Неемија 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Ѕидањето продолжува.

1Кога чу Санавалат, дека ги ѕидаме ѕидовите, се налути и додеваше многу и се подигруваше со Јудејците;

2и зборуваше пред браќата свои и пред самариските воени луѓе, велејќи: »Што прават тие проклети Јудејци? Зар ќе им го дозволат тоа? Зар тие ќе принесат жртви? Зар ќе завршат некогаш? Зар ќе ги оживеат камењата од купиштата прав, и притоа изгорени?«

3А до него Товија, Амонитецот, рече: »Нека го ѕидаат; ќе мине лисицата и ќе ги срине камените ѕидови нивни.«

4Чуј, Боже наш, на каков презир сме, и сврти ја таа нивна подигравка врз главите нивни, предај ги на презир во земја во пленство.

5Не ги прикривај беззаконијата нивни, и гревот нивни да не биде избришан пред лицето Твое, бидејќи Те огорчија оние што ѕидаат.

6Ние сепак го градевме ѕидот, и целиот ѕид високо беше поврзан до половината негова. И на народот му беше при срце да работи.

7Кога слушнаа Санавалат и Товија, и Аралците, и Амонитите, и Азотите, дека ерусалиските ѕидови се возобновуваат, дека расипаното почна да се исполнува, многу се разгневија.

8И се договорија да одат заедно да војуваат против Ерусалим и да го разрушат.

9А ние му се молевме на нашиот Бог и поставивме спроти нив стража дење и ноќе, за да се спасиме од нив.

10Но Јудејците рекоа: »Ослабна силата на носачите, а земја од урнатините има многу; не можеме да го градиме ѕидот.«

11А непријателите наши, пак, велеа: »Нема да успеат и нема да видат, кога наеднаш ќе влеземе меѓу нив, ќе ги убиеме, и ќе ја запреме работата.«

12Доаѓаа Јудејците, што живееја до нив, и ни говореа на десетина пати од сите места дека ќе нѐ нападнат,

13тогаш по ниските места на градот, зад ѕидот, по сувите места, го поставија народот по родови со мечевите нивни, со копјата нивни и со лаковите нивни.

14Па погледнав и станав, та им реков на првенците и војводите и на другиот народ: »Не плашете се од нив; помнете Го Господа велик и страшен и бијте се за браќата свои, за синовите свои, за ќерките свои, за жените свои и за куќите свои.«

15Кога слушнаа нашите непријатели, дека ни е познато што кројат, тогаш Бог го растури нивниот заговор, и ние сите се вративме кај ѕидот, секој на својата работа.

16Од тој ден половината од младите при мене се наоѓаа на работа, а другата половина нивна стоеја со копја, штитови, лакови и оклопи; а војводите нивни беа зад целиот дом Јудин.

17Оние, што го градеа ѕидот и носеа товари, што им се наложуваа, со едната рака ја вршеа работата, а во другата рака држеа копје.

18Сите градители беа препашани со меч околу половината, и така градеа, а до мене беше трубачот.

19И им реков на првенците и началниците и на другиот народ: »Работата е голема и просторна, а ние сме распрснати по ѕидот и оддалечени едни од други;

20затоа, од каде ќе чуете трубен звук, во тоа место собирајте се при нас: Бог наш ќе се бори за нас.«

21Така ја теравме работата; и половината ги држеа копјата откако зората се појави, додека ѕвездите да излезат.

22Освен тоа, истовремено му бев порачал на народот да ноќеваат во Ерусалим сите со слугите свои, – и да бидат тие кај нас ноќе на стража, а дење на работа.

23И ниту јас, ниту браќата мои, ниту стражарите, што ме придружуваа, не ги соблекувавме облеките свои, и секој од нас имаше при рака меч и вода.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help