Исход 19 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Бог се јавува на гората Синајска. Подготвување за давање закон.

1Во првиот ден од третиот месец, откако излегоа синовите Израилеви од земјата Египетска, во ден на млад месец, стигнаа во пустињата Синајска.

2Кревајќи се од Рафидин, дојдоа во пустињата Синајска, и се утабори Израил таму спроти гората.

3И Мојсеј се искачи на гората при Бога, и го повика Бог, велејќи: »Кажи му на домот Јаковов, и извести ги синовите Израилеви:

4‚Сами видовте што им направив на Египтјаните и како ве изнесов, како на крилја орлови ве приведов при Себе.

5Па сега, ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот мој, ќе ми бидете народ избран меѓу сите народи, зашто Моја е земјата цела.

6И вие ќе ми бидете царство на свештеници и народ свет.‘ Тоа се зборовите, што ќе им ги кажеш на синовите Израилеви.«

7Потоа Мојсеј дојде и ги повика старешините народни; и им ги изложи сите овие зборови, што им ги заповеда Господ.

8И сиот народ одговори еднодушно и рече: »Се што рекол Господ ќе направиме и ќе послушаме.« Тогаш Мојсеј му ги соопшти на Господа зборовите народни.

9А Господ му рече на Мојсеја: »Еве, Јас ќе дојдам кај тебе во столб облачен, за да чуе народот, како ќе зборувам со тебе, па да ти поверува засекогаш.« Оти Мојсеј му ги беше соопштил на Господа зборовите народни.

10И му рече Господ на Мојсеја: »Слези од гората при народот и објасни им и очисти го денес и утре, и нека ги исперат облеките свои;

11и нека се приготват за третиот ден, зашто во третиот ден ќе слезе Господ на гората Синајска пред сиот народ,

12а ќе поставиш граници за сиот народ од сите страни и ќе им кажеш: ‚Пазете да не се качувате на планината и да не се допирате до подножјето нејзино; секој, кој ќе се допре до гората, ќе биде предаден на смрт.

13Никаква рака да не се допре до неа, туку со камења да биде убиен или со стрела да биде застрелан; добиток ќе е или човек, жив да не остане. А кога трубата ќе затруби отегнато, кога облакот ќе се крене од планината, тогаш ќе можат да се качат на гората.‘«

14И Мојсеј слезе од гората кај народот; и го очисти народот, и тие ги испраа облеките свои.

15И му рече на народот: »Бидете готови и за три дни не приближувајте се до жените!«

16А третиот ден, пред осамнувањето, загрме и молњи засветкаа, и настана густ облак над гората Синајска, и затруби труба со многу силен глас, така што затрепери сиот народ, кој беше утаборен.

17Тогаш Мојсеј го изведе народот од таборот, за да Го пресретне Бога, и застана во подножјето на гората.

18А гората Синајска целата беше во дим, зашто Господ беше слегол над неа во оган; и дим се креваше од неа, како дим од печка, и се уплаши сиот народ;

19и гласот на трубата стануваше се посилен. Мојсеј зборуваше, а Господ му одговараше гласно.

20И Господ слезе на гората Синајска, на врвот од гората, и го повика Господ Мојсеја на врвот од гората. Мојсеј се искачи.

21Тогаш Бог му рече, велејќи: »Слези и кажи му на народот да не навалува за да Го види Господа, та да не изгинат мнозина од нив;

22а свештениците, кои Му пристапуваа на Господа Бога, нека се осветат, за да не ги погуви Господ.«

23Тогаш Мојсеј Му рече на Бога: »Не ќе може народот да се качи на планината Синајска, бидејќи Ти изрично не опомена, велејќи – омеѓи ја гората и освети ја.«

24Но Господ му рече: »Оди, слези, па тогаш качете се ти и Арон по тебе; а свештениците, пак, и народот нека не се трукаат да се качат при Господа, за да не ги погуби.«

25И слезе Мојсеј кај народот и им објасни.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help