1Го известија Олоферна, врховниот командант на асирската војска, дека синовите Израилеви се приготвуваат за војна; дека ги затвориле приодите во горските предели и оти ги укрепиле горските врвови со тврдини и дека во рамнините направиле препреки.
2Тој се разгневи многу, па ги повика сите моавски началници, сите аморејски водачи и сите управници на приморските земји, па им рече:
3»Кажете ми, синови ханански, каков е тој народ што живее во тие ридски краишта, какви се неговите градови, има ли мнгу војска, во што се состои неговата сила, кој е нивниот цар што владее над нив и заповеда со неговата војска,
4зашто овој народ е единствениот што живее на запад и кој со гнев одби да излезе да нѐ пречека?«
5Ахиор, водачот на сите синови Амонови, му одговори и рече: »Господаре мој, послушај ги зборовите од устата на твојот слуга; јас ќе ти ја кажам вистината за тој народ, кој живее близу до тебе во оние ридски краишта; нема да излезе лага од устата на твојот слуга.
6Овој народ потекнува од Халдејците.
7Тие живееја најнапред во Месопотамија, па бидејќи не сакаа да им служат на боговите од своите татковци, кои беа во Халдејската земја,
8се отстранија од патот на своите прадедовци, и почнаа да Му се поклонуваат на небескиот Бог, на оној Бог, Кого Го беа познале. Тогаш Халдејците ги изгонија од пред лицето на своите богови, и тие отидоа во Месопотамија и долго живееја таму.
9Но нивниот Бог им рече да излезат од таа земја и да отидат во земјата Хананска. Тие се населија таму и многу се збогатија со злато, сребро и многу добиток.
10Оттаму отидоа во Египет, бидејќи глад го покри лицето на Хананската земја; таму останаа сѐ додека наоѓаа прехрана и толку се намножија, што нивниот народ не можеше да се преброи.
11Против нив се крена египетскиот цар; тој употреби итрина против нив, ги претоваруваше со тешка работа, ги тераше да прават тули и ги направи робови.
12Тогаш тие извикаа кон својот Бог и Он ја порази земјата на Египтјаните со неизлечиви рани. Затоа Египтјаните ги изгонија од својата земја.
13Бог го исуши пред нив Црвеното Море,
14и ги преведе по патот за Синај и за Кадис Варни; тие ги одбија сите напади од жителите на пустината;
15се населија во земјата на Аморејците; со својата сила ги уништија сите Есевонци. Потоа го преминаа Јордан и ја населија целата планинска земја.
16И, откако ги истераа Хананејците, Ферезејците, Јевусејците, Сихемците и сите Гергесејци – живееја во неа долго време.
17И сѐ додека не згрешија пред својот Бог, среќата беше со нив, зашто Бог беше со нив, Бог Кој ја мрази неправдата.
18Но штом се оддалечија од патот, што им го определи нивниот Бог, во многу војни претрпеа страшни порази, беа одведени во ропство во туѓа земја, храмот на нивниот Бог беше разурнат до темели, а нивните непријатели им ги презедоа градовите.
19А сега, откако се обратија кон својот Бог, се вратија од разните краишта, каде што беа распрснати, одново го зазедоа Ерусалим, во кој се наоѓа нивното светилиште, а тие се населија во ридските предели, кои беа запустени.
20Затоа, господару, ако тој народ е во заблуда и ако греши пред својот Бог, па ако утврдиме оти кај нив има соблазан, тогаш можеме да појдеме против нив и ќе ги победиме.
21Ако, пак, тој народ не е виновен за никакво беззаконие, тогаш мојот господар нека се оддалечи, зашто нивниот Бог ќе ги заштити и ќе станеме за срам во целиот свет.«
22Кога Ахиор престана да говори, сите оние што стоеја околу шаторот, достоинствениците на Олоферна, и сите жители од приморските краишта и до Моав – почнаа да негодуваат и бараа веднаш да биде убиен, велејќи:
23»Не се плашиме од синовите Израилеви: тоа е народ што нема ни војска ниту сила за жестоко војување;
24Олоферне господару, да појдеме против нив; тие ќе станат плен на твојата војска.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.