1Во она време, кога Господ сакаше да го вознесе Илија на небото во виор, Илија со Јелисеја доаѓаше од Галгал.
2И му рече Илија на Јелисеја: »Остани тука, зашто Господ ме испраќа во Ветил.« Но Јелисеј рече: »Жив Господ и жива ти душа! Нема да те оставам.« И отидоа во Ветил.
3И излегоа при Јелисеја синовите пророчки, што беа во Ветил, и му рекоа: »Знаеш ли, дека денес Гсопод ќе го вознесе твојот господар над главата твоја!« Тој одговори: »И јас знам, молчете.«
4И му рече Илија: »Јелисее, остани тука, зашто Господ ме испраќа во Јерихон.« А тој рече: »Жив Господ и живе ти душа! Нема да те оставам.« И дојдоа во Јерихон.
5Тогаш се приближија синовите пророчки, што беа во Јерихон, и му рекоа: »Знаеш ли, дека денес Господ го зема твојот господар и ќе го вознесе над главата твоја?« Тој одговори: »И јас знам, молчете.«
6Пак му рече Илија на Јелисеја: »Остани тука, зашто Господ ме испраќа во Јордан.« А тој рече: »Жив Господ и жива ти душа! Нема да те оставам.« И тргнаа обајцата.
7Педесет души од синовите пророчки тргнаа и застанаа подалеку спроти нив, а тие двајца стоеја при Јордан.
8Тогаш го зеде Илија кожувот свој, го свитка и удри со него по водата, и таа се раздели на две страни, па така и двајцата минаа по суво.
9Кога минаа, Илија му рече на Јелисеја: »Барај, што сакаш да ти направам, пред да бидам земен од тебе.« Јелисеј одговори: »Духот, кој е во тебе, да биде двојно во мене.«
10А тој рече: »Бараш нешто многу тешко; ако видиш, како ќе бидам земен од тебе, така ќе ти биде; ако, пак, не видиш, нема да ти биде.«
11Како што одеа и си разговараа по патот, наеднаш се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија се понесе во виорот кон небото.
12А Јелисеј гледаше и извика: »Оче мој, оче мој, кола на Израилот и негова коњица!« И веќе не го виде. Па ја фати облеката своја, и ја раскина на две парчиња.
13И го крена тој кожувот на Илија, што беше паднал од него, па се врати и се запре крај брегот на Јордан;
14го зеде кожувот на Илија, што беше паднал од него, удри со него по водата, и рече: »Каде е Господ, Бог Илиев? Он Самиот?« И удри по водата, а таа се раздели на две страни, и Јелисеј помина.
15И го видоа од далеку синовите пророкови, што беа во Јерихон и рекоа: »Илиевиот дух слезе врз Јелисеја.« Му излегоа во пресрет и му се поклонија до земја.
16И му рекоа: »Ете, во нас, твоите слуги, има педесет души силни мажи; нека одат тие да го побараат господарот твој; можеби, Духот Господов го однел и го фрлил на некоја гора, или во некој дол.« А тој рече: »Немојте да испраќате!«
17Но тие настојуваа пред него многу, та му здодеаја, па им рече: »Испратете!« И испратија педесет души, кои бараа три дена, но не го најдоа,
18и се вратија при него, додека тој беше во Јерихон; и тој им рече: »Нели ви говорев: не одете!«
19Тогаш жителите на градот му кажаа на Јелисеја: »Ете, како што гледаш, господару, положбата на овој град е добра; но водата е лоша и земјата е бесплодна.«
20А тој рече: »Дајте ми нова чаша и турета во неа сол.« И му дадоа.
21Тој отиде при изворот на водата, ја фрли во неа солта и рече: »Вака вели Господ: ‚Јас ја направив здрава таа вода; и во иднина нема да доаѓа од неа ни смрт, ни бесплодност.‘«
22И водата остана здрава до денес, според зборот, што го кажа Јелисеј.
23Оттаму тој отиде во Ветил. Кога одеше по патот, мали деца излегоа од градот, му се потсмеваа и му велеа: »Врви, ќелавко! Врви, ќелавко!«
24Тој се сврти, ги виде и ги проколна во името Господово. Тогаш излегоа од гората две мечки и раскинаа од нив четириесет и две деца.
25Оттука отиде на гората Кармил, а оттаму се врати во Самарија.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.