3 Царства 13 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Пророштвото на Јуда; Божјиот човек и пророкот; царот Јеровоам продолжува да оди по лошиот пат.

1И ете, според словото Господово, дојде еден божји човек од Јудеја во Ветил во она време, кога Јеровоам стоеше пред жртвеникот, за да прекади.

2И произнесе кон жртвеникот слово Господово, велејќи: »Жртвенику, жртвенику! Вака вели Господ: ‚ете, во Давидовиот дом ќе се роди син по име Осија; тој ќе ги принесе врз тебе во жртва идолските свештеници, што кадат врз тебе, и ќе изгори врз тебе човечки коски.‘«

3И во оној ден тој покажа знак, велејќи: »А, еве, знак, дека Господ го рекол тоа: ‚овој жртвеник ќе се урне, и пепелта, што е на него, ќе се развее.‘«

4Кога цар Јеровоам го чу словото на Божјиот човек, изговорено пред жртвеникот во Ветил, ја пружи раката од жртвеникот и рече: »Фатете го!« Тогаш раката негова, што ја беше пружил кон него, се здрви и не можеше да ја тргне кон себеси.

5И жртвеникот се урна, и пепелта од жртвеникот се развеа, според знакот, даден од Божјиот човек преку словото Господово.

6И царот Јеровоам му рече на Божјиот човек: »Умилостиви го лицето на Господа, твојот Бог, и помоли се за мене, па да ми се поврати раката.« Човекот божји Го умилостиви лицето Господово, и раката се поврати и стана како порано.

7Тогаш царот му рече на божјиот човек: »Дојди со мене дома да се поткрепиш; ќе ти дадам да јадеш, и ќе ти донесам подарок.«

8Но Божјиот човек му одговори на царот: »Да ми дадеш и половина од домот свој, нема да дојдам со тебе, нема да јадам леб и нема да пијам вода во тоа место,

9зашто така ми е заповедано преку словото Господово: ‚не јади таму леб, не пиј вода и не се враќај по патот, по кој си одел.‘«

10И тој тргна по друг пат и не се врати по оној пат, по кој беше дошол во Ветил.

11Во Ветил живееше еден пророк – старец. Синовите негови дојдоа и му раскажаа сѐ, што беше направил оној ден Божјиот човек во Ветил; тие му ги раскажаа на татка си и зборовите, што тој му ги беше кажал на царот.

12И татко им ги праша: »По кој пат си отиде?« А синовите му покажаа, по кој пат тргна Божјиот човек, што дошол од Јудеја.

13Тогаш тој им рече на синовите свои: »Оседлајте ми го оселот.« Тие му го оседлаа оселот, и тој се качи на него.

14И тргна по Божјиот човек, и го најде како седи по еден даб, и го праша: »Ти ли си Божјиот човек, што доаѓа од Јудеја?« Оној одговори: »Јас сум.«

15Тогаш му рече: »Дојди кај мене дома и касни леб.«

16Оној му одговори: »Не можам да се вратам со тебе и да дојдам при тебе; нема да јадам леб и нема да пијам вода кај тебе во ова место,

17зашто преку словото Господово му е речено: ‚не јади леб и не пиј вода таму, и не се враќај по патот, по кој си одел.‘«

18Тој му рече: »И јас сум таков пророк како тебе и ангелот ми говореше преку словото Господово и рече: ‚врати го во домот свој; нека касне леб и нека пие вода.‘« Но тој го излага.

19И оној се врати со него, касна леб во куќата негова и се напи вода.

20Кога тие уште седеа на трпезата, би словото Господово кон пророкот, што го беше вратил.

21И тој изговори кон Божјиот човек, што беше дошол од Јудеја и рече: »Вака вели Господ: ‚затоа што не се покори на устата Господова и не ја запази заповедта, што ти ја беше дал Господ, Бог твој,

22туку се врати, јадеше леб и пиеше вода на ова место, за кое Он ти беше рекол – не јади леб и не пиј вода, телото твое нема да влезе во гробницата на татковците твои.‘«

23Откако оној јадеше леб и се напи вода, тој го оседла оселот за пророкот, што го беше вратил.

24И оној си замина. На патот го сретна лав и го умртви. Телото му лежеше испружено на патот; оселот, пак, стоеше до него, а лавот стоеше до телото.

25И ете, минувачите го видоа телото, испружено на патот, и лавот како стои до телото; и отидоа, та раскажаа во градот, во кој живееше пророкот – старец.

26Откако го чу тоа пророкот, што го беше вратил од патот, рече: »Тоа е оној човек Божји, што не ја послуша устата Господова; Господ го предаде на лав, што го нападнал и го усмртил, според словото Гсоподово, што му беше кажано.«

27И им рече на синовите свои: »Оседлајте ми го оселот.« И го оседлаа.

28Тој отиде и го најде телото негово испружено на патот; а оселот и лавот стоеја до телото; лавот не беше го изел телото и не беше го раскинал оселот.

29Тогаш пророкот го крена телото на човекот Божји, го стави на оселот и го однесе назад. И пророкот – старец тргна кон градот свој, за да го оплаче и погребе.

30И го положи телото негово во својата гробница и плачеше за него: »Леле, брату мој!«

31Откако го погреба, тој им рече на синовите свои: »Кога ќе умрам, погребете ме во гробницата, во која е погребан Божијот човек, до неговите коски положете ги моите коски,

32зашто ќе се исполни словото, што по заповед на Господа тој го кажа за жртвеникот во Ветил и за сите идолски светилишта во самарските градови.«

33И по овој настан Јеровоам не се одврати од лошиот пат свој, туку продолжи да поставува идолски свештеници од народот; кого сакаше, него го посветуваше, и тој стануваше идолски свештеник.

34Тоа го водеше Јеровоамовиот дом во грев, кон пропаст и кон истребувањето негово од лицото на земјата.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help