Броеви 23 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Валаамовата клетва Бог ја претвора во двоен благослов.

1Тогаш Валаам му рече на Валака: »Изгради ми овде седум жртвеници и приготви ми седум телиња и седум овни.«

2Валак направи така, како што рече Валаам; и принесоа Валак и Валаам по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.

3И му рече Валаам на Валака: »Застани при својата сепаленица, а јас ќе појдам, можеби ќе се јави Господ пред мене, и што ќе ми открие, ќе ти кажам.« И остана Валак при сепаленицата своја, а Валаам отиде на другата страна за да Го праша Бога.

4И му се јави Бог на Валаама, и Валаам Му рече: »Јас подигнав седум жртвеници и принесов по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.«

5И му вложи Господ збор во устата на Валаама и рече: »Врати се при Валака и речи вака.«

6И се врати при него, а тој стоеше при својата сепаленица, тој и сите моавски кнезови. А Духот Божји беше врз него.

7И ги прими овие зборови, па рече: »Од Месопотамија, од источните планини, ми рече Валак, моавскиот цар: дојди, проколни ми го Јакова, и дојди, проколни ми го Израилот!

8Како ќе проколнам? Бог не го проколнува. Што лошо ќе речам, кога Господ не злословува.

9Од врвот на гората го гледам, од ридовите го гледам: ете народ кој живее одделно и не се вбројува меѓу народите.

10Кој ќе го изброи семето на Јакова и кој ќе го пресмета бројот на народот Израилев. Да умре душата моја, како што умираат праведниците, и крајот мој да биде како нивниот!«

11И му рече Валак на Валаама: »Што ми направи? Јас те повикав да ги проколнеш непријателите мои, а пак ти, ете, ги благословуваш со благослов.«

12Тој одговори и рече: »Не требаше ли да го кажам токму она, што Господ го вложи во устата моја?«

13И Валак му рече: »Дојди со мене на друго место, од каде што ќе видиш, но само дел од него ќе видиш, а нема целиот да го видиш; и проколни ми го оттаму.«

14И го одведе до границата на полето на врвот на една карпа, и изгради таму седум жртвеници, и принесе по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.

15И му рече Валаам на Валака: »Стој тука при сепаленицата своја, јас пак, ќе одам понатаму за да Го прашам Бога.«

16И го сретна Бог Валаама, и му вложи слово во устата негова, па рече: »Врати се при Валака и кажи му така.«

17И се врати при него, а тој стоеше при својата сепаленица, а заедно со него и сите моавски кнезови. И му рече Валак: »Што вели Господ?«

18Тој го започна своето кажување и рече: »Стани Валако, слушај и внимавај, сине Сепфоров!

19Бог не е човек, та да се колеба, ниту е син човечки, па да се изменува. Што ќе каже, па да не го изврши, или што ќе рече, па да не биде така?

20Ете, доведен сум да благословувам: ќе благословувам, и никако инаку.

21Не се гледа мака во Јакова, и не се забележува ни болест кај Израилот; Господ Бог е со него, и тој има слава царска.

22Бог го изведе од Египет: тој е брз како еднорог:

23нема гатање кај Јакова, нема маѓепсништво кај Израилот; некогаш ќе речат за Јакова и за Израилот: ете, што направи Бог!

24Ете, еден народ се подигна како лавица и се исправи како лав; нема да легне, додека не го изеде пленот свој и додека не се напие од крвта на победените.«

25И му рече Валак на Валаама: »Ни со клетва не го проколнувај, ни со благослов не го благословувај.«

26И одговори Валаам и му рече на Валака: »Не ли ти реков што ќе рече Господ, тоа и ќе го изврши.«

27И му рече Валак на Валаама: »Дојди, ќе те одведам на друго место; ќе Му биде секако угодно на Бога, и оттаму ќе ми го проколнеш.«

28И го поведе Валак Валаама на врвот од Фагор, што се протега спрема пустињата.

29И му рече Валаам на Валака: »Изгради ми овде седум жртвеници и приготви ми седум телиња и седум овни.«

30И Валак направи, како што рече Валаам, и принесе по едно теле и по еден овен на секој жртвеник.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help