2. Ездра 8 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Делото на Ездра. Царскиот указ на Артаксеркса. Список на вратените од пленство. Предавање на светите садови во храмот. Многумина го нарушуваат Божјиот закон. Скрбта и молитвата на Ездра. Поправување и очистување на народот

1По тие настани, во царувањето на персискиот цар Артаксеркс, дојде Ездра, син Саиев, Езеиев, Хелкиев, Салумов,

2Садуков, Ахитов, Амариев, Езиев, Мемеротев, Зариев, Сауиев, Ависумов, Финесов, Елеазаров, син на Арона првосвештеникот.

3Тој Ездра дојде од Вавилон како учен, кој го знаеше законот Мојсеев, даден од Господа, Бога Израилев,

4и царот му направи чест, бидејќи тој се здоби со благоволение негово за сите свои молби.

5дојдоа со него во Ерусалим и некои од синовите Израилеви, од свештениците и левитите, свештенопевците и вратарите и служителите при храмот,

6на седмата година од царувањето на Артаксеркса, во петтиот месец на истата седма година од царувањето; зашто, откако излегоа од Вавилон во новомесечието во првиот месец, тие стигнаа во Ерусалим, по даденото им од Господа успешно патување, во новомесечието на петтиот ден.

7А Ездра водеше голема грижа, ништо да не пропушти од законот Господов и од заповедите, та да го научи сиот Израил на наредбите и судбините.

8Дојде и следнава писмена заповед, дадена од царот Артаксеркс на Ездра, свештеник и толкувач на Господовиот закон:

9»Царот Артаксеркс до Ездра, свештеник и толкувач на Господовиот закон, поздрав.

10Откако размислив човекољубиво, заповедав, оние што доброволно сакаат од јудејскиот народ и свештениците и левитите, кои се во нашето царство, нека одат заедно со тебе во Ерусалим.

11Тие, што сакаат, нека се соберат и одат, според она како што просудив јас и моите седум најблиски советници;

12нека видат, што се прави во Јудеја и Ерусалим согласно со законот Гопсодов,

13и да Му однесат во ерусалим дарови на Господа Израилев, што ги ветив јас и моите блиски, и секакво злато и сребро, што се наоѓа во земјата Вавилонска, за Господа во Ерусалим, заедно со даденото од народот за храмот на нивниот Господ Бог, Кој е во Ерусалим,

14и заедно со златото и среброто – за волови, овни, јагниња и за друго, што се однесува на тоа,

15за да се принесуваат жртви на Господа врз жртвеникот на нивниот Господ Бог во Ерусалим.

16И сѐ, што и да побараш со браќата свои да направиш со тоа злато и сребро, прави според волјата на твојот Бог.

17И свештените садови Господови, дадени на тебе за употреба во храмот на твојот Бог во Ерусалим, постави ги пред Господа, твојот Бог.

18И друго, што ти е потребно за храмот на твојот Бог, давај од царското сокровиште.

19И ете, јас, цар Артаксеркс, заповедав на ковчежниците во Сирија и Феникија, сѐ, што ќе посака Ездра, свештеникот и читец на законот на Бога Севишниот, редовно да му даваат – дури до сто таланти сребро;

20исто така и пченица до сто кори и вино – до сто мери.

21И сѐ друго по законот Божји грижливо да Му се принесува на Бога Севишни, за да не падне во грев на царството на царот и на синовите негови.

22И уште ви велам, да не се зема никаков данок или друга давачка од некои свештеници и левити, свештенопевци и вратари, служители на храмот и писарите на тој храм, и никој да нема власт да им наложува што и да било.

23А ти, Ездра, со мудроста Божја, постави началници и судии по цела Сирија и Феникија, оние што го знаат законот на твојот Бог, а кои не знаат, поучувај ги;

24и сите оние, што го газат законот на твојот Бог, или царскиот закон, бездруго нека бидат казнети – било со смрт, или со телесна казна, било со парична глоба, или со прогонување.«

25Тогаш учениот Ездра рече: »Благословен Единиот Господ Бог на татковците мои, Кој вложи во срцето на царот да го прослави домот негов во Ерусалим.

