Товит 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Товит ослепува

1Кога се вратив во мојот дом и откако ми беа вратени мојата жена Ана и мојот син Товиј, на празникот Педесетница, во светата седмица над седмиците, беше приготвена добра гозба и седнав да јадам.

2Откако видов многу јадења, му реков на мојот син: »Отиди и доведи кого ќе најдеш од сиромашните наши браќа, кој си спомнува за Господа, а јас ќе те почекам.«

3Тој се врати и рече: »Татко мој, еден од нашето племе задавен е и фрлен на плоштадот.«

4Тогаш јас, пред да почнам да јадам, брзо излегов и го однесов во една куќа до зајдисонце.

5Кога се вратив, се измив и натажен го јадев лебот свој.

6Тогаш си спомнав за пророштвата на Амос, кој рекол: »Празниците ваши ќе се претворат во жалост и сите ваши веселби – во плач.«

7И плачев, а откако зајде сонцето, отидов, ископав гроб и го погребав.

8Моите соседи се подбиваа со мене и велеа: – Тој уште не се плаши оти ќе биде убиен за таа работа; еднаш веќе беше во бегство за тоа, а ете, пак погребува мртовци -.

9Истата таа ноќ, откако се вратив од погребот, бидејќи нечист, легнав да спијам зад ѕидот на дворот, и лицето мое не беше покриено.

10Не забележав дека на ѕидот имало врапци. И додека моите очи беа отворени, врапците испуштија врз нив нешто топло и на моите очи се покажаа бели дамки. Одев кај лекари, но тие не можеа да ми помогнат. Ахијахар ми испраќаше храна, сѐ додека не појдов во Елимаида.

11Мојата, пак, жена Ана во женските одделенија предеше волна,

12и испреденото им го испраќаше на богати луѓе, кои ѝ плаќаа за тоа, а еднаш ѝ подарија и едно јаре.

13Кога го донесе дома кај мене, јарето почна да врека; јас ја прашав жена ми: »Од каде ти е ова јаре? Да не си го украла? Врати им го на оние чие е, зашто не е дозволено да се јаде она што е крадено.«

14Таа ми одговори: »Ми го подарија откако ми платија.« Но јас не ѝ верував и настојував да им го врати на оние, и се налутив. А таа ми одговори, велејќи: »Каде се твоите милосрдни и праведни дела? Ете како се пројавија сите тие во тебе!«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help