3. Ездра 10 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Севишниот преку видение на пророкот му открива многу тајни.

1»Но кога синот мој влезе во брачната одаја, тој падна и умре.

2Ги превртивме сите ние светилниците, сите мои сограѓани почнаа да ме утешуваат, а јас почивав до ноќта идниот ден.

3А кога сите престанаа да ме утешуваат, за да ме остават на мир, јас станав ноќта, побегнав и дојдов, како што гледаш во ова поле.

4Мислам веќе да не се враќам во градот, туку да останам овде; да не јадам, да не пијам, туку непрестајно да плачам и да постам, сѐ додека не умрам.«

5Откако ги оставив моите размислувања, со кои бев зафатен, со гнев ѝ одговорив и реков:

6»О, најбезумна од сите жени! Не ја гледаш ли нашата жалост и ова што ни стана,

7дека Сион, нашата мајка, прекумерно тагува, дека е крајно понижена и дека горко плаче?

8И сега, кога сме сите натажени и кога жалиме, зар ти ќе жалиш само за твојот син?

9Прашај ја земјата, и таа ќе ти одговори дека токму таа треба да го оплакува паѓањето на толку многу нејзини рожби,

10зашто сите што се родени од неа уште од почетокот, и други што ќе дојдат, речиси сите загинуваат и толкумина од нив биваат предавани на истребување.

11И така, кој треба повеќе да жали, ако не онаа што загубила толку големо мноштво, а не ти, која жалиш само за еден?

12Ако ми кажеш дека мојот плач не прилега на плачот на земјата, зашто јас го изгубив плодот на мојата утроба, што сум го носела со тага и што сум го родила со болки,

13а земјата загубува според своето својство – а сегашното мноштво на неа, како што си оди, така и доаѓа.

14Но јас ќе ти кажам дека, како ти што си родила со мака, исто така, и земјата му го дава својот плод на човекот, кој ја обработува од почетокот.

15Затоа, воздржи се сега од твојата жалост и храбро поднеси ја загубата што те постигнала.

16Зашто, ако признаеш, дека Божјата одлука е праведна, кога ќе дојде времето, ќе го добиеш сина си, и ќе бидеш прославена меѓу жените,

17и така, врати се во градот при својот маж.«

18Но таа рече: »Нема да направам така, нема да се вратам во градот, туку овде ќе умрам.«

19Продолжувајќи да говорам со неа, јас ѝ реков:

20»Не прави го тоа, туку послушај го мојот совет. Зашто колку ли се неволјите на Сион? Утеши се поради жалоста на Ерусалим.

21Оти гледаш дека нашето светилиште е запустено, дека олтарот наш е урнат и храмот е разрушен;

22псалтирот наш е понижен, песните молкнаа, радоста исчезна, светлината на светилникот изгасна, ковчегот на нашиот завет е разграбен. Светињата наша е осквернета, а името што ни е дадено – речиси е поругано, нашите деца претрпеа срам, свештениците наши се избиени, левитите наши – во плен се одведени, девојките наши се обесчестени, жените