26И Кој ме почита пред царот и пред советниците и пред сите негови блиски и големци,

27така што јас се охрабрив со помошта на Господа, Бог мој, и ги собрав мажите израилски, за да одат со мене.«

28И еве ги началниците според родовите нивни и по старешинство, што излегоа со мене од Вавилон за време на царувањето на цар Артаксеркс:

29од синовите Финеесови – Гирсон; од синовите Итамарови – Гамалил; од синовите Давидови – Латус, син Сехениев;

30од синовите Форосови – Захарија, и со него се запишаа сто и педесет души;

31од синовите Фат-Моавови – Елиаонија, син Зареов, и со него двесте души;

32од синовите Затоеви – Сехенија, син Езелиев и со него триста души; од синовите Адинови – Овит, син Јонатуев, и со него двесте и педесет души;

33од синовите Иламови – Јесија, син Готолиев, и со него седумдесет души;

34од синовите Сафатиеви – Зараија, син Михаилов, и со него седумдесет души;

35од синовите Јоавови – Авадија, син Језилов, и со него двесте и дванаесет души;

36од синовите Ваниеви – Асалимот, син Јосафиев, и со него сто и шеесет души;

37од синовите Вавиеви – Захарија, син Виваев, и со него дваесет и осум души;

38од синовите Астатови – Јоан, син Акатонов, и со него сто и десет души;

39од синовите Адоникамови излегоа последни од нив; еве ги имињата нивни: Елифала, син Јеуилев, и Самеј, и со нив седумдесет души;

40од синовите Вагоеви – Утиј, син Истакуров, и со него седумдесет души;

41Ги собраа кај реката, наречена Теран, каде што останавме три дена, и јас ги прегледав.

42И откако не најдов таму никого од свештениците и левитите,

43испратив од Елеазара, Идуила, Маасамана, Алнатана, Мамеја, Самеја, Јорива, Натана, Енатана, Захарија и Месулама, водачи и учени,

44и им реков да одат при Додеа, чувар на ризницата,

45и им заповедав да му кажат на Додеја и на браќата негови и на оние, што се во месноста Касифја, да ни испратат свештеници за домот на Господа, Бог наш.

46И тие ни доведоа, со моќната рака на Господа, нашиот Бог, учени мажи од синовите на Мооли – син Левиев, син Израилев: Асевевија и синовите негови и браќата негови – осумнаесет души;

47Асевија, Ануја, и Осеја братот од синовите Ханунееви, и синовите нивни – дваесет души;

48и од служителите на храмот, што беше дал Давид и началниците да им служат на левитите – двесте и дваесет служители, со список на имињата од сите.

49Таму објавив пост пред Господа, Нашиот Бог,

50за да измолиме од Бога успешен пат за нас и за нашите сопатници, за децата наши и за добидокот,

51бидејќи ми беше срам да барам од царот пешаци и коњаници и водачи за безопасност од нашите непријатели;

52бидејќи му бевме рекле на царот, дека силата на нашиот Господ ќе биде со оние, што Го бараат, во секоја нивна добра замисла.

53И така, ние пак Му се помоливме на Господа, нашиот Бог, и за сето тоа и добивме од Него голема милост.

54Тогаш одделив од родоначалниците и свештениците дванаесет души, Есеревија и Самија, и со нив од браќата нивни десет души.

55И го измерив пред нив среброто и златото и свештените садови од домот на нашиот Господ, што ги подари царот и советниците негови и големците и сите Израилци.

56Го измерив и им предадов сребро шестотини и педесет таланти, и злато – сто таланти, садови златни – дваесет, садови бакарни, од првокласен бакар, блескави како злато – дванаесет.

57И им реков: »И вие сте свети пред Господа, и овие садови се свети, како и златото и среброто, дадено по завет на Господа, Бог на татковците наши.

58Одржувајте ги и чувајте ги, додека да ги предадете на постарите свештеници и левитите и родоначалниците Израилски во Ерусалим, во ризницата при домот на нашиот Бог.

59Свештениците и левитите го примија среброто, златото и садовите за Ерусалим и ги внесоа во храмот Господов.«

60Откако се кренавме од реката Теран во дванаесеттиот ден на првиот месец, ние одевме за Ерусалим под моќната рака на Господа над нас, и Он не чуваше, откако тргнавме, од секаков непријател, и стигнавме во Ерусалим.

61Тука, откако измина три дни, на четвртиот ден измереното сребро и злато беше предадено во домот на нашиот Господ на свештеникот Мармора, син Уриев.

62Со него беше Елеазар, Финесовиот син; со него беа исто така Јосавад, Исусовиот син, и Моет, син Саваниев, левити; предадоа сѐ под број и мерка; целата мерка во истото време им беше запишана.

