4 Царства 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Елејот на вдовицата.

1Една од жените на пророчките синови со плачење му говореше на Јелисеја: »Твојот слуга, мажот мој, умре; а ти знаеш, дека твојот слуга се плашеше од Господа; сега дојде заемодавачот да ги земе двете мои деца за робје.«

2Јелисеј ѝ рече: »Што да направам за тебе? Кажи ми што имаш дома?« Таа одговори: »Слугинката твоја ништо нема во домот свој, освен еден сад со масло.«

3А тој рече »Оди и побарај садови однадвор, од сите твои соседи, празни садови; собери доволно,

4потоа оди и затвори ја вратата зад себе и зад синовите свои и налевај во сите тие садови; полните ставај ги настрана.«

5Таа си отиде од него и ја затвори вратата зад себеси и зад синовите свои. Тие ѝ подаваа, а таа налеваше.

6Кога беа наполнети садовите, таа му рече на синот свој: »Дај ми уште еден сад.« Тој ѝ рече: »Нема повеќе садови.« И маслото престана да тече.

7Таа дојде и му раскажа на Божјиот човек. Тој ѝ рече: »Оди, продај го маслото и исплати ги долговите свои; а со тоа, што ќе остане, ќе живееш со синовите свои.«

8Еден ден Јелисеј отиде во Сонам. Таму една богата жена го покани во домот свој да јаде леб, и тој, секогаш кога ќе минеше, навратуваше таму да јаде леб.

9Таа му рече на мажот свој: »Ете, јас знам, дека Божјиот човек, кој постојано минува покрај нас, е свет;

10да му направиме мала горна соба над ѕидот и да му ставиме таму легло и маса, и стол и светилник, та кога доаѓа кај нас, да се повлекува таму.«

11Еден ден Јелисеј отиде таму, се качи во горната соба своја и си легна таму,

12па му кажа на слугата свој Гиезиј: »Повикај ја таа Сонамка.« Тој ја повика, и таа застана пред него.

13И му рече: »Кажи н: ‚ете, ти толку се грижиш за нас; што да направиме за тебе? Има ли потреба да му проговориме за тебе на царот, или на војводата!‘« Таа одговори: »Не, јас живеам меѓу народот свој.«

14Јелисеј продолжи и рече: »Тогаш што да направиме за неа?« И рече Гиезиј: »Ете, таа нема син, а мажот нејзин е стар.«

15И рече Јелисеј: »Повикај ја.« Тој ја повика, и таа застана на вратата.

16Јелисеј ѝ рече: »По една година, во ова исто време, ти ќе држиш на раце син.« Таа рече: »Не, господару мој, човеку Божји, немој да ја лажеш слугинката своја.«

17И жената остана бремена и роди син на другата година, во она исто време, како што ѝ кажа Јелисеј.

18Детето порасна и еден ден отиде кај татка си, при жетварите.

19И му кажа на татка си: »Главата, главата ме боли.« А тој му рече на слугата свој: »Одведи го кај мајка му!«

20Го зеде и го одведе кај мајка му. И тоа седеше во скутот нејзин до пладне и умре.

21Таа отиде и го положи во леглото на Божјиот човек, го затвори и излезе,

22па го повика мажот свој и рече: »Испрати ми еден од слугите и една од ослиците; ќе одам кај Божјиот човек и ќе се вратам.«

23А тој ја праша: »Зошто ќе одиш при него? Денес не е нов месец, не е ни сабота.« Но таа рече: »Добро е.«

24И ја оседла ослицата и му кажа на слугата свој: »Води и врви; не запирај додека не ти кажам.«

25И тргнаа и дојдоа при Божјиот човек, на гората Кармил. А кога Божјиот човек ја виде оддалку, му кажа на слугата свој Гиезија: »Еве ја онаа Сонамка;

26отрчај да ја пресретнеш и да ја прашаш: ‚здрава ли си, здрав ли е мажот нејзин, здраво ли е детето?‘« – Таа одгорови: »Здрави сме.«

27А кога дојде при Божјиот човек на гората, се фати за нозете негови. И Гиезиј се доближи, за да ја отстрани; но Божјиот човек рече: »Остави ја, душата ѝ е огорчена, а Господ ја сокри од мене и не ми јави.«

28И таа рече: »Барав ли јас од мојот господар син? Не зборував ли: немој да ме лажеш?«

29Тој тогаш му рече на Гиезија: »Опаши се преку половината и земи го стапот мој во раката и врви; ако сретнеш некого, не го поздравувај; а ако некој те поздрави, не му одговарај; и стави го стапот врз лицето на детето!«

30А мајката на детето рече: »Жив Господ и жива ти душата! Нема да те оставам.« Тогаш и тој стана и тргна по неа.

31Гиезиј отиде пред нив и го стави стапот врз лицето на детето. Но не се чу ни глас, ни одговор. И му излезе во пресрет, му соопшти и рече: »Детето не се разбудува.«

32И Јелисеј влезе во куќата, и ете, умрено дете лежи на леглото негово.

33И влезе, ја затвори вратата зад себе и му се помоли на Господа;

34потоа се качи, легна врз детето, ја стави устата своја врз неговата уста, очите свои врз неговите очи, и дланките свои врз неговите дланки, и се простре врз него, и телото на детето се загреа.

35Јелисеј стана и почна да оди по собата натаму – наваму; потоа пак се качи и се простре врз него. И детето кивна седумпати и ги отвори очите свои.

36И тој го повика Гиезија и му рече: »Повикај ја Сонамката!« И тој ја повика. Таа дојде при него, и тој рече: »Земи си го синот свој!«

37Таа се доближи, падна пред нозете негови и се поклони до земја; потоа го зеде синот свој и излезе.

38А Јелисеј се врати во Галгал. Во таа земја имаше глад, и синовите пророчки седеа пред него. И тој му кажа на слугата свој: »Стави го големиот котел и свари леќа за пророчките синови.«

39И излезе еден од нив во полето да собира зелен; најде еден корен од дива лоза, и набра од неа полн скут диви плодови; се врати и ги стави во котелот со леќа, зашто не ги познаваше.

40Им поставија да јадат. Но штом почнаа да ја јадат леќата, извикаа и велеа: »Смрт има во котелот, човече Божји!« И не можеа да јадат.

41А тој рече: »Дајте брашно!« И го истури во котелот и му рече на Гиезија: »Стави им на луѓето, нека јадат.« И во котелот не остана ништо отровно.

42Дојде некој си од Ветарис и му донесе на Божјиот човек лебна првина – дваесет јачмени лепчиња и млади зрна во класови. И рече Јелисеј »Дај им на луѓето да јадат.«

43И рече слугата негов: »Што ќе им дадам на сто души?« А тој рече: »Дај им да луѓето, нека јадат, зашто така вели Господ: ќе се наситат, и ќе остане.«

44Тој им даде, и тие се наситија, и остана уште, според словото Господово.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help