3. Макавејска 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Положбата на Јудејците во Египет станува уште пострашна.

1Кога чу за сето тоа, овој безбожник побесне, па не само што се озлоби против Јудејците, кои живееја во Александрија, туку покажа страшно непријателство и против сите Јудејци, кои живееја во целата негова земја, и заповеда да ги соберат сите заедно и да ги предадат на најсрамна смрт.

2Кога се подготвуваше оваа работа, некои од едномислениците на ова злосторство, почнаа да шират глас против јудејскиот народ, по повод таа заповед, дека тие како да не ги извршуваат своите законски задолженија.

3Меѓутоа, иако Јудејците имаа добар однос и неизмерна оданост спрема царевите, тие сепак Го почитуваа својот Бог и живееја според Неговиот закон, па затоа во некои прилики си дозволуваа отстапување и неизвршување. Затоа некои сметаа оти се противници на царската власт; но кај сите други луѓе, што го извршуваа она што е добро, тие наидуваа на разбирање.

4При сето ова, другите народи не го ценеа доволно познатиот добар начин кај Јудејците. Тие ја забележуваа само разликата во богопочитувањето, во исхраната и во јазикот; дека тие не дозволуваа заедничка трпеза ни со царот, ни со големците, дека се завидливи и големи непријатели на државата; на тој начин ширеа хули против јудејскиот народ со цел да му напакостат.

5Елините, пак, кои живееја во истиот град и не беа виделе никаква навреда во нив, гледајќи ја ненадејната промена во односот спрема тие луѓе и не можејќи да им помогнат, затоа што наредбата беше царска, ги утешуваа, негодуваа и се надеваа, дека сепак состојбата ќе се измени,

6зашто не можеше да се занемари толкав народ, кој воопшто не беше виновен.

7Меѓутоа, некои од нивните соседи, пријатели на оние што тргуваа со нив, примајќи скришум некои од нив, им ветуваа оти ќе им помогнат и ќе направат сѐ што е можно за да ги заштитат.

8А тој, погордеан од своите привремени успеси, без да мисли на силата на великиот Бог, немаше намера да ја измени својата замисла; против нив напиша вакво писмо:

9»Царот Птоломеј Филопатор испраќа поздрав до сите жители, војни старешини и војници во Египет. Јас сум здрав и работите ми одат успешно.

10По нашиот поход во Азија, како што знаете и вие самите, со ненадејна помош од боговите и со наша сила како што сакавме, имавме добар крај, мислевме да го средиме добро животот на народите што живеат во Кале-Сирија и Феникија, не со силата на оружјето туку со кротост и голема љубов спрема луѓето, правејќи им добро од сѐ срце.

11Раздавајќи по градовите богати дарови за храмовите, отидовме и во Ерусалим, за да му укажеме почит на светилиштето на тие никаквеци, кои никогаш не се ослободени од својата безумност.

12А тие, откако нѐ пречекаа со зборови драговолно, а всушност подмолно, кога сакавме да влеземе во храмот и да му оддадеме почит со соодветни и најдобри дарови, тие, исполнети со својата поранешна гордост, ни забранија да влеземе, иако не ги присиливме, поради љубовта што ја имаме спрема сите луѓе.

13Откако отворено го покажаа своето непријателство против нас, тие единствени од сите народи упорно им се противставуваат на царевите и на своите добротвори, не сакаат да извршуваат ништо од она што е справедливо.

14А ние, однесувајќи се трпеливо спрема нивната безумност, и тогаш, кога се враќавме од победа и во самиот Египет, со љубов ги примавме сите народи и со нив се однесуваме како што е потребно.

15Меѓутоа, кога изјавуваме дека не сакаме да си спомнуваме за она што ни го направија нивните сонародници, одлучивме да направиме коренита промена спрема нив затоа што ни помагаа во војната, затоа што веќе одамна им се доверени многу важни работи, сакаме дури да ги удостоиме со правото да имаат граѓанство на Александрија и да ги направиме учесници на вечното принесување жртви.

16А тие го сфатија тоа како нешто што е против нив, што е својствено на нивната лоша природа: да го отфрлат доброто и да тежнеат кон злото, па така, не само што го презреа непоценливото право на граѓанство, туку гласно или прикриено се гнасат од оние малкумина, што искрено се расположени спрема нас, надевајќи се поради нивниот неуреден живот, дека ние ќе ја повлечеме набргу нашата одлука.

17Затоа, откако се уверивме од искуство, дека тие имаат против нас непријателски планови, и како што предвидувавме, ако некогаш против нас се дигне некое востание, ние ќе ги имаме против нас и тие нечесни луѓе, како наши опасни непријатели и предавници.

18Затоа заповедаме: штом го добиете ова писмо, веднаш со наредба и со сила да ги ставите овие луѓе во тешки окови, заедно со нивните жени и деца, и отсекаде да ги праќате при нас за да извршиме над нив смртна казна, казна безмилосна и срамна, достојна за тие пакосни луѓе.

19Ако тие веднаш бидат казнети, нашите државни работи во иднина ќе тргнат кон совршен успех и најдобар поредок.

20Ако некој сокрие некого од Јудејците, било старец, дете, па дури и пеленаче, тој ќе биде погубен со целиот дом на најжесток начин.

21А оној, што ќе открие некого од нив, тој ќе го добие имотот на виновникот и уште две илјади драхми од царската каса, ќе добие слобода и чест.

22Секое место, каде што ќе биде најден сокриен Јудеец, треба да биде опустошено и изгорено, така што тоа место за вечни времиња нема да му биде потребни за што и да е.« Ете, ваква беше смислата на напишаното писмо.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help