1. Макавејска 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Александар и неговите наследници.

1Александар Македонски, синот на Филип, кој тогаш веќе беше господар на Грција, излезе од земјата Хетим и го победи Дариј, персискиот и индискиот цар и се зацари место него.

2Тој водеше многу војни, презеде многу утврдени места и порази многу цареви.

3Дојде до крајот на земјата и ограби многу народ; целата земја молкна пред него, а тој се издигна и срцето негово се возгордеа.

4Тој собра многу силна војска, и завладеа над многу краишта, народи и владетели и тие му станаа негови поданици.

5Најпосле падна во постела и, откако почувствува дека ќе умре,

6ги повика своите доверливи, кои заедно со него се беа воспитувале во младоста, и додека уште беше жив, и им го раздели царството.

7И така, откако царуваше дванаесет години, Александар умре.

8А неговите великодостојници владееја секој во својата област.

9По неговата смрт сите тие се зацарија, ставија круни на своите глави, а по нив и нивните синови во тек на многу години и злото го умножија на земјата.

10Од нив произлезе коренот на гревот: Антиох Епифан, синот на царот Антиох, кој беше заложник во Рим. Тој се зацари во сто триесет и седмата година на грчкото царство.

11Во оние денови излегоа во Израел луѓе измамници, кои почнаа да го убедуваат народот, велејќи: »Ајде да склучиме сојуз со околните народи, зашто откако се одделивме од нив, многу зла нѐ постигнаа.«

12И овие зборови на многумина им се допаднаа.

13Неколкумина од народот отидоа кај царот и тој им даде право да живеат според паганските обичаи.

14Тие изградија во Ерусалим училиште според паганскиот обичај.

15Го напуштија обрезанието и отстапија од светиот завет; се соединија со безбожниците и се продадоа, за да прават зло.

16Кога Антиох виде дека царството негово се зајакнува, намисли да го покори и царството египетско, за да владее над двете царства;

17па со голема сила навлезе во Египет, со бојни коли и слонови, со коњаници и со многу бродови.

18Започна војна против египетскиот цар Птоломеј, кој се исплаши од него, па почна да бега и тогаш паднаа многу ранети.

19Така тој завладеа над многу утврдени градови во Египет.

20По победата над Египет во сто четириесет и третата година, Антиох се врати, се крена против Израел и со сета своја силна војска влезе во Ерусалим.

21Влезе гордо во светилиштето и ги ограби златниот жртвеник, свештеникот, сите негови свети садови,

22трпезата на предложението, мијалниците, чиниите, златните кадилници и завесата, венците и златниот украс, кој беше надвор од храмот и однесе сѐ.

23Го однесе сето сребро и злато, сите скапоцени садови и тајните ризници што ги беше нашол.

24И, откако ограби, се врати во својата земја, изврши многу убиства и говореше со голема горделивост.

25Во Израел, во сите негови места настана голем лелек.

26Стенкаа началници и старешини, изнемогнаа младичи и девојки и свена женската убавина.

27Секој младоженец се фрлаше во плач; а невестата во брачната одаја седеше натажена.

28Се тресеше целата земја и целиот дом на Јаков се облече во срам.

29Откако изминаа две години, царот го испрати даночниот началник во израелските градови, кој дојде во Ерусалим со силна војска.

30Најанпред им зборуваше за мирот лукаво и тие му поверуваа, но ненадејно го нападна градот, му нанесе големо зло и уби многу израелци.

31Зеде голем плен, градот го запали и ги урна и куќите и градскиот ѕид.

32Одведе во ропство многу жени и деца, ограби многу добиток.

33Потоа изградија околу градот на Давид голем ѕид, со високи кули и тој стана нивна тврдина.

34Во неа настанија безбожни и лоши луѓе и тие тука многу се засилија.

35Таму натрупаа оружје, храна и сѐ што беа ограбиле во Ерусалим; и таа стана непријателско гнездо.

36Тоа беше постојана заседа за светилиштето и зол непријател на Израел.

37Проливаа невина крв околу светилиштето и го осквернуваа.

38Поради нив жителите на Ерусалим се разбегаа и тој стана живеалиште на туѓинци; чедата негови градот свој го напуштија.

39Светилиштето запусте како пустина, празниците се претворија во плач, саботите негови – во навреда, а честа – во бесчестие.

40Како некогаш славата негова – срамот му се зголеми, а величината негова – во жалост се претвори.

41Царот Антиох испрати проглас во целото свое царство, дека сите негови поданици треба да бидат како еден народ,

42та секој својот закон да го напушти. И сите народи на царската наредба се покорија.

43Многумина од Израел неговото идолослужење го прифатија, им принесуваа жртви на идолите и саботата ја осквернија.

44Царот преку свои гласници испрати заповед во Ерусалим и во сите градови на Израелската земја, дека треба да живеат според новите обичаи;

45во светилиштето веќе да не се принесуваат жртви сепаленици, приноси и жртви леаници и да се откажат од своите саботи и празници;

46да ги осквернат светилиштето и светињите,

47да прават жртвеници и храмови идолски и на идолите да им жртвуваат свињи и нечисти животни,

48синовите свои да ги остават необрезани, душата нивна да ја валкаат со нечистотија и гадотија,

49за да го заборават законот и сите наредби да ги изменат.

50Ако, пак, некој не постапи според царските зборови, на смрт да биде предаден.

51Таква наредба испрати по целото свое царство и постави надѕиратели над народот, а на сите јудејски градови им заповеда да принесуваат жртви.

52Ним им се придружија многумина од народот, сите што го напуштија законот и направија зло во земјата;

53и го принудија Израел да се собира на скришни места.

54Во петнаесеттиот ден во месецот Хаслев, во сто четириесет и петтата година, изградија жртвеници во сите јудејски градови и врз нив ја изгради; гнасотија на пустошењето;

55а пред вратите на куќите и по улиците кадеа со темјан;

56каде наоѓаа книги на Законот – ги кинеа и во оган ги гореа;

57а кога ќе откриеја дека некој има книга на Заветот и дека живее според неа, тогаш, според царската заповед, го убиваа.

58Вакво насилство над Израел правеа секој месец кога тие доаѓаа во градовите.

59Во дваесет и петтиот ден од секој месец, кога принесуваа жртви на жртвеникот, кој беше над олтарот,

60според царската заповед, ги убиваа сите жени што своите деца ги обрезале;

61доенчињата им ги бесеа на вратовите нивни, куќите им ги ограбуваа и ги убиваа оние што го извршиле обрезанието.

62Па сепак, многумина Израелци останаа неопколебливи и покажаа храброст – ништо нечисто не јадеа;

63повеќе сакаа да умрат, отколку да се осквернат од нечиста храна, и умираа – за да не похулат на светиот завет.

64Навистина, страшен беше гневот над Израел.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help