул над Израилот, кога тој си избра три илјади Израилци:

2две илјади беа со Саула во Махмас и во гората Ветилска, а илјада беа со Јонатан во Гава Венијаминова: а другиот народ тој го испрати по куќите нивни.

3Јонатан ја разби филистејската стража, што беше во Гава; Филистејците слушнаа за тоа, а Саул затруби со труба по целата земја, викајќи: »нека чујат Евреите!«

4Кога сиот Израил чу, дека Саул ја разбил филистејската стража и дека Израил станал намразен за Филистејците, – народот се собра при Саула во Галгал.

5А Филистејците се собраа за војна против Израил: триесет илјади коли и шест илјади коњица, и мноштво народ, како песок на морскиот брег; и дојдоа, та се сместија во Махмас, на исток од Веторон.

6Израилците, откако видоа дека се во опасност, бидејќи народот беше притеснет, се криеја во пештери и теснеци, во камени места, во пукнатини и ровови;

7а некои од Евреите минаа од онаа страна на Јордан, во земјата Гадова и Галадска; Саул, пак, беше уште во Галгал, сиот народ, што беше со него, се беше уплашил.

8И тој чекаше седум дена до рокот, означен од Самуила, но Самуил не доаѓаше во Галгал. И народот почна да се разбегува од него.

9И Саул рече: »Донесете го при мене одреденото за сепаленици и за благодарствени жртви.« И принесе жртва.

10А штом заврши со принесувањето на жртвата, ете кај иде Самуил, и Саул му излезе во пресрет да го поздрави.

11А Самуил запраша: »Што си направил?« Саул одговори: »Видов оти народот се разбега од мене, а ти не дојде во закажаното време, Филистејците пак се беа собрале во Махмас, –

12тогаш си помислив: ‚Сега ќе се спуштат врз мене Филистејците во Галгал, а јас, пак, сѐ уште не сум го прашал Господа,‘ па затоа решив да принесам жртва.«

13И Самуил му рече на Саула: »Лошо си постапил што не си ја исполнил заповедта на Господа, твојот Бог, која ти беше дадена, зашто денес Господ сакаше да го зацврсти царувањето твое над Израилот засекогаш.

14А сега твоето царување не ќе може да опстане: Господ ќе си најде маж според срцето Свое и ќе му нареди да биде водач на народот Негов, зашто ти не го исполни она што ти беше заповедал Господ.«

15И стана Самуил, та отиде од Галгал во Гава Венијаминова, другите, пак луѓе отидоа по Саула против непријателските групи, кои ги нападнаа кога одеа од Галгал во Гава Венијаминова; а Саул ги преброи луѓето, што беа со него, до шестотини души.

16Саул со синот свој Јонатан и луѓето, што се наоѓаа при нив, се улогорија во Гава Венијаминова и плачеа, а Филистејците беа во логорот во Махмас.

17И од филистејскиот логор излегоа три дружини, за да ја опустошуваат земјата: едната тргна по патот за Гофер, во земјата Совал,

18другата дружина тргна по Веторонскиот пат, додека третата појде по патот кон границата на долината Севоим, кон пустињата.

19Во сета Израилска земја немаше ковачи, бидејќи Филистејците се плашеа, да не направат Евреите мечеви или копја.

20И сите Израилци требаше да одат при Филистејците за да ги клепаат своите рала, мотиките, секирите и копачите,

21кога ќе отапеше сечилото на ралата, мотиките, вилите и секирите, или пак требаше да се наострат остените.

22Затоа во текот на војната немаше ниту меч, ниту копје во сиот народ, што беше со Саула и Јонатана, а такви се најдоа само кај Саула и кај синот негов Јонатана.

23И филистејската стража излезе во теснецот во Махмас.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help