1По три дена седев под дабот и, ете, од капината, што беше спроти мене, излезе глас и рече: »Ездра, Ездра!«
2Јас реков: »Еве ме, Господи«, и се исправив на своите нозе.
3Тогаш Он ми рече: »Во капина Јас му се открив на Мојсеја и му говорев тогаш кога Мојот народ беше роб во Египет;
4го испратив и го изведов народот Свој од Египет, го доведов на гората Синај и го држев при себе многу дни;
5тогаш му открив многу чудеса и му ги покажав тајните на времињата и крајот, му заповедав и му реков:
6Овие зборови, објави ги, а другите – сокриј ги.
7А сега ти велам тебе:
8Знаците што ти ги покажав, и соновите што ги виде и толкувањата што ги слушна, стави ги во своето срце,
9зашто ти ќе бидеш земен меѓу луѓето и ќе општиш со Мојот Син и со оние што се слични на тебе – додека се свршат времињата.
10Зашто векот ја изгуби својата младост и времињата се приближуваат кон старост,
11оти векот е разделен на дванаесет делови, а десетте делови и половината од десеттиот дел веќе изминале,
12и остана само она што доаѓа по половината по десеттиот дел.
13И така, сега уреди ја твојата куќа и вразуми го својот народ, утеши ги понизените и откажи се од она што гние,
14смртните помисли отстрани ги од себеси, отфрли ги човечките тешкотии, симни ги од себеси слабостите на природата и остави ги настрана тешките за тебе помисли – и подготвувај се да се преселиш од тие времиња.
15Зашто подоцна ќе настанат поголеми неволји, отколку што си ги видел досега.
16Колку светот слабее од старост, толку повеќе ќе се намножува злото за живите;
17уште повеќе ќе се оддалечи вистината, и ќе се приближи лагата. Веќе брза да се исполни видението што го имаше.«
18Тогаш јас одговорив и реков: »Еве, јас сум пред Тебе, Господи;
19ќе отидам, како Ти што ми заповеда, и ќе го вразумам сегашниот народ. Но кој ќе ги научи оние што подоцна ќе се родат?
20Зашто светот лежи во темнива, и оние што се во него се без светлина;
21Твојот закон е изгорен, никој не знае што си направил Ти, нити знаат што треба да прават тие.
22Но ако сум придобил милост пред Тебе, испрати ми го Светиот Дух, за да напишам сѐ што било направено во светот од почетокот, она што било запишано во Твојот закон, та луѓето да можат да го најдат патот, и оние, што ќе посакаат да живеат во последните времиња, да можат да живеат.«
23Он ми одговори и ми рече: »Отиди, свикај го народот и кажи му да не те бара во текот на четириесет дена.
24а ти приготви повеќе штички за пишување и земи ги со себеси Сарија, Даврија, Салемија, Екана и Асиела, тие петмина вешти брзописци,
25па дојди овде. Јас ќе го запалам во твоето срце светилото на разумот, кое нема да изгасне сѐ додека не се сврши она што ќе почнеш да го пишуваш.
26Кога ќе го свршиш тоа, едно објави, а другото – тајно предај им го на мудрите. Утре во овој час ќе почнеш да пишуваш.«
27Тогаш отидов како што ми заповеда Он, го свикав сиот народ и му реков:
28»Израиле, слушај ги овие зборови:
29нашите татковци беа туѓинци во Египет, но беа оттаму ослободени,
30го примија законот на животот, кој не го запазија, кој и вие по нив не го запазивте.
31На вас ви беше дадена земја во наследство и земјата Сион, но вашите татковци и вие вршевте беззаконија и не одевте по патот што ви го заповеда Севишниот,
32а Он, како праведен судија, сега ви го одзеде она што ви беше дарувал.
33Сега вие сте овде и вашите браќа се меѓу вас.
34Ако раководите со вашето чувство, и го поучувате вашето срце, ќе го запазите вашиот живот и по смртта ќе добиете милост.
35Зашто по смртта ќе настане суд, кога ќе оживееме; тогаш ќе бидат објавени имињата на праведниците и делата на грешниците ќе бидат покажани.
36Сега никој да не доаѓа при мене и да не ме бара додека не изминат четириесет дена.«
37Јас ги зедов со себеси петмината мажи, како што ми заповеда Он; отидовме во полето и останавме таму.
38И ете, во вториот ден извика глас кон мене: »Ездра, отвори ја устат и испиј го она, со што ќе те напојам.«
39Ја отворив устата и, ете, ми беше подадена полна чаша, наполнета како со вода, но бојата на тоа што беше во чашата прилегаше на оган.
40Тогаш зедов и се напив; а кога пиев, во срцето ми бликна разум, а во моите гради растеше мудроста, зашто духот мој беше поткрепуван од мојот ум;
41устата моја беше отворен и веќе не се затвори.
42Севишниот им даде разум на петмината мажи; тие пишуваа ноќе според она што им се кажуваше, а што тие не го знаеја.
43Тие јадеа леб ноќе, а јас говорев дење, а и ноќе не молчев.
44Во четириесетте денови беа напишани деведесет и четири книги.
45А кога изминаа четириесетте дена,
46Севишниот рече: »првите книги, што ги напиша ти, изложи ги отворено, за да ги читаат и достојни и недостојни,
47но последните седумдесет книги запази ги, за да им ги предадеш на мудрите меѓу народот,
48зашто во нив е проводникот на разумот, изворот на мудроста и реката на знаењето.« Така и направив.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.