Исход 29 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Осветување на свештениците и жртвеникот. Жртва секојдневна.

1»А еве што да направиш над нив, за да ги посветиш за Мои свештеници да Ми свештенодејствуваат: земи теле од говедата и два овна здрави,

2и весквасни лебови, замесени со масло, и питки бесквасни намачкани со масло; од брашно пченично направи ги.

3Стави ги во една кошница, и принеси ги во кошницата, заедно со телето и двата овна.

4Доведи го Арона и синовите негови пред влезот на скинијата на сведоштвото, и измиј ги со вода.

5А откако ќе ги земеш светите одежди, облечи го Арона, братот твој, во хитон и во ефод, со ефодот и со наградникот и опаши го преку ефодот;

6стави му ги на глава кидарот, а на кидарот прицврсти го венецот на светоста.

7И земи елеј за помазание, излеј на главата негова и помажи го.

8Потоа доведи ги синовите негови и облечи ги во хитоните.

9И опаши ги со појаси, и стави им ги кидарите на главата, па свештенството нека им припаѓа вечно. Така ќе ги посветиш рацете на Арона и на неговите синови.

10Потоа доведи го телето пред врата на скинијата на сведоштвото, и Арон и синовите негови нека ги положат рацете свои врз главата на телето, пред Господа.

11И заколи го телето пред Господа, при вратата во скинијата на сведоштвото,

12и земи крв од телето и со твојот прст помажи ги роговите на жртвеникот, а остатокот од крвта, сета излиј ја во подножјето на жртвеникот.

13Потоа земи го сиот лој што ја обвива внатрешноста, кошулката на црниот дроб и обата бубрега со лојот околу нив, и запали ги на жртвеникот.

14А месото од телето, кожата негова и нечистотиите изгори ги на оган надвор од таборот. Тоа е жртва за гревот.

15Потоа земи го едниот овен, и Арон и синовите негови нека ги положат рацете свои врз главата на овенот;

16па заколи ги, земи крв од него и со неа полиј го жртвеникот од сите страни;

17овенот, пак, исечи го на делови, измиј ја внатрешноста и нозете негови во вода, и стави ги расечените делови со главата,

18и изгори го целиот овен на жртвеникот. Тоа е жртва сепаленица пред Господа за мирис благопријатен, жртва на Господа.

19Земи го потоа и другиот овен, та Арон и синовите негови нека ги положат рацете свои на главата на овенот;

20заколи ги и земи од неговата крв, па помажи го со неа крајчето од десното уво на Арона, и крајчето на десната рака на Арона, и крајчето и крајот од десното уше на синовите негови, а и палецот на десната рака нивна, и палецот од десната нога нивна; а со крвта, што ќе преостане, попрскај го жртвеникот од сите страни.

21Потоа земи од крвта, што е на жртвеникот и елеј за помазание, и попрскај го Арона и одеждите негови, и синовите негови и одеждите нивни – па ќе бидат осветени тој и одеждите негови, и синовите негови и одеждите на синовите негови со него; крвта од овенот излиј ја веднаш на жртвеникот наоколу.

22Освен тоа, земи лој од овенот и лојта што ја обвива внатрешноста негова, како и кошулката од црниот дроб и обата бубрега и лојта што е на нив, и десната плешка; тоа е овен за посветување;

23и еден леб со масло, и една питка од кошницата со бесквасни лебови, приложена пред Господа.

24Сето тоа стави го врз рацете на Арона и врз рацете на синовите негови, и принеси го тоа пред Господа како жртва приносна со подигање.

25Потоа земи им го тоа од рацете нивни, и принеси го на жртвеникот, над жртвата сепаленица, за да биде мирисот благопријатен пред Господа: тоа е принос пред Господа.

26И земи ги градите од овенот за Ароновото посветување и донеси ги како жртва приносна пред Господа – и тоа ќе биде твој дел.

27Така ќе ги осветиш градите како жртва вртена и плешките како жртва вознесена, што се оддели од овенот на приносот отсечена за посветување на Арона и на синовите негови;

28и тоа нека биде за Арона и за синовите негови вечен закон од синовите Израилеви, бидејќи тоа е вознесение; тоа вознесение треба да го прават синовите Израилеви при благодарствените жртви; нивното вознесение е дар за Господа.

29А светите одежди Аронови по него нека преминат на синовите негови, за да бидат во нив помазувани и во нив да се посветуваат за свештеници.

30Седум дена нека се облекува во нив великиот свештеник, оној, кој на неговото место ќе биде свештеник од синовите негови, кој ќе влегува во скинијата на сведоштвото за да служи во светилиштето.

31А овенот за посветување земи го и месото негово свари го на светото место;

32и Арон и синовите негови нека го изедат месото од тој овен со лебовите од кошницата при влезот во скинијата на сведоштвото.

33Нека јадат од она што послужило за нивното посветување, рацете да им бидат исполнети со власт и да бидат посветени; но човек друг да не јаде, зашто тоа е света работа;

34а и ако остане нешто од месото на жртвата за посветување, или од лебовите до изутрина, остатокот изгори го на оган; тоа не треба да се јаде, зашто е осветувано.

35И направи така со Арона и со синовите си онака како што ти заповедав. Седум дена посветувај ги рацете нивни.

36Теле заради гревовите да принесуваш во денот на очистувањето; и да го очистиш жртвеникот, кога осветуваш на него, и помажи го за да биде осветен.

37Седум дена ќе го очистуваш жртвеникот и ќе го осветуваш, и жртвеникот ќе бидеа свјатаја свјатих; секој што ќе се допре до жртвеникот, ќе се освети.

38А еве што ќе принесуваш на жртвеникот: две јагниња здрави од една година, секој ден на жртвеникот жртва без прекин.

39Едното јагне принесувај го наутро, а другото принесувај го навечер;

40и уште по една десетина ефа пченично брашно измешано со четврт ин масло, а за преливање – четврт ин вино, за едно јагне;

41а другото јагне принесувај го навечер: како утринската жртва, и со си за преливање принесувај го, за да биде мирисот благопријатен принос на Бога.

42Тоа нека биде постојана жртва во поколенијата ваши пред вратата од скинијата на сведоштвото пред Господа, каде што ќе ти се јавувам, за да зборувам со тебе.

43И таму ќе им се јавувам на синовите Израилеви, и ќе се осветува местото со славата Моја.

44А ќе ги осветам скинијата на сведоштвото и жртвеникот; и Арона и синовите негови ќе ги осветам, за да Ми свештенодејствуваат.

45Ќе пребивам меѓу синовите Израилеви и ќе им бидам Бог,

46и ќе познаат дека Јас сум Господ, Бог нивни, Кој ги изведов од земјата Египетска за да пребивам меѓу нив. Јас сум Господ, Бог нивни.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help