3 Царства 20 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Опсадата на Самарија; победата на Израилците.

1Сирскиот цар, синот Адеров, ја собра сета војска своја, и со него имаше триесет и двајца цареви, и коњи и коли, и отиде, па ја опседна Самарија и војуваше против неа.

2И испрати пратеници до Израилскиот цар Ахав во градот,

3и му рече: »Вака вели сирискиот цар: твоето сребро и твоето злато се мои, и твоите жени и најдобрите твои синови се мои.«

4Израилскиот цар одговори и рече: »Нека биде според зборот твој, господару мој, царе; јас и сѐ што е мое е твое.«

5Претениците повторно дојдоа и рекоа: »Вака вели Адад: испратив да ти кажат, дај ми го среброто свое и златото свое, жените свои и синовите свои.

6Затоа, утре, во ова време, ќе ги испратам при тебе слугите свои да ја пребараат твојата куќа и куќите на твоите слуги, и да го земат в раце и да го изнесат сѐ што е скапо за очите твои.«

7Израилскиот цар ги повика сите старешини во земјата и рече: »Размислете и гледајте, па тој крои зло; кога испрати при мене за жените и синоивте мои, за среброто и златото мое, јас не му откажав.«

8И сите старешини и сиот народ му одговорија: »Не слушај и не се согласувај!«

9Потоа тој им одговори на Ададовите пратеници: »Кажете му на мојот господар, царот: сѐ, за кое ти испрати првиот пат по твојот слуга, готов сум да го направам, но ова не можам да го направам.« Тогаш претениците си отидоа и му однесоа одговор.

10И Адад испрати и му порача: »Нека ми направат тоа и тоа боговите и уште повеќе да ми направат, ако самариската пепел биде доволна по еден грст за сите луѓе што одат по мене.«

11Израилскиот цар одговори и рече: »Кажете му да не се фали оној, кој се опашува како оној, што се распашува.«

12Кога ги чу тие зборови Адад, кој пиеше во шаторите заедно со царевите, им рече на слугите свои: »Опседнувајте го градот!« И го опседнаа градот.

13И ете, еден пророк пристапи до израилскиот цар Ахав и рече: »Вака вели Господ: го гледаш ли ова цело големо множество? Еве, денес ќе го предадам во твои раце, за да знаеш дека Јас сум Господ.«

14Ахав запраша: »Преку кого?« Тој одговори: »Вака вели Господ: ‚преку слугите на градските водачи.‘« А Ахав пак праша: »Кој ќе ја почне битката?« Тој му одговори: »Ти.«

15Ахав ги преброи слугите на градските водачи, и се најде дека се двесте и триесет и двајца; по нив го преброи сиот народ, сите израилски синови, и тие беа седум илјади.

16тие тргнаа околу пладне. А Адад се беше напил во шаторите заедно со царевите, со триесет и двајцата цареви, кои му помагаа.

17Најнапред тргнаа градските водачи. И прати синот Адеров да му соопштат на сирискиот цар дека излегле луѓе од Самарија.

18Тој рече: »Ако се излезени за мир, фатете ги живи; ако, пак, се излезени да војуваат, пак фатете ги живи!«

19Слугите на градските водачи излегоа од градот, а по нив и војската.

20И секој го убиваше својот противник: Сириците почнаа да бегаат, а Израилците ги гонеа. Сирискиот цар се спаси на коњ со коњицата.

21Израилскиот цар излезе, ги заплени коњите и колите и им нанесе голем пораз на Сирците.

22Тогаш пророкот пристапи до израилскиот цар и му рече: »Оди, поткрепи се, па знај и гледај, што ќе правиш, зашто по една година сирскиот цар пак ќе излезе против тебе.«

23И му кажаа на сирскиот цар слугите негови: »Нивниот Бог е Бог на горите, а не Бог на долините, затоа нѐ победија; но, ако се удриме со нив во рамнина, бездруго ќе ги надвиеме;

24И така, еве што ќе направиш: отстрани ги царевите секој од местото негово и место нив постави градски водачи;

25и собери си толку војска, колку што изгина, и коњи, и коли, колку што имаше; ќе се удриме со нив во рамнина и тогаш бездруго ќе ги надвиеме.« Тој го послуша гласот нивни и направи така.

