1Тогаш Јудита падна ничкум, си ја посипа главата со пепел и го фрли костретот од себеси што го носеше. И токму тогаш, кога во Ерусалим, во домот на Господа, кадеа со вечерен темјан, таа, пак. извика со висок глас кон Господа и рече:
2»Господи, Боже на мојот татко Симеона, чија рака Ти ја вооружи со меч да им се одмазди на туѓинците, кои заради срам беа соблекле една девојка, и ги разголија бедрата и ја осквернија утробата нејзина за срам. Ти рече дека тоа не смеат да го направат, но сепак тие го направија.
3Затоа ги предаде нивните кнезови да бидат заклани. Постелата нивна што ја виде измамата нивна – ја облеа со крв. Ти удри по робовите и господарите; удри по владелите на нивните престоли.
4Нивните жени на грабеж ги предаде и ќерките во ропство, а сиот грабеж им го даде на синовите возљубени од Тебе, кои ревнуваа со Твојата ревност, се одвратија од нечистотијата на нивната крв и на помош Тебе Те повикаа. О, Боже, Боже мој, послушај ме мене, вдовицата!
5Ти си го направил и она што беше пред тоа, а ќе го направиш И она што ќе биде по тоа, а на ум го имаш и сегашното и идното; што си намислил – тоа и станува.
6Тоа што си го намислил, тоа и се јавува, велејќи: ‚Еве, ме!‘ Сите Твои патишта се подготвени, а Твоите одлуки се предвидени од Тебе.
7Еве, Асирците се намножија во својата сила, се гордеат со своите коњи и со коњаниците, се гордеат со силните раце на пешаците; се надеваат на штитот, копјето, лакот и праќката, а не знаат дека Ти си Господ, Кој ги уништува војните.
8Името Твое е Господ. Скрши им ја нивната сила со Твојата моќ, уништи ја нивната сила со гневот Твој, зашто наумија да го осквернат Твоето светилиште, да се подбијат со мирното живеалиште, каде живее Твоето преславно име: со железо да го скршат рогот на Твојот жртвеник.
9Види ја нивната надуеност, а гневот Твој прати го врз нивните глави, а на мојата вдовичка рака дај ѝ сила да го направам она што сум го намислила.
10Со устата на мојата итрина порази го слугата заедно со водачот, а водачот заедно со неговиот слуга. Скрши ја нивната гордост со раката на една жена.
11Зашто Твојата сила не е во множеството, ниту во моќните е Твојата моќ; Ти си Бог на смирените. Ти си помошник на понизните, застапник на немошните, покровител – на паднатите духом И спасител на очајаните.
12Боже на мојот татко, Боже на наследството Израилево, Господаре на небото и земјата, Создателе на водите, Царе на секое Твое создание! Послушај ја молитвата моја!
13Зборот мој, и итрината моја, направи ги рана за оние што намислиле страотии против Твојот завет, против Твојот свет дом, против Сион и против домот на Твоите синови.
14Вразуми го сиот Твој народ и секое племе, за да видат дека Ти си Бог, Бог на секаква сила и крепост и дека Израилот нема друг заштитник освен Тебе.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.