1И би слово Господово до Јеремија, откако Навузардан, началникот на телохранителите, го отпушти од Рама, каде што го беше зел окован во вериги од другите заробени ерусалимци и Јудејци, преселувани во Вавилон.
2Началникот на телохранителите го зеде Јеремија и му рече: »Твојот Господ Бог го изрече ова зло врз ова место
3и го испрати Господ, и направи, како што рече – бидејќи вие згрешивте пред Господа и не го послушавте гласот Негов, и ете заради тоа и ве постигна ова.
4Па така, еве, јас денес те ослободувам од веригите, што ти се на рацете твои; ако ти е угодно да дојдеш со мене во Вавилон, дојди и јас ќе се грижам за тебе; ако, пак, не ти е угодно да дојдеш со мене во Вавилон, остани овде. Еве, оваа земја е пред тебе; каде што ти е угодно и каде што ти е мило да одиш, појди таму.«
5Додека тој уште не беше тргнал, Навузардан рече: »Оди при Годолија, синот на Ахикама, сино Сафанов, кого вавилонскиот цар го постави за началник над јудејските градови, и остани со него меѓу народот; или, оди, каде што ти е мило да одиш.« И началникот на телохранителите му даде храна и дар, па го отпушти.
6И дојде Јеремија при Годолија, синот Ахикамов, во Масифа и живееше со него меѓу народот, што беше останал во земјата.
7Кога сите воени началници, што беа во рамнината, тие и луѓето нивни, чуја дека вавилонскиот цар го поставил Годолија, синот Ахикамов, за началник над земјата и му ги доверил луѓето, жените и децата и бедните во земјата, што не беа преселени во Вавилон,
8тогаш дојдоа во Масифа при Годолија Исмаил, синот Натаниев, Јоанан и Јонатан, синовите Карееви, Сераја, синот Танасметов, синовите на Офа од Нетофат и Језонија, синот на Махат, тие и дружината нивна.
9Годолиј, синот на Ахикама, син Сафанов, им се заколна ним и на луѓето, велејќи: »Не бојте се да им служите на Халдејците, останете си во земјата и служете му на вавилонскиот цар, па ќе ви биде добро;
10јас пак ќе останам во Масифа за да се застапувам пред Халдејците, што ќе доаѓаат при нас; а вие собирајте вино, летни плодови и елеј, собирајте го во вашите садови и живејте во градовите свои, што ги зазедовте.«
11Исто така и сите Јудејци, што се наоѓаа во земјата Моав, меѓу синовите на Амона, во Идумеја и по сите краишта, чуја дека вивилонскиот цар оставил дел од Јудејците и го поставил над нив Годолија, синот на Ахикама, син Сафанов,
12па се вратија сите тие Јудејци од сите места, каде што беа прогонети, и дојдоа во јудејската земја при Годилија во Масифа, и собраа многу вино и летни плодови.
13Меѓутоа, Јоанан, синот на Кареја, и сите воени началници, што се наоѓаа во полето, дојдоа при Годолија во Масифа,
14и му рекоа: »знаш ли ти дека Валис, царот на синовите Амонови, го испрати Исмаила, синот Натаниев, да те убие?« Но Годолија, синот Ахикамов, не им поверува.
15Тогаш Јоанан, синот Кареев, му рече тајно на Годолија во Масифа: »Дозволи ми да појдам и да го убијам Исмаила, синот Натаниев, и никој нема да разбере; зошто да дозволиш да те убие и да се растураст сите собрани при тебе Јудејци, и да загине остатокот од Јуда?«
16Но Годолија, синот Ахикамов, му рече на Јоанан, синот Кареев: »Не прави го тоа, оти она, што ми го кажуваш за Исмаила, не е вистина.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.