Исаија 14 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Ослободувањето на Израилците.

1Блиско е времето негово, нема да задоцнат дните негови; зашто Господ ќе го помилува Јакова и пак ќе го засака Израилот; ќе ги насели во земјата нивна, ќе се присоединат кон нив туѓинци и ќе се прилепат кон домот Јаковов.

2Ќе ги земат народите и ќе ги одведат на местото нивно; домот Израилев ќе ги присвои на земјата Господова како робови и робинки, ќе ги земе во плен своите пленители и ќе владее над своите угнетувачи.

3Во оној ден, кога Господ те оттргна од скрбта твоја, од стравот и од тешкото ропство, под кое беше заробен,

4ти ќе запееш победничка песна против вавилонскиот цар и ќе речеш: како исчезна мачителот и прекина тиранијата!

5Господ го скрши жезлото на нечесните, скиптарот на владетелите,

6кој јаросно ги поразуваше народите со бескрајни удари, гневно владееше над племињата свои со незадржливо прогонување.

7Целата земја здивна, почива, воскликнува од радост;

8и кипарисите се радуваат за тебе и кедрите ливански, велејќи: откако заспа ти, никој не доаѓа да нѐ сече.

9Пеколот адски се раздвижи заради Тебе, за да Те пречека при Твоето влегување; со Тебе се разбудија сите водачи на земјата; изместувајќи ги сите цареви незнабожечки од престолите нивни.

10Сите тие ќе ти говорат: и ти стана бессилен како нас! И ти стана сличен на нас.

11Гордоста ти е симната во пеколот, со сиот твој шум; под тебе има гнилеж за постилка, а црви се твојата покривка.

12Како падна ти од небото, Денице, сине на зората! Се разби од земјата ти, кој ги угнетуваше народите.

13А во срцето свое си велеше: »Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот од северот;

14ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам сличен на Севишниот.«

15Но ти си соборен во пеколот, во дното на адот.

16Оние што ќе те видат, ќе се загледадат во тебе, ќе си речат за тебе: тое ли е човекот, што земјата ја разнишуваше и царства потресуваше,

17вселенеата во пустиња ја претвори и ги разрушуваше градовите нејзини, робовите не ги пушташе по домовите нивни?

18Сите цареви на народите, сите почиваат со чест, секој во својата гробница;

19а ти си фрлен надвор од гробот како отпадок, како облека на убиени, на погубени со меч, што ги спуштаат во камени гробници, – како изгазен труп,

20нема да се соединиш со нив во гробот; зашто ти ја разори земјата своја, го уби народот свој: племето на злодејците засекогаш нема да се спомне.

21Гответе клање за синовите негови поради беззаконието на таткото нивни, за да не востанат и да не завладеат со земјата и да не ја наполнат вселената со непријатели.

22»И ќе станам против нив, вели Господ Саваот, и ќе го истребам името на Вавилон и целиот остаток – и син, и внук, вели Господ.

23И ќе го направам ежово владение и кал, ќе го изметам со истребувачка метла, вели Господ Саваот.«

24Со клетва вели Господ Саваот: »Како што намислив, така и ќе биде; како што решив, така и ќе стане,

25за да го погубам Асура во Мојата земја и да го изгонам од Моите гори; ќе падне од нив јаремот негов, и товарот ќе се симне од рамењата нивни.«

26Такво е решението, определено за целата земја, и еве ја раката, протегната врз сите народи;

27зашто Господ Саваот решил, и кој може да го измени тоа? Раката Негова е протегната, – и кој ќе ја врати?

28Во годината, кога умре царот Ахаз, имаше вакво пророчко слово:

29»Немој да се радуваш, земјо Филистејска, дека е скршен жезалот, кој те поразуваше, зашто од змискиот корен ќе излезе отровница и плодот нејзин ќе биде змеј што лета.

30Тогаш најбедните ќе бидат нахранети, немоќните ќе си почиваат во безопасност; а твојот корен со глад ќе го уморам, и тоа ќе го убие твојот остаток.

31Ридајте, порти, викај граде, на глас! Ќе се раздробиш ти, цела земјо Филистејска; зашто од север иде дим, нема изморен во нивните војски.

32А што ќе соопштат известувачите народни? – Тоа дека Господ го утврдил Сион, и дека во него ќе најдат засолниште сиромасите од народот Негов.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help