1Савската царица, откако чу за славата Соломонова и за името на Господа, дојде да го испита со гатанки.
2Таа дојде во Ерусалим со многу големо богатство: камилите беа натоварени со благопријатни мириси, со многу злато и скапоцени камења; таа дојде кај Соломона и говореше со него за сѐ, што ѝ беше на срцето.
3Соломон ѝ ги објасни сите нејзини зборови, и немаше ништо непознато за царот, што не ѝ го објасни.
4Савската царица ја виде сета мудрост на Соломона, и домот, што тој го беше изградил,
5и јадењата на трпезата негова, и живеалиштата на слугите негови, и држењето на слугите негови, облеката нивна и пехарниците негови, и сепалениците негови, што ги принесуваше во храмот Господов. И повеќе не можеше да се воздржи,
6па му рече на царот: »Вистина е она, што го бев слушала во земјата своја за твоите дела и за твојата мудрост;
7но не верував на зборови, додека не дојдов, и не видоа очите мои: и, ете, мене ни половината не ми беше речено; мудрост и богатство ти имаш повеќе отколку што сум слушала.
8Блажени се твоите луѓе, блажени се и тие твои слуги, што стојат пред тебе секогаш и ја слушаат мудроста твоја!
9Благословен да е Господ, твојот Бог, Кој благоволи да те постави на Израилевиот престол! Господ, поради вечната љубов Своја кон Израилот, те постави за цар, за да вршиш суд и правда.«
10И таа му подари на царот сто и дваесет таланти злато и големо множество благопријатни мириси и скапоцени камења; никогаш уште не беа донесувани толку многу благопријатни мириси, колку што Савската царица му подари на цар Соломона.
11И Хирамовите кораби, што донесуваа злато од Офир, донесоа од Офир големо множество црвено дрво и скапоцени камења.
12И царот направи од тоа црвено дрво потпирки за храмот Господов и за царскиот дом, и гусли и псалтири за пеачите. Никогаш не беше донесувано толку црвено дрво и не беше видено до тој ден.
13Тогаш царот Соломон ѝ даде на Савската царица сѐ, што таа пожела и што посака, посебно од она, што цар Соломон ѝ го подари со рацете свои. И се врати таа во земјата своја, таа и сите слуги нејзини.
14Златото, што му доаѓаше на Соломона секоја година, тежеше шестотини шеесет и шест таланти,
15освен она, што се добиваше од разнесувачите на стока и од тргувањето на трговците и од сите арапски цареви и од обласните управници.
16Цар Соломон направи двесте големи штита од ковано злато, – по шестотини сикли злато се потрошени за секој штит;
17и триста помали штита од ковано злато, – од по три мини злато за секој штит; и царот ги постави во домот од ливанско дрво.
18Царот направи и голем престол од слонова коска и го обложи со чисто злато;
19пред престолот имаше шест степеника; одзади врвот на престолот беше кружен, и од двете страни на седиштето имаше потпирки, а до потпирките стоеја два лава;
20и уште дванаесет лава стоеја таму од двете страни на шесте степеника. Слично нешто немало во ни едно царство.
21Сите садови за пиење кај цар Соломона беа златни, и сите садови во домот од ливанско дрво беа од чисто злато; ништо немаше од сребро, зашто во дните на Соломона среброто не се сметаше за нешто;
22бидејќи царот имаше на морето тарсиски кораби заедно со Хирамовите кораби и во три години еднаш доаѓаа тарсиските кораби и донесуваа злато и сребро, слонова коска, мајмуни и пауни.
23Цар Соломон ги надминуваше сите земни цареви по богатството и мудроста.
24И сите земни цареви сакаа да го видат Соломона, за да ја послушаат мудроста негова, кој Бог ја беше ставил во срцето негово.
25И тие му принесуваа, секој од себеси, дар: сребрени садови, облека, оружје и благопријатни мириси, коњи и маски секоја година.
26Соломон така насобра коњи и коњаници; тој имаше четириесет илјади коли и дванаесет илјади коњаници, кои ги размести по колските градови и при царот во Ерусалим. Тој владееше над сите мориња – од реката до Филистејската земја и до пределите на Египет.
27Царот го направи среброто во Ерусалим рамноцено со обичните камења, а кедрите поради нивното множесто ги направи рамноцени со дивите смокви, што растеа по низините.
28Коњи, пак, донесуваа за царот Соломона од Египет; царските трговци ги купуваа до Кува со пари.
29Купена и донесена до Египет една кола чинеше шестотини сикли сребро, а коњ, – сто и педесет. На ист начин тие со свои раце им ги доставуваа сето тоа на хетејските и арамејските цареви.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.