Софонија 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Ден на гневот.

1Словото Господово упатено до Софонија, синот на Хусија, син Годолиев, син Амориев, син Езекиин, во деновите на Јосија, син Амонов, цар јудејски.

2Сѐ ќе истребам од земјата – вели Господ;

3ќе ги истребам луѓето и добитокот, ќе ги истребам птиците небески и рибите морски и соблазните заедно со безбожниците; ќе ги истребам луѓето од лицето на земјата, вели Господ.

4И ќе ја протегнам раката Своја врз Јудеја и врз сите жители на Ерусалим; ќе ги истребам од тоа место остатоците на Ваала, името на жреците со свештениците,

5и оние, кои на покривите се поклонуваат на небесната војска, и од поклониците оние што се колнат во Господа и се колнат во својот цар,

6како и оние, што отстапија од Господа, не Го бараат Господа ниту прашуваат за Него.

7Замолкни пред лицето на Господа Бога, зашто близу е денот Господен. Веќе го приготви Господ жртвеното клање, определи и кого да повика.

8Во денот на жртвата Господова Јас ќе ги посетам кнезовите, синовите на царот и сите, што се облекуваат во облеки на другоплеменици;

9ќе ги посетам во оној ден сите, кои го прескокнуваат прагот, што го исполнуваат домот на својот Господ со насилство и измама.

10И во тој ден, вели Господ, ќе има вик при Рибните порти и ридање при другите порти, а и големо уривање на ридови.

11Плачете жители од долниот дел на градот, оти ќе исчезнат сите трговци; истребени ќе бидат сите што носат сребро.

12А во тоа време Јас ќе го разгледам Ерусалим со светило и ќе ги казнам оние, кои седат на своите стражарски места и велат во срцето свое: »Господ не прави ни добро ни лошо«;

13пак ќе станат богатствата нивни пљачка и куќите нивни ќе се запустат, и нема да живеат во нив; и ќе насадат лоза, но вино нема да пијат од неа.

14Близу е денот велик на Господа, близу е – и многу брза: веќе и се слуша гласот на денот Господен. Со горчина ќе завика тогаш дури и најхрабриот.

15Тој ден е ден на гневот, ден на жалост и на тескоба, ден за запустување и уривање, ден на темнина и на мрак, ден облачен и маглив,

16ден на труба и на боен повик против утврдените градови и високите кули.

17И Јас ќе ги притеснам луѓето, и тие ќе одат како слепи, оти згрешија против Господа, и растурена ќе биде крвта нивна како прав, и телата нивни како смет.

18Ни среброто нивно, ниту златото нивно не ќе може да ги спаси во денот на гневот Господен, а од огнот на ревноста Негова ќе биде уништена таа земја, и тоа ќе биде ненадеен крај на сите жители нејзини.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help