26По една година Адад собра Сирци и тргна кон Афек, за да се удри со Израилот.

27Собрани беа и Израилевите синови и, откако си зедоа храна, тргнаа против нив. Израилевите синови се сместија пред нив како две мали стада кози, а Сирците ја исполнија земјата.

28Тогаш Божјиот човек се приближи и му рече на израилскиот цар: »Така вели Господ: ‚бидејќи Сирците велат, дека е Господ Бог на горите, а не Бог на долините, ќе го предадам во рацете твои целото тоа големо множество, за да знаете, дека Јас сум Господ.‘«

29И тие стоеја улогорени едни спроти други седум дена. На седмиот ден почна борбата, и Израилевите синови испотепаа сто илјади пешаци Сирци во еден ден.

30Другите избегаа во градот Афек; таму падна ѕидот врз другите дваесет и седум илјади луѓе. Адад, пак, влезе во градот и бегаше од една скривница во друга.

31Тогаш неговите слуги му рекоа: »Сме слушале, дека царевите од Израилевиот дом се милостиви цареви; дозволи ни да го препашаме со вреќиште крстот свој, да ставиме јажиња околу главите свои и да отидеме при израилскиот цар; можеби тој ќе го запази животот твој.«

32Тие го препашаа крстот свој со вреќиште, ставија околу главите свои јажиња и дојдоа при израилскиот цар, па рекоа: »Твојот слуга Адад вели: ‚Поштеди го животот мој.‘« Оној праша: »Зар е тој жив? Тој ми е брат.«

33Тие луѓе го примија тоа како добар знак и брзо го зедоа зборот од устата негова и рекоа: »Адад е твојот брат.« А тој им рече: »Одете и доведете го.« Тогаш Адад излезе пред него, а тој го качи до себе во колата.

34И му рече Адад: »Градовите, што таткото мој ги презеде од твојот татко, ќе ги вратам, и ти можеш да имаш за себе плоштади во Дамаск, како што имаше татко ми во Самарија.« Ахав одговори: »Со договор ќе те пуштам.« И, откако склучи договори со него, го пушти.

35Тогаш еден од пророковите синови според словото Господово му рече на еден од своите другари: »Тепај ме!« Но тој човек не се согласи да го бие.

36Тогаш му рече: »Поради тоа што не го послуша Господовиот глас, ќе те умртви лав, кога ќе си отидеш од мене.« Тој си отиде од него, и лав го сретна и го умртви.

37Тој најде друг човек и рече: »Биј ме!« Оној човек го биеше толку многу, што му направи рани од тепањето.

38Тогаш пророкот тргна и застана пред царот на патот, покривајќи ги очите со покривало.

39Кога царот минуваше, тој извика кон царот и рече: »Твојот слуга одеше во борба, и ете, еден човек, откако се тргна настрана, доведе при мене човек и рече: ‚Варди го овој човек; ако не го зачуваш, душата твоја ќе оди место неговата душа, или ќе треба да одмериш талант сребро.‘

40Кога слугата твој се зафати со едни и други работи, тој се изгуби.« А израилскиот цар му рече: »Таква ти е пресудата; ти сам си ја решил.«

41Тој тогаш го симна покривалото од очите свои, и царот го позна, дека е од пророците.

42И му рече: »Вака вели Господ: затоа што го пушти од рацете свои човекот, што го бев предал на проклетство, твојата душа ќе оди место неговата душа, и твојот народ – место неговиот народ.«

43Израилскиот цар си замина во домот свој возбуден и огорчен и стигна во Самарија.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help