1И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: »Кажи им на свештениците, синовите Аронови, и рече им да не се допираат до мртовец од народот свој.
2Само до близок роднина свој, до мајка, до татко, до син и до ќерка, до брат,
3до сестра, која е мома што живее кај него, а немажена, може да се допира, и со тоа да не се осквернува;
4инаку, не смее да се оскверни со допир до кого и да било од народот свој, за да не стане нечист.
5Не смеат да ја бричат главата своја, ниту да го расипуваат обликот на брадата своја, ни да прават зарези по телото свое.
6Тие треба да бидат свети пред својот Бог и да не го осквернуваат името на својот Бог, бидејќи тие сами Му принесуваат дарови на својот Бог, и ќе бидат свети.
7Тие не смеат да земаат жени блудници и порочни, не смеат да се женат ни со жена, отерана од својот маж, затоа што се тие свети пред Господа, својот Бог.
8И свет нека ти биде, бидејќи тој Му принесува дар на Господа, вашиот Бог; тој треба да ти биде свет, затоа што сум свет Јас, Господ Бог ваш, Кој ги осветува.
9Ако свештеничка ќерка се оскверни со блудство, таа го осквернила таткото свој: со оган да биде изгорена.
10А големиот свештеник меѓу браќата свои, врз чија глава е излеан елеј за помазание, и е совршен за да се облекува во одежди, да не ја открива главата своја и облеката своја да не ја кине;
11и до никаков мртовец да не приоѓа; да не се осквернува со допир ни до умрениот татко свој и ни до мајката своја.
12Чад од светилиштето да не излегува за да не го оскверни осветеното од својот Бог, зашто светиот елеј на Божјото помазание е врз него. Јас сум Господ.
13За жена тој треба да зема девица од родот свој;
14не смее да зема вдовица или оставена или осквернета или блудница, туку само девица од родот свој тој треба да зема за жена.
15И да не го осквернува своето потомство во народот свој: затоа што сум Јас Господ Бог, Кој го осветува.«
16И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
17»Кажи му на Арона: никој од твоето семе во сите родови, кој има телесен недостаток, да не пристапува да Му принесува дар на својот Бог.
18Никој, кој има телесен недостаток, да не пристапува; ни слеп човек, ниту хром, ниту, пак, со крив нос, или со рецкано уво,
19ниту таков кому му е раката скршена или ногата скршена,
20ниту грбав, ниту гурелав, ниту со перде на очите, а ни крастав или со лишај, ниту килав.
21Никој човек од родот на свештеникот Арон, кој е со телесен недостаток, не смее да пристапува за да Му принесува жртва на твојот Бог; бидејќи има недостаток, нека не пристапува да принесува дарови Божји,
22но од даровите на својот Бог, од осветените жртви, тој може да јаде;
23само до завесата да не се доближува и до жртвеникот да не пристапува, затоа што има недостаток: да не го оскверни светилиштето на својот Бог, оти Јас сум Господ, Кој ги осветува.«
24И Мојсеј им го соопшти тоа на Арона и на синовите негови и на сите синови Израилеви.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.