Псалми 105 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Благодарствена песна за милост Божја кога Израилот згрешил.

1Славете Го Господа, зашто е благ, зашто Неговата милост е вечна.

2Кој ќе ја искаже силата на Господа, кој ќе ја извести сета похвала Негова?

3Блажени се оние што го чуваат законот и вршат правда во секое време.

4Сети се на нас, Господи, во благоволението Свое кон Твојот народ; посети нѐ со Твоето спасение,

5за да ги видиме во добрини Твоите избраници, за да се развеселат со веселбата на Твојот народ, за да се пофалат заедно со Твоето наследство.

6Згрешивме ние со татковците наши, правевме беззаконија, вршевме неправда.

7Нашите татковци во Египет не ги разбраа Твоите чудеса, не ги помнеа многуте милост Твои и се побунија кога се приближија до Црвеното Море.

8Но Он ги спаси заради името Свое, за да им ја покаже силата Своја.

9Му се закани на Црвеното Море, и тоа се исуши; и ги преведе по бездните како по пустиња;

10и ги спаси од рацете на оние што ги намразија и ги избави од рацете на непријателите.

11Водите ги покрија нивните непријатели; не остана ниеден од нив.

12И тие поверуваа на зборовите Негови и Му испеаја похвала.

13Но побрзаа, ги заборавија делата Негови, не го дочекаа Неговото решение;

14се занесоа од похотливоста во пустињата, па Го искушуваа Бога во безводната земја.

15Он го исполни нивното барање, он прати пораз за душите нивни.

16Му позавидоа на Мојсеја во логорот и на Арона, светецот Господов.

17Се отвори земјата, го голтна Датан и ја покри дружината Авиронова.

18И пламна оган врз нив, и пламенот ги изгори грешниците.

19Направија теле на Хорив и му се поклонија на идолот.

20Ја заменија својата славасо образ на теле, што јаде трева.

21Го заборавија Бога, својот Спасител, Кој изврши големи дела во Египет,

22чудесни во Хамовата земја, страшни при Црвеното Море.

23И рече дека ќе ги истреби, но Мојсеј, Неговиот избраник, се застапи за нив во пукнатината, за да ја отстрани јароста Негова, та да не ги погуби.

24Тие ја презреа саканата земја, не Му веруваа на зборот Негов;

25и роптаа во шаторите свои, не го слушаа гласот Господов.

26Он крена рака против нив, за да ги погуби во пустињата,

27да го расее нивното семе меѓу народите и да ги растури по земјите.

28Тие се придружија кон Ваал – Фегор и јадеа жртви, принесувани на бездушните,

29Го дразнеа Бога со делата свои, и на нив падна погибел.

30Но стана Финес и Го умилостиви и поморот престана.

31И тоа му се прими за правда од род во род довека.

32И Го разгневија Бога при водите на расправија, кај Мерива, и Мојсеј настрада заради нив,

33зашто тие го преогорчија духот негов, и тој згреши со устата своја.

34Не ги истребија народите, за кои им беше рекол Господ,

35туку се смешаа со незнабожците и свикнаа на нивните дела;

36им служеа за нивните идоли, а тоа беше соблазна за нив,

37и ги жртвуваа синовите свои и ќерките свои на бесовите;

38и приливаа невина крв, крвта на синовите свои и на ќерките свои, што им ги жртвуваа на ханаските идоли, за земјата се извалка од таа крв;

39се осквернија со делата свои, блудствуваа со постапките свои.

40Се разгоре гневот на Господа против Неговиот народ, и Му омрзна наследството Негово,

41па ги предаде во рацете на непријателите и завладеаја над нив оние што ги мразеа.

42Непријателите нивни ги притеснуваа, и тие се смируваа под нивната рака.

43Многупати ги избавуваше, но тие Го лутеа со упорноста своја, па беа понижувани поради своите беззаконија.

44Но Он погледна на нивната жалост, кога ги слушаше нивните молби,

45си спомна на Својот завет со нив, се сожали поради големата милост Своја;

46па разбуди сострадание спрема нив кај оние што ги беа заробиле.

47Спаси нѐ, Господи, Боже наш, и собери нѐ од незнабожците, за да го славиме Твоето свето име, да се фалиме со Твојата слава!

48Нека е благословен Господ, Бог Израилев, отсекогаш досекогаш! И сите луѓе нека велат: Амин! Амин! Алилуја.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help