63Тогаш дојдените од пленство му принесоа жртва на Бога Израилев, дванаесет вола за сите Израилци, деведесет и шест овни, седумдесет и две јагниња, дванаесет козли за спасение: сето тоа – како жртва на Господа;

64и им ги предадовме царските заповеди на управителите и началници на Кили-Сирија и Фенекија, и тие му оддадоа почит на народот и храмот Господов.

65Кога заврши тоа, дојдоа при мене началниците и рекоа:

66»Народот Израилски и началниците, и свештениците, и левитите не се одделија од другоплемените народи на таа земја и од нивните нечистотии, од народите Хананејски, Хетејски, Ферезејски, Јевисејски, Моавски и Идумејски;

67зашто стапија во сопружништво со ќерките нивни, та светското семе го смешаа со другоплемени народи на таа земја; водачите нивни и големците станаа соучесници во тоа беззаконие од самиот почеток.«

68Штом го чув тоа, ја раскинав облеката своја и свештените одежди и ги кубев косите свои на главата и брадата, и седев загрижен и натажен.

69И додека тагував поради тоа беззаконие, се собраа кај мене сите, што беа поттикнати од словото на Господа, Бога Израилев, и јас седев нажален до вечерната жртва.

70Тогаш станав од моето место и со раскината облека и раскинати свештени одежди паднав на колена, и подадов раце кон Господа и реков:

71»Господи, се срамувам и се гнасам пред лицето Твое,

72зашто гревовите наши стигнаа до над главите наши, и безумствата наши стигнаа до небото;

73уште од времињата на татковците наши и до денес ние сме во голем грев;

74и за гревовите наши и на татковците наши, ние со браќата свои, царевите свои и свештениците свои бевме фрлени под мечот на другоземни цареви, во пленство и грабеж со понижување сѐ до денес.

75Но сега каква голема милост ни направи Ти, Господи Боже, кога ни остави корен и име на местото каде што е Твојата светиња,

76кога ни откри светило, во домот на Господа, нашиот Бог, кога ни даде прехрана во текот на нашето робување! И додека бевме во ропство, Господ, нашиот Бог, не нѐ заборави,

77туку нѐ постави во благоволение при персиските цареви, за да ни дадат прехрана

78и да го прослават храмот на нашиот Господ, та да биде подигнат опустошениот Сион и нам да ни биде дадена поткрепа во Јудеја и Ерусалим.

79А сега, што да кажеме, Господи, имајќи го сето тоа? Ние ги погазивме Твоите заповеди, што ни ги даде преку раката на Твоите слуги – пророците, велејќи:

80Земјата во која одите, за да ја наследите, е осквернета од гнасотиите на другоплемениците во таа земја, и тие ја наполнија со нечистотиите свои.

81Сега не ги давајте ќерките свои за синовите нивни, ниту земајте ќерки нивни за синовите свои,

82и не барајте мир со нив за сето време, за да се зацврстите и да ги вкусите благата на таа земја и да ја оставите во наследство на децата свои довека.

83Сѐ што ни станува поради нашите лоши работи и поради нашите големи гревови, Ти, Господи, ги олесни гревовите наши

84и ни даде таков корен; но ние одново почнавме да го газиме Твојот закон, смешувајќи се со нечистотиите на народите во таа земја.

85Дали ни се налути така, што да нѐ погубиш и да не оставиш ни корен, ни семе, ни име наше?

86Ти си справедлив, Господи Боже Израилев, зашто ние останавме корен и до денес!

87Но, ете, ние сме сега пред Тебе со беззаконијата свои, а со нив не би требало да стоиме пред Тебе.«

88Додека Ездра се молеше, исповедуваше и плачеше, испружен на земјата пред храмот, се собра околу него од Ерусалим многу, народ: мажи, жени и деца, и настана голем плач меѓу народот.

89Тогаш извика Јехониј, синот Јоилев, Израилец, и рече: »Ездра, ние згрешивме пред Господа: зедовме другоплемени жени од народите на онаа земја; и ете, сега е тука сиот Израил;

90да се заколнеме пред Господа, дека ќе ги отфрлиме од нас другоплемените жени со децата нивни, според она како што ти е угодно тебе и на сите оние што му се покоруваа на Господовиот закон.

91Стани и изврши го тоа, зашто тоа е твоја работа, и ние со тебе ќе бидеме во сила да го издржиме тоа.«

92Тогаш Ездра стана и ги заколна постарите свештеници и левитите на сиот Израил, дека ќе постапат така; и тие се заколнаа.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help