1Слушајте го словото, кое Господ ви го кажува, доме Израилев!
2Вака вели Господ – не одете по патот на незнабошците и не плашете се од небесните знаци, од кои се бојат незнабошците.
3Бидејќи наредбите од народите се суетни: отсекуваат дрво во гората, го изделкуваат човечки раце,
4го украсуваат со сребро и злато, го прицврстуваат со клинови и со чекан за да не се ниша.
5Тие богови се како столб, измазнет на струг, и не говорат; нив ги носат, оти не можат да одат. Не плашете се од нив, оти тие не можат да направат зло, но и добро не можат да направат.
6Нема сличен на Тебе, Господи! Ти си велик и името Твое е велико со Твојата моќ.
7Кој не ќе се бои од Тебе, Царе над народите, зашто само Тебе Ти припаѓа тоа; бидејќи меѓу сите мудреци кај народите и во сите царства нема сличен на Тебе.
8Сите тие до еден се неразумни глупави; дрвото е суетно учење.
9Среброто ковано во листови се носи од Тарсис, златото од Уфаз, дело на мајстор и на леар; облеклото нивно е од порфир и кадифе; сето тоа е дело на вешти луѓе.
10А Господ Бог е вистина; Он е жив Бог и вечен Цар. Од Неговиот гнев трепери земјата, и народите не можат да го издржат Неговото негодување.
11Така речете им: боговите што не ги направиле небото и земјата ќе исчезнат од земјата и од под небесата.
12Он ја создаде земјата со силата Своја, ја утврди вселената со мудроста Своја и со разумот Свој ги распростре небесата.
13Од гласот Негов шумат водите небески, и Он ги крева облаците од краиштата земни, создава молскавици среде дожд и изведува ветар од живеалиштето Свое.
14Секој човек станува безумен во своето знаење, се срамува секој леар со идолот свој, бидејќи она што го излеал е лага, и во него нема дух.
15Тоа е суета, дело на заблуда; во времето на посетата нивна тие ќе исчезнат.
16Делот на Јакова не е како нивниот; бидејќи неговиот Бог е создател на сѐ, а Израилот е жезал на неговото наследство; името Му е Господ Саваот.
17Прибери си го имотот свој од земјата, ти која ќе седиш во опсада.
18Оти вака вели Господ: еве, овој пат ќе ги исфрлам жителите од оваа земја и ќе ги одведам во тесно место, за да ги фатат.
19Тешко мене во маката моја; лута е раната моја, но јас си велам – »навистина тоа е моја болка и јас ќе ја поднесувам;
20шаторот ми е опустошен и сите мои врвци се скинати; децата мои бегаат од мене, и ги нема: нема веќе кој да го распне шаторот мој и да ги постави завесите мои;
21бидејќи пастирите станаа безумни и не Го бараат Господа, па затоа и тие постапија неразумно, така што целото стадо им се распрсна.«
22Ете, се слуша глас и голема врева од северната страна за да ги направи градовите на Јудеја пустиња, живеалиште на шакали.
23Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои.
24Казни ме Господи, но по правда, не во гневот Свој, за да не ме сотреш.
25Излеј ја јароста Своја врз народите, кои не Те познаваат, и врз племињата, што не го призовуваат името Твое; оти тие го изедоа Јакова, го проголтаа и го истребија и живеалиштето му го опустошија.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.