1И би слово Господово до мене:
2»Сине човечки, ти живееш среде отстапнички дом: тие имаат очи да гледаат, а не гледаат имаат и уши да слушаат, но не слушаат; затоа што се тие дом отстапнички.
3А ти, сине човечки, приготви си сѐ што е потребно за преселување и сред бел ден пресели се пред очите нивни, пресели се од твоето место во друго место, пред очите нивни; можеби, тие ќе разберат, макар што се дом отстапнички.
4И работите твои изнеси ги како работи потребни за преселување, дење пред очите нивни, и сам излези вечерта пред очите нивни, како тие што излегуваат за преселување.
5Пред очите нивни пробиј си отвор во ѕидот и изнесувај низ него.
6Пред очите нивни земи го товарот свој на рамо, па во приквечерина изнеси го, подзатскриј го лицето свое, за да не ја видиш земјата; затоа што Јас те поставив за знак на домот Израилев.«
7И извршив како што ми беше заповедано; работите нужни при преселувањето ги изнесов дење, а вечерта прокопав со раката отвор во ѕидот и во темнината го изнесов товарот, и го кренав на рамо пред очите нивни.
8Утредента рано би слово Господово до мене:
9»Сине човечки, не му кажа ли ти на домот Израилев, домот отстапнички – што вршиш?«
10Кажи им – вака вели Господ Бог: »Тоа е предвесник за началникот на Ерусалим и за целиот дом Израилев, кој е таму.«
11Кажи: »Јас сум знакот за вас; она што го вршам јас, тоа ќе биде и со нив, при преселувањето, во ропство ќе отидат тие.
12А началникот, што е меѓу нив во темнина, носејќи на рамо, ќе излезе. Ѕидот ќе го пробијат за да го изнесат низ него; тој ќе го сокрие лицето свое, така што со очите свои нема да ја види оваа земја.
13А Јас, ќе ја спрострам врз него Мојата мрежа, и тој ќе биде фатен во мојата примка, и ќе го одведам во Вавилон, во земјата Халдејска, но тој нема да ја види, и таму ќе умре.
14А сите што се околу него, неговите помошници, и сета војска ќе ја развеам по сите ветрови, и ќе го извадам мечот по нив.
15И ќе познаат тие, дека Јас сум Господ, Оној Кој ги распрсна меѓу народите и ги развеа по земјите.
16Но еден мал број од нив Јас ќе го запазам од меч, глад и помор, за да им ги раскажуваат на народите, при кои ќе отидат, сите гадотии; и ќе познаат, дека Јас сум Господ.«
17И би слово Господово до мене:
18»Сине човечки, јади го лебот со трепет, и водата пиј ја со треперење и со мака.
19И кажи му на народот од оваа земја: вака вели Господ Бог за жителите на Ерусалим, за земјата на Израилот; тие ќе го јадат лебот со жал и водата ќе ја пијат во очајание, зашто поради неправдата на сите што живеат во неа, земјата ќе биде лишена од секакво изобилие.
20И ќе бидат разорени населените градови, и земјата ќе стане пуста, и ќе познаете дека Јас сум Господ.«
21И би слово Господово до мене:
22»Сине човечки, каква е таа поговорка кај вас во земјата Израилева: ‚Многу денови ќе изминат и секое пророчко видение ќе изчезне?‘«
23Затоа кажи им – вака вели Господ Бог: »Ќе ја уништам таа поговорка, и нема веќе тие да ја употребуваат таа поговорка во Израилот; но, кажи им – блиски се деновите и извршувањето на секое пророчко видение.
24Оти нема веќе да остане попусто ниедно пророчко видение, и ниедно предвестување нема да биде лажно во домот на Израилот.
25Зашто Јас, Господ, го зборувам ова: и зборот, кој Јас го кажувам ќе се исполни, и нема да биде одложен; во ваши денови, доме отстапнички, реков збор, и ќе го исполнам«, вели Господ Бог.
26И би слово Господово до мене:
27»Сине човечки, ете, домот Израилев вели: пророчкото видение, што го виде тој, ќе се изврши по многу денови и тој пророкуваше за далечни времиња.«
28Затоа кажи им: вака вели Господ Бог: »Ниеден Мој збор нема да биде одложен, но зборот, што ќе го кажам Јас, ќе се изврши,« вели Господ Бог.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.