1 Царства 17 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давид и Голијат.

1Филистејците ги собраа војските свои за војна, се сместија во Сокхот, кој е во Јудеја, и се улогорија меѓу Сокхот и Азик, во Ефес-Дамим.

2А Саул и Израилците се собраа и се улогорија во дабовата долина и се подготвија за војна против Филистејците.

3И застанаа Филистејците од едната страна на планината, и Израилците од другата страна на планината, а меѓу нив беше долината.

4А од Филистејскиот логор излезе маж силен, по име Голијат, од Гет; со раст од шест лакти и педа.

5На главата имаше бакарен шлем; а беше облечен во лушпест околоп, и оклопот тежеше пет илјади сикли бакар;

6на нозете имаше бакарни ногавици до над колената и на плеќите свои – бакарен штит;

7дршката на копјето негово беше како ткаечко кросно, а самото копје – беше од шестотини сикли железо, пред него одеше оруженосец.

8И застана тој и викна кон Израилските војски, велејќи им: »Зошто сте излегле да војувате? Не ли сум јас Филистеец, а вие робови Саулови? Изберете си еден човек и нека слезе при мене;

9ако тој може да се бие со мене и ме убие, ние ќе ви бидеме робови; ако, пак, јас го победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови и ќе ни служите.«

10Рече уште Филистеецот: »Денес ќе ја засрамам војската Израилева; дајте ми човек, и ние двајца ќе се биеме.«

11И Саул и сите Израилци кога ги слушнаа тие зборови од Филистеецот, многу се уплашија и ужасија.

12Давид беше син на Ефратецот од Витлеем Јудин, по име Јесеј, кој имаше осум синови; во дните на Саула тој човек достигна старост и беше најстар меѓу мажите.

13Тројцата поголеми Јесеови синови отидоа со Саула во војна; имињата на тројцата синови, што отидоа во војна, беа: најголемиот се викаше Елијав, вториот по него – Аминадав, и третиот – Сама;

14Давид, пак, беше најмал. Тројцата поголеми отидоа со Саула,

15а Давид се беше вратил од Саула, за да ги пасе овците на таткото свој во Витлеем.

16Оној Филистеец излегуваше наутро и се покажуваше четириесет дена.

17И Есеј му рече на синот свој Давида: »Земи за браќата свои ефа печено жито и овие десет лебови и однеси ги што поскоро во логорот кај браќата твои;

18а овие десет пити сирење однеси му ги на илјаданачалникот и распрашај се за здравјето на браќата твои и дознај за потребите нивни.«

19Саул и сите тие Израилци се наоѓаа во дабовата долина и се готвеа за борба со Филистејците.

20Давид изутрината стана рано, ги остави овците на чувар, и откако го зеде товарот, тргна, како што му беше заповедал Јесеј; и дојде при комората, кога војската беше наредена и со извици се готвеше за борба.

21Тогаш Израилците и Филистејците се распоредија војска спроти војска.

22Давид го остави товарот кај чуварот на комората и потрча кон редовите, дојде и ги запраша браќата свои за здравје.

23И ете, кога тој разговараше со нив, силниот човек, кому му беше името Голијат, Филистеец од Гет, излегуваше од филистејските редови и ги кажуваше истите оние зборови и Давид ги чу.

24И сите Израилци, откако ќе го видеа тој човек, бегаа од него и многу се плашеа.

25Израилците велеа: »Го гледате ли оној човек, што излегува? Тој излегува, за да го навредува Израилот; а кога би го убил некој, царот би го наградил со големо богатство, и би му ја дал ќерката своја за жена, а домот на татко му би му го направил слободен во Израилот.«

26И Давид им рече на оние, што стоеја со него: »Што ќе му направат на оној, што ќе го убие оној Филистеец и го симне срамот од Израилот? Зашто, кој е тој необрезан Филистеец, што ја навредува војската на живиот Бог?«

27И тие му ги рекоа истите зборови, додавајќи: »Ете, тоа ќе му направат на оној човек, што ќе го убие.«

28Елијав, најголемиот брат на Давида, чу што говореше тој со луѓето, и му се налути Елијав на Давида, па му рече: »Зошто си дошол тука и на кого им ги остави оние малку овци во пустињата? Го знам јас твоето кревање на големо и твоето лошо срце; ти си дошол да ја гледаш борбата.«

29А Давид рече: »Па што сум направил? Не ли се тоа само зборови?«

30Па се сврте од него кон друг и ги говореше истите зборови, а луѓато му одговараа како и порано.

31Се слушнаа зборовите, што Давид ги говореше, и му ги соопштија на Саула, и тој го повика.

32И му рече Давид на Саула: »Никој нека не паѓа со духот пред овој; твојот роб ќе отиде и ќе се бори против тој Филистеец.«

33А Саул му рече на Давида: »Не можеш да одиш против Филистеецот, да се бориш против него, зашто ти си уште момче, а тој е војник уште од младини.«

34Тогаш Давид му рече на Саула: »Твојот слуга ги пасеше татковите си овци, и кога се случуваше да дојде лав, или мечка, и ќе одвлечеше овца од стадото,

35јас се спуштав по нив, ги напаѓав и им ја одземав од устата нивна; ако, пак, тие се нафрлеа врз мене, јас ги фаќав за гривата, ги удирав и ги убивав;

36лав и мечка убивал твојот слуга; а и со овој необрезан Филистеец ќе стане истото, како со нив, бидејќи ја навредува војската на живиот Бог. Не бива ли да одам и да го победам, за да ги снема навредите од Израилот? Зашто, кој е тој необрезан?«

37Давид рече уште: »Господ, Кој ме спасуваше од лавот и мечката, ќе ме спаси и од рацете на овој Филистеец.« Тогаш му рече Саул на Давида: »Оди, Господ нека биде со тебе!«

38Саул го облече Давида со облеката своја, му стави на главата бакарен шлем, и му надена железна облека.

39Давид го опаша мечот негов врз облеката и се обиде да оди, бидејќи никогаш не одел со такво вооружување. И Давид му рече на Саула: »Не можам да одам со ова, не сум навикнат.« И го симна Давид сето тоа од себеси.

40Па го зеде в рака стапот свој, си одбра пет мазни камчиња од потокот, ги стави во овчарската торбичка, што беше со него; и со торбичката и праќка во раката излезе против Филистеецот.

41Излезе и Филистеецот, одејќи и приближувајќи се кон Давида, и пред него му одеше оруженосецот.

42Погледна Филистеецот и, откако го виде Давида, со презир го изгледа, бидејќи беше млад, рус и убав.

43Филистеецот му рече на Давида: »Зошто си тргнал против мене со стап и со камења? Да не сум куче?« Давид му одговори: »Не, туку подолен од куче.« Филистеецот го проколна Давида со боговите свои.

44И Филистеецот му рече на Давида: »Приближи се до мене, и ќе им го дадам телото твое на птиците небески и на ѕверовите полски.«

45Давид му одговори на Филистеецот: »Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господа Саваота, Бог на Израилевата војска, која ти ја навредуваш;

46сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја, и ќе им го дадам твојот труп и труповите на филистејската војска на птиците небески и ѕверовите земни, и целата земја ќе дознае, оти има Бог во Израилот;

47и сите овие луѓе ќе разберат дека не со меч и копје спасува Господ, зашто тоа е војна на Господа, и Он ќе ве предаде во рацете наши.«

48Кога Филистеецот се исправи и почна да пристапува и да се приближува кон Давида, Давид брзо се стрча кон местото на борбата против Филистеецот,

49и бркна со раката во торбата, извади оттаму еден камен и фрли до праќката, та го удри Филистеецот в чело, така што каменот се заби во челото негово, и тој падна ничкум на земјата.

50Така со праќка и камен го победи Давид Филистеецот; го удри Филистеецот и го уби; а Давид немаше меч во рацете.

51Тогаш Давид се стрча и, откако стапна врз Филистеецот, зеде та го извлече мечот негов од корицата, го удри и ја пресече со него главата негова. Филистејците, кога видоа дека нивниот јунак умре, почнааа да бегаат.

52И се кренаа мажите израилски и јудејски, викнаа и ги гонеа Филистејците до влезот во долината и до портите на Акарон. И убиваните Филистејци паѓаа по Шааримскиот пат до Гет и до Акарон.

53Откако ги прогонија Филистејците, Израилевите синови се вратија и го разграбија логорот нивни.

54Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а оружјето го стави во шаторот свој.

55Кога Саул го беше видел Давида како излегува против Филистеецот, тогаш го запраша Авенир, началникот на војската: »Авенире, чиј син е тоа момче?« Авенир му одговори: »Да ти е жива душата, царе, не знам.«

56И царот тогаш рече: »Ја прашај, чиј син е тоа момче?«

57А кога Давид се враќаше, откако го уби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе при Саула, и главата на Филистеецот беше во раката негова.

58И Саул го запраша: »Чиј син си, момче?« Давид одговори: »Син на твојот слуга Јесеј од Витлеем.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help