1А Филистејците го зедоа ковчегот Божји и го пренесоа од Авен-Езер во Азот.
2Го зедоа Филистејците ковчегот Божји, го внесоа во Дагоновиот храм и го поставија до Дагона.
3На другиот ден, откако станаа Азотците рано, ете, Дагон лежи ничкум на земја пред ковчегот Господов. И го зедоа Дагона и го поставија пак на местото негово.
4На следниот ден, откако станаа утрината, ете, Дагон пак лежи ничкум на земја пред ковчегот Господов; главата на Дагона, обете стапала на нозете и обете дланки на рацете негови беа пресечени, секоја одделно, и лежеа на прагот; само трупот на Дагона беше останал.
5Поради тоа жреците Дагонови и сите други, кои доаѓаа во домот на Дагона во Азот, не стапнуваат на прагот Дагонов до ден денешен.
6И раката Господова се протегна врз Азотците, и Бог го порази и ги казни со лоши пликови во Азот и околните места негови, а во земјата се накотија глувци, и во градот имаше голем смут.
7Откако го видоа тоа Азотците, рекоа: »Да не остане ковчегот на Бога Изрилев кај нас, зашто тешка Му е раката и за нас и за нашиот бог Дагон.«
8И испратија, та ги собраа при себе сите филистејски кнезови и рекоа: »Што да правиме со ковчегот на Бога Израилев?« А тие рекоа: »Нека се пренесе ковчегот на Бога Израилев во Гет.« И го испратија ковчегот на Бога Израилев во Гет.
9Откако го пренесоа, раката Господова дојде врз градот и направи ужас мошне голем, и ги порази Господ градските жители од мал до голем, и се појавија на нив израстоци.
10Затоа тие го испратија ковчегот Божји во Аскалон. И кога ковчегот Божји дојде во Аскалон, Аскалонците извикаа и рекоа: »Го донесоа при нас ковчегот на Бога Израилев, за да ни помори нас и народот наш.«
11И испратија, та ги собраа сите филистејски кнезови и рекоа: »Испратете го ковчегот на Бога Израилев; нека се врати на местото свое, за да не нѐ помори нас и народот наш.« Зашто се појави смртен страв: по целиот град раката Божја силно се протегна врз нив, откако ковчегот на Бога Израилев дојде тука.
12И оние, што не умреа, беа поразени со пликови, така што пискотот од градот се издигаше до небото.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
