4 Царства 16 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Владеењето на царот Ахаз во Јудеја.

1Ахаз, синот на јудејскиот цар Јоатам, стана цар во седумнаесеттата година на Ремалиевиот син Факиј;

2Ахаз беше на дваесет години, кога стана цар; тој царуваше шеснаесет години во Ерусалим, и не го вршеше она, што беше угодно пред очите на Господа, својот Бог, како татка си Давида,

3туку одеше по патот на израилските цареви, и дури синот свој преку оган го пренесе, следејќи ги одвратните дела на народите, што Господ ги беше отстранил од пред лицето на Израилевите синови;

4принесуваше жртви и кадеше по идолските светилишта и по могилите и под секое сенчесто дрво.

5Тогаш сирискиот цар Расон и Ремаилевиот син Факиј, цар израилски, тргнаа против Ерусалим, за да го освојат и го држеа Ахаза во опсада, но не можеа да победат.

6во она време сирискиот цар Расон ѝ го врати на Сирија Елат и ги истера Јудејците од Елат; и Идумејците влегоа во Елат, каде што живеат и до денес.

7Ахаз испрати пратеници до асирскиот цар Теглатфеласар во Дамаск да кажат: »Јас сум твој роб и твој син; дојди и заштити ме од раката на сирискиот цар и од раката на израилскиот цар, кои се кренаа против мене.«

8Ахаз зеде сребро и злато, колку што се најде во домот Господов и во ризницата на царскиот дом, и му го испрати како дар на асирскиот цар.

9Асирскиот цар го послуша: и отиде асирскиот цар во Дамаск, го презеде и ги пресели жителите негови во Кир, а Расона го уби.

10Царот Ахаз отиде да го пречека асирскиот Теглатфеласар во Дамаск и го виде жртвеникот, што беше во Дамаск, и му го испрати царот Ахаз на свештеникот Урија ликот на жрвеникот и план на целиот жртвеник.

11А свештеникот Урија изгради жрвеник според образецот, што царот Ахаз му го испрати од Дамаск; тоа го направи свештеникот Уриј, пред да дојде од Дамаск царот Ахаз.

12Дојде царот од Дамаск, го виде жртвеникот, се доближи тој до жртвеникот и принесе на него жртва.

13Запали жртва своја сепаленица и лебен принос, изврши прелив и го пороси жрвеникот со крвта на мирната своја жртва.

14А бронзениот жрвеник, што беше пред лицето Господово, го премести од предната страна на храмот, од местото меѓу новиот жртвеник и домот Господов, и го постави отстрана на тој жртвеник кон север.

15И му заповеда на царот Ахаз на свештеникот Уриј и рече: »На големиот жртвеник пали ги утринските сепаленици и вечерниот лебен принос, сепаленицата од царот и лебниот принос од него, сепалениците од сите луѓе на земјата и лебиот принос од нив, и преливиот од нив, и роси го жртвникот со крвта на секоја сепаленица и со крвта на секоја жртва, а бронзениот жртвеник да остане, додека јас да размислам.«

16Свештенкот Уриј го изврши сето тоа, како што заповеда царот Ахаз.

17И ги извади царот Ахаз краиштата на подножјата, ги симна од нив мијалиниците, го симна и морето од бронзените волови, што беа под него, и го постави на каменен под.

18И ја крена саботната стреја што беше вградена при храмот, и надворешниот царски влез во домот Господов, заради асирскиот цар.

19Другите дела на Ахаз, што тој ги извршил, опишани се во летописите на јудејските цареви.

20И почина Ахаз при татковците свои, и беше погребан при татковците свои во Давидовиот град. А место него стана цар синот негов Језекиј.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help