1На браќата наши Јудејци во Египет – поздрав! »Браќата Јудејци во Ерусалим и во целата Јудејска земја ви пожелуваат добар мир.
2Бог нека ви даде добро и нека си го спомне својот завет со верните Свои слуги: Авраама, Исака и Јакова!
3Да ви даде срце да Го почитувате и да ја исполнувате Неговата света волја со сето срце ваше и со сета душа ваша.
4Да ви ги отвори вашите срца за Својот закон, за Своите повелби и да ви дарува мир!
5Да ги чуе вашите молитви, да биде милостив спрема вас и да не ве напушта во време на неволја!
6Така се молиме сега за вас.
7Во времето кога царуваше Димитриј, во сто шеесет и деветтата година, ние, Јудејците ви бевме пишале во жалост и страдања, што нѐ постигнаа во тие години, кога Јасон и неговите истомисленици се беа одметнале од светата земја и од царството,
8кога ја беа запалиле големата порта и пролеале невина крв. Тогаш Му се молевме на Господа и бевме услишани; принесувавме жртви и брашнени приноси, ги палевме светилниците и принесувавме лебови.
9А сега празнувајте го празникот Сеници, во месецот Хаслев.«
10Во сто осумдесет и осмата година, од оние што живеат во Ерусалим и во Јудеја, старешините и Јуда до Аристовула, учителот на царот Птоломеј, кој произлегува од родот на помазаните свештеници и до Јудејците што живеат во Египет – поздрав.
11Избавени со Божја помош од многу опасности, ние Му благодариме свечено затоа што можевме да му се противпоставиме на царот,
12зашто Он ги изгони оние што го беа нападнале светиот град.
13Бидејќи, кога царот дојде во Персија и со него неговата војска, која се сметаше непобедлива, тие беа поразени во храмот на Нанеја преку измама, со која се послужија жреците на Нанеја.
14Односно, Антиох, под изговор дека има намера да се ожени со Нанеја, отиде на она место, заедно со своите пријатели, за да земе пари како мираз.
15Жреците на Нанеја ги изнесоа парите, а кога Антиох со неколкумина души влезе во храмот, свештениците го затворија светилиштето,
16па, штом го отворија тајниот отвор на сводот, почнаа да фрлаат камења и го убија заповедникот и оние што беа со него, ги исекоа на парчиња и, откако им ги пресекоа главите, ги фрлија пред оние што беа надвор.
17За сето ова нека е благословен нашиот Бог, Кој ги предаде безбожниците на смрт.
18И така, бидејќи имаме намера на дваесет и петтиот ден од месецот Хаслев да го празнуваме очистувањето на храмот, сметавме за потребно да ви јавиме, та и вие да го празнувате празникот Сеници и празникот на огнот, установен од Неемија, кога тој, отакако го изгради храмот и жртвеникот, принесе жртва.
19Зашто, кога нашите татковци биле одведени во Персија, тогаш побожните свештеници зеле тајно оган од жртвеникот, го сокриле во длабината на еден пресушен бунар и го покриле, така што никој не можел да го најде тоа скришно место.
20И, откако изминале многу години, кога Му било угодно на Бога, Неемија, испратен таму од персискиот цар, го побарал тој оган од потомците на оние свештеници што го сокриле. А кога го известиле дека таму не нашле оган, туку само густа вода,
21тој им заповедал да нацрпат од таа вода и да му донесат; кога ги приготвиле жртвите, Неемија им рекол на свештениците со таа вода да ги поросат и дрвата и жртвите што биле ставени врз нив.
22Само што го направиле тоа, изгреало сонцето, кое дотогаш било покриено со облак, вивнал силен оган, така што сите се зачудиле.
23Додека горел огнот, свештениците и сиот народ се молеле: молитвата ја започнувал Јонатан, а Неемија заедно со другите ја продолжувале.
24А еве ја содржината на молитвата: »Господи, Господи Боже, Создателе на си, Ти си страшен и силен, праведен и милостив, единствен Цар и единствен Добротвор,
25единствен Дарител на си, единствен праведен, сесилен и вечен, Ти го избавуваш Израилот од секакво зло, Ти си ги избрал нашите татковци и си ги осветил!
26Прими ја оваа жртва за сиот Твој израилски народ, запази го овој Твој дел и освети го;
27собери ни нас распрснатите, ослободи ги оние што им робуваат на незнабошците, милостивно погледај на понизените и презрените, та да разберат оти си Ти нашиот Бог;
28казни ги оние што ни измачуваат и гордо што ни жалостат;
29насели го народот Твој на Твоето свето место, како што рекол Мојсеј.«
30За тоа време свештениците пееле свечени песни.
31Кога жртвата ќе изгорела, Неемија заповедал со другата вода да ги полијат големите камења.
32А кога го направиле тоа, избувнал силен пламен, но од светлината, која изгреала од жртвеникот, тој исчезнал.
33Штом се разбрало за овој настан и кога за него бил известен и персискиот цар, оти на тоа место, каде што преселените свештеници го сокриле огнот, се нашла вода, со која Неемија и оние што биле со него, го осветиле жртвеникот,
34царот, откако ја испитал работата, наредил тоа место да се огради како свето.
35На оние, на кои им го дал, им ги оставил и големите приходи што ги имал од тоа место.
36Оние, пак, што биле со Неемија тоа место го нарекле Нетар, што значи: очитсување; а многумина го нарекуваат и Нетај.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.