1. Макавејска 16 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Победа на Шимуновите синови над Кендебеј. Шимуновата смрт во Док. Шимун го наследува неговиот син Јован.

1Јован се врати од Газара и му раскажа на својот татко Шимун што прави Кендебеј.

2Тогаш Шимун ги повика своите двајца постари синови, Јуда и Јован, и им рече: »Јас, моите браќа и домот на мојот татко, војуваме против непријателите на Израел, од младост до денес и многупати со нашите раце успешно го спасуваме Израел.

3Но, ете, јас остарев, а вие, по Божја милост, се наоѓате во цветот на вашата младост; земете го моето место и местото на моите браќа, па водете борба за нашиот народ, и небесната помош нека биде со вас.«

4Избра Шимун од народот дваесет илјади пешаци и коњаници, кои појдоа против Кендебеј и преноќуваа во Модин.

5Кога станаа утредента и излегоа на рамнината, а таму, ете, пред нив беше многубројна војска, пешаци и коњаници, а меѓу нив имаше еден поток.

6И се крена Јован против нив, тој самиот и неговиот народ и откако виде дека неговите луѓе се плашат да минат преку потокот, тој прв мина, а кога го видоа тоа неговите војници, минаа и тие.

7Потоа ги раздели луѓето, така што коњаниците ги стави меѓу пешаците; коњицата на непријателот беше помногубројна.

8Штом затрубија со своите труби, Кендебеј почна да бега и неговата војска заедно со него; од нив паднаа многу ранети, а другите избегаа во крепоста.

9Тогаш беше ранет Јуда, братот на Шимун, но Јован ги гонеше непријателите сѐ до тврдината Кедрон, која ја беше изградил тој.

10Тие избегаа во кулите, што се наоѓаа во областа на Азот, но Јован ги запали кулите и од оние, што беа во нив, загинаа околу две илјади души; потоа во мир се врати во Јудејската земја.

11А Птоломеј, синот на Абуб, беше поставен за управител на Јерихонската рамнина, и имаше многу сребро и злато,

12зашто му беше зет на првосвештеникот.

13Неговото срце се возгордеа, па посака да завладее со земјата, замислувајќи со лукавство и подмолност да го убие Шимун и неговите синови.

14Шимун, пак, посетувајќи ги градовите во својата земја и водејќи грижа за задоволување на нивните потреби, дојде и во Јерихон, заедно со неговите синови Мататија и Јуда, во сто седумдесет и седмата година, во единаесеттиот месец, – месецот Сават.

15Синот на Абуб ги прими љубезно намамувајќи ги со лукавство во малата тврдина, која ја беше изградил тој; им приреди голема гозба, но таму беше сокрил и некои свои луѓе.

16И кога Шимун и неговите луѓе се опија, стана Птоломеј и тие што беа со него, го зедоа своето оружје и за време на гозбата влегоа кај Шимун и го убија, него, неговите синови и некои од неговите слуги.

17На таков подмолен начин го изврши ова големо злодело и врати со зло за доброто.

18Птоломеј му напиша за ова на царот и побара од него да му прати на помош војска, а тој му ја предаде земјата и нејзините градови.

19Други свои луѓе испрати во Газара за да го убијат Јован, а писма им испрати на воените заповедници да дојдат кај него, за да им даде сребро, злато и подароци;

20други, пак, испрати да ги заземат Ерусалим и храмовата гора.

21Но некој отрчал кај Јован во Газера, за да го извести дека татко му и браќата негови се убиени и дека Птоломеј испратил луѓе да го убијат и него.

22Кога го слушна тоа, Јован многу се збуни; ги фати мажите што беа дошле да го погубат, и ги уби, бидејќи беше дознал дека тие сакаа него да го убијат.

23Другите, пак, Јованови дела: војните, храбрите подвизи, славно извршени, градењето на ѕидот и сите други негови дела –

24ете, тие се опишани во дневникот за неговото врховно свештенство, од времето кога стана првосвештеник по неговиот татко.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help