Јудита 16 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Благодарствената песна на Јудита. Староста и смртта на Јудита.

1Рече Јудита и запеа: »Славете Го мојот Бог со тимпани, пејте Му на Господа со кимвали, пејте Му песна нова; возвеличувајте Го и призовувајте го Неговото име.

2Зашто Господ Бог ги завршува војните, зашто Он ме издигна среде Својот народ и ме избави од рацете на моите гонители.

3Дојде Асур од северните планини, дојде со десетици илјади свои војници; множеството нивно ги пресече потоците, а коњите нивни ги прекрија бреговите.

4Рече тој дека земјата наша ќе ја изгори, момчињата наши со меч ќе ги исече, цицалчињата в земја ќе ги тресне, децата наши во ропство ќе ги одведе и ќе ги плени нашите девојки.

5Но Господ Седржителот ги собори со женска рака.

6Насилникот нивни, не го скршија младинци, не го соборија синови гигантски, не го нападнаа синови дивовски, туку Јудита, ќерката на Мерариј, со убавината на своето лице – него го погуби;

7ја соблече таа вдовичката облека, за да ги издигне оние што страдаа во Израилот, а лицето свое го помаза со миризлива маст,

8си стави украси на својата коса, си облече облека ленена, за да го плени,

9сандалите нејзини погледот негов го восхитија, а убавината му ја плени душата, меч му помина низ грлото.

10Се вџашија Персијците од храброста нејзина, а Мидјаните – од смелоста нејзина.

11Тогаш извика понизениот народ мој, а оние се преплашија; народот мој немоќен извика, а тие се збркаа, гласот свој го подигна народот мој, – тие се дадоа во бегство.

12Синовите на млади жени ги колеа, и како деца на робови бегалци им нанесуваа рани; така гинеа тие од силата на Мојот Господ.

13Песна нова ќе Му запеам на мојот Господ. Господи, Ти си велик и славен; Ти си непобедив и прекрасен во твојата сила.

14Сите Твои созданија Тебе нека Ти служат: зашто Ти само рече, и тие настанаа; Ти го испрати Духот Твој – и се уреди сѐ, никој не може да се противи на гласот Твој.

15Горите со водите свои од основи ќе се потресат, а камењата од Твоето лице – како восок ќе се стопат, но кон оние што имаат страв од Тебе – Ти си благ и милостив.

16Мала е пред Тебе секоја жртва мирисна, уште поневажна Ти е мрсната жртвата сепаленица, но оној што има страв од Господа – голем е засекогаш.

17Тешко им на народите што го напаѓаат мојот народ, Седржителот Господ ќе им се одмазди во судниот ден – ќе испрати оган и црви врз нивните тела; во болките свои вечно ќе викаат и ќе плачат.«

18Кога дојдоа во Ерусалим, на Бога Му се поклонија, а кога народот се очисти, сепаленици жртви Му принесоа – со доброволни приноси и дарови.

19Садовите, скапоцената завеса од спалната соба на Олоферна и сите други предмети, што ѝ ги подари народот, Јудита место жртва, Му ги подари на Господа.

20Народот се веселеше три месеци во Ерусалим, а Јудита остана со него.

21Но по тие денови секој се врати во своето место. Јудита отиде во Велутија, и живееше на својот имот и за сето тоа време беше славна по целата земја.

22Многумина ја сакаа за жена, но неа маж не ја позна во сите дни од нејзниот живот, од денот кога умре нејзиниот маж, Манасија, и се прибра кон своите роднини.

23Јудита придоби голема слава и остаре во домот на својот упокоен маж. Откако поживеа сто и пет години, ја пушти на слобода својата слугинка. Почина во Ветилуј и ја погребаа во пештерата на нејзиниот маж Манасија.

24Домот на Израилот ја оплакуваше седум дена. Пред смртта им го раздели имотот свој на роднините од својот маж Манасиј и меѓу блиските од својот род.

25Во времето на Јудита, а и долго време по нејзината смрт никој веќе не ги застрашуваше синовите Израилеви.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help