Мудри Соломонови Изреки 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Други опомени.

1Синко, ако си зел одговорност за твојот ближен и си ја дал раката своја за друг,

2ти си се врзал со зборовите на устата своја, фатен си со зборовите на својата уста.

3Затоа направи, синко еве што, за да се избавиш, бидејќи, си паднал во рацете на својот ближен: оди, падни пред нозете на блискиот свој и моли го;

4не им давај сон на очите твои и дремка на клепките свои,

5спасувај се како срна од стапица и како птица од мрежа.

6Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар.

7Таа нема ниту началник, ни настојник, ниту заповедник;

8но ја приготвува храната лете, ја собира во време на жетва храната своја. Или оди кај пчелата и види, колку е трудољубива, каква пофална работа врши; трудот нејзин го употребуваат за здравје и царевите и обичните луѓе; неа сите ја сакаат, и таа е славна; иако по силата е слаба, но по мудроста е почитувана.

9До кога, мрзливче ќе спиеш? Кога од сонот ќе станеш?

10малку ќе поспиеш, малку ќе подремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш:

11и ќе дојде сиромаштијата твоја како патник, и немаштијата твоја како разбојник. Ако, пак, не бидеш мрзелив, жетвата твоја ќе дојде како извор, а скудноста ќе избега далеку од тебе.

12Човек лукав, човек нечестив со лажлива уста,

13намигнува со очите, говори со нозете, дава знаци со прстите,

14во срцето негово има подмолност: тој мисли зло во секое време, сее раздори.

15Затоа ненадејно ќе дојде неговата пропаст, наеднаш ќе биде сотрен – без излекување.

16Еве шест работи, кои Господ ги мрази – дури седум, што му се одвратни на душата Негова:

17очи горделиви, јазик лажлив и раце, што пролеваат невина крв,

18срце кои крои лоши планови, нозе, кои брзо трчаат кон зло,

19лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа.

20Синко, пази ја заповедта на татка си и не отфрлај поуката на мајката своја;

21врзи ги засекогаш за срцето свое, врзи ги околу вратот свој.

22Ако тргнеш, тие ќе те раководат; ако легнеш да спиеш, ќе те пазат, ако се разбудиш, ќе разговараат со тебе;

23зашто заповедта е светило, и поуката – светлина, а опомената – пат кон животот,

24за да те пазат од расипана жена, од ласкав јазик на туѓа.

25Не ја посакувај убавината нејзина во срцето свое, за да не бидеш уловен преку очите свои и да не те вовлече со трепките свои,

26зашто поради жена блудница човекот паѓа до корка леб, а жена прељубодејка уловува многу чесна душа.

27Може ли некој да носи оган во гради, а да не се запали облеката негова?

28Може ли некој да оди по вжарени јаглења, а да не ги изгори нозете свои?

29Истото тоа станува и со оној, кој влегува кај жена на ближниот свој; кој и ќе се допре до неа, нема да остане без вина.

30Не му проштеваат на крадецот, ако краде за да си ја насити душата, кога е гладен;

31ако го фатат, тој плаќа седумпати повеќе, го дава целиот свој имот.

32Кој, пак, врши прељуба со прељубница, тој нема ум; си ја погубива душата своја, оној што врши тоа;

33биење и срам ќе најде тој, и бесчестието негово нема да се избрише,

34зашто љубомората е јарост на мажот, и во денот на одмаздата своја – тој не ќе знае за милост,

35нема да прими никаков откуп и нема да се задоволи ни со многу подароци.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help