Римјаните 5 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Чудесни работи оправдани преку верата. Гревот и смртта во светот доаѓаат преку Адама, оправдувањето и животот – преку Исуса Христа.

1И така, бидејќи оправдани со верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исуса Христа,

2преку Кого со верата добивме и пристап кон оваа благодат, во која стоиме, и се фалиме со надежта во славата Божја.

3Но не само тоа, туку се фалиме и со маките, знаејќи, дека од маката се раѓа и трпението;

4од трпението, пак – искуство, а од искуството – надеж;

5надежта, пак, не посрамува, зашто љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свети, Кој ни беше даден.

6Оти, уште кога бевме немоќни, Христос во определено време умре за безбожниците.

7За праведник одвај ли некој да умре; за добар, можеби, некој и да се реши да умре.

8Но, Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни.

9Затоа сега, откако се оправдавме со крвта Негова, многу повеќе ќе се спасиме преку Него од гревот.

10Оти, ако како непријатели, се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син, тогаш уште повеќе ќе се спасиме преку Неговиот живот, откако сме се помириле.

11И не само тоа, туку и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исуса Христа, преку Кого добивме сега помирување.

12Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија;

13бидејќи и пред Законот имаше грев во светот; но гревот како таков не се смета, кога нема закон.

14Смртта, пак, царува од Адама та дури до Мојсеја и над оние што не погрешија со престапи, слични на Адамовите, кој е образ на Оној што ќе дојде.

15Но дарот не е како престапувањето. Зашто, ако преку престапувањето на еден изумреа мнозина, тогаш Божјата благодат и дарот преку благодатта на единствениот Човек, Исуса Христа, уште повеќе преизобилно ќе се излие врз мнозина.

16И дарот не е како гревот на еден што погрешил, зашто судењето за еден престап води кон осудување, а дарот – од многу престапи кон оправдување.

17Бидејќи, ако со престапувањето на еден смртта царува преку едниот, тоа многу повеќе оние, што ја примија благодатта и дарот изобилно, ќе царуваат во животот преку Единиот Исус Христос.

18И така, како што преку престапувањето на еден човек дојде осудувањето на сите луѓе, така и преку правдата на Единиот дојде оправданието за живот на сите луѓе.

19Оти, како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе станат праведни.

20А Законот се додаде, за да се умножи престапувањето. Каде што, пак, се умножува гревот, благодатта се јавува во голема изобилност,

21та, како што гревот царува, предизвикувајќи смрт, така и благодатта да се зацари со правда за живот вечен, преку Исуса Христа, нашиот Господ.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help