Јеремија 17 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Позив за празнување на саботата.

1Гревот на Јуда е напишан со железно длето, со врв од дијамант е врежано врз плочите на срцето нивно и врз роговите на нивните жртвеници.

2Та синовите нивни да се сеќаваат на нивните жртвеници и на нивните светилишта покрај зелените дрвја, на високи ридови.

3Мојата гора во полето, имотот твој, и сите твои драгоцености ќе ги предадам на разграбување, и твоите идолски светилишта – за твоите гревови во сите твои предели.

4И ти поради себеси ќе се лишиш од наследството свое, што ти го бев дал, и ќе те пратам во ропство кај твоите непријатели, во земјата, која ти не ја познаваш, заради тоа што вие го разгоревте огнот на Мојот гнев, он ќе гори вечно.

5Така вели Господ: проклет да е оној човек, што се надева на човек и кој телото свое го смета за сила, и чие срце се клони од Господа.

6Тој ќе биде како троскот во пустиња и нема да види кога ќе дојде доброто, па ќе се насели во топли пустињски места, во неплодна земја и негодна за живеење.

7Благословен е оној човек, кој се надева на Господа, и кому надежта му е Господ.

8Затоа што тој ќе биде како дрво посадено крај води, што ги пушта корењата свои покрај потокот; тоа не знае кога настанува припек; лисјата му се зелени, и во време на суша не се плаши и не престанува да дава плод.

9Лукаво е човечкото срце повеќе од сѐ и е наполно расипано; кој ќе го разбере?

10Јас, Господ, проникнувам во срцето и ја испитувам утробата, за да му дадам на секого според патот негов и според плодовите на делата негови.

11Јаребицата лежи врз јајца што не ги снесла: таков е оној, кој со неправда спечалува богатство; тој ќе го остави во половината до животот свој и ќе стане глуп пред крајот свој.

12Престолот на славата, возвишен уште од почетокот, е место за нашето осветување.

13Ти си, Господи, надеж Израилева; сите оние, кои Те оставаат нека се засрамат. »Кој отстапува од Мене нека биде запишан на земјата, зашто го оставија Господа, изворот на жива вода.«

14Исцели ме Господи, и исцелен ќе бидам; спаси ме, и спасен ќе бидам, зашто Ти си моја похвала.

15Еве, тие ми велат: »каде е словото Господово? нека дојде!«

16Јас не брзав да станам пастир при Тебе и не го сакав бедниот ден, Ти го знаеш тоа; што излезе од устата моја, откриено е пред лицето Твое.

17Не биди страшен за мене, Ти си надеж моја во лош ден.

18Нека се засрамат гонителите мои, но јас нема да се посрамам; нека затреперат, а јас нема да затреперам; испрати врз нив злочест ден и уништи ги со двојно уништување.

19Така ми вели Господ: оди и застани пред портите на синовите народни, низ кои влегуваат царевите јудејски и низ кои излегуваат, и пред сите ерусалимски порти,

20па речи им: цареви јудејски, цела Јудејо и сите ерусалимски жители, вие, кои влегувате низ овие порти, чујте го словото Господово.

21Вака вели Господ: пазете ги душите свои и не носете товар во саботен ден и не внесувајте го низ портите ерусалимски,

22и не изнесувајте товар од куќите свои и во саботен ден и не вршете никаква работа, но саботниот ден сметајте го за свет ден така, како што сум им заповедал на татковците ваши,

23кои, пак, не послушаа и не го приклонија увото, туку станаа тврдоглави, за да не слушаат и да не примаат поука.

24И, ако ме послушате, вели Господ, да не носите товар во саботен ден низ портите на овој град и саботата да ја сметате за света, во тој ден не вршејќи никаква работа,

25тогаш низ портите на овој град ќе влегуваат цареви и кнезови, кои ќе седат на Давидовиот престол, кои ќе се возат во коли и ќе јаваат на коњи, тие и кнезовите нивни, Јудејци и ерусалимски жители, тогаш овој град ќе биде вечно населен.

26Па ќе доаѓаат од градовите јудејски, од ерусалимската околина и од земјата на Венијамина, од рамнините, од планините и од југ, и ќе принесуваат сепаленици и жртви, лебен принос, ливан и благодарствени жртви во домот на Господа.

27Ако, пак, не Ме послушате, за да го сметате саботниот ден како свет и да не носите товар, кога влегувате низ ерусалимските порти во саботен ден, тогаш ќе запалам оган пред портите негови, и тој ќе ги проголта куќите ерусалимски и нема да угасне.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help