Исход 13 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Посветување на првородените. Заповед за бесквасниот леб. Продолжување на излегувањето. Столб од облак и столб од оган.

1Му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

2»Посвети ми го секое првородено, кое ја отвара секоја утроба меѓу синовите Израилеви: и од луѓето, и од добитокот. Тие Мене ми припаѓаат!«

3И Мојсеј му рече на народот: »Помнете го овој ден, во кој излеговте од земјата Египетска, од домот на ропството, зашто со рака силна ве изведе Господ оттаму; и не јадете ништо со квас.

4Зашто денес излегувате, во Авив, месецот на новите плодови.

5Затоа, кога Господ ќе те воведе во земјата хананска, и хетејска, и аморејска, и евејска, и јевусејска, и гергесејска и ферезејска, за која им се заколнал на татковците твои, дека ќе ти ја даде – земјата во која тече мед и млеко – тогаш служи ја оваа служба во овој месец!

6Шест дена јадете бесквасен леб, а седмиот ден нека биде празник Господов.

7Бесквасен леб да јадете седум дена, и да не се најде кај тебе ништо со квас, ниту да се најде негде кај тебе квас во сите твои предели.

8И во тој ден кажи му на синот твој, велејќи: ‚Ова е за она, што ми го направи Господ Бог, кога излегував од Египет!‘

9И тоа нека ти биде знак на раката твој и спомен пред очите твои, та законот Господов да ти биде во устата; зашто со рака силна те изведе Господ од Египет.

10Затоа оној закон запазувај го секоја година во определено време!

11А кога ќе те воведе Господ, твојот Бог, во земјата Хананска, како што ти се заколна тебе и на твоите татковци, и ќе ти ја предаде –

12на Господа ќе Му го одделуваш секое првородено од машки пол, што отвора утроба и секое провородено од стадата или добитокот, што го имаш, а е од машки род, посвети го на Господа!

13А секое првородено осле замени го со јагне; ако, пак, не го замениш, откупи го. И секое првороденче од човек меѓу синовите твои откупувај го!

14А кога ќе те запраша синот твој тогаш и ти рече: ‚Што е тоа?‘ Кажи му: ‚Зашто со рака силна нѐ изведе Господ од Египет, од домот на ропството.‘

15Оти, кога се ожесточи Фараонот да не нѐ пушти, го уби Господ секој првороден во земјата Египеска, од првенец човечки до првородено во добитокот – затоа Му го принесувам на Господа како жртва секое машко, кое отвора утроба, а секој првороден меѓу синовите мои го откупувам.

16И тоа нека ти биде знак на раката твоја и постојано пред очите твои, бидејќи со рака силна те изведе Господ од Египет.«

17А кога Фараонот го пушти народот, Бог не го поведе по патот кон земјата Филистејска, иако е пократок; зашто Бог рече: »За да не би да се покае народот, кога ќе види војна, па да се врати во Египет.«

18Бог го поведе народот по патот во пустињата кон Црвено Море. А синовите Израилеви вооружени излегоа од земјата Египетска.

19И ги зеде Мојсеј коските Јосифови со себе; зашто ги беше заколнал Јосиф синовите Израилеви, велејќи: »Господ навистина ќе ве посети, а вие тогаш понесете ги коските мои одовде со себе.«

20Откако појдоа синовите Израилви од Сокхот, се утврдија во Етам, при крајот на пустињата.

21А Бог ги водеше по патот: дење во столб од облак, а ноќе во столб во оган, светејќи им.

22И не се иставаше пред сиот народ столбот облак – дење, ни столбот од оган – ноќе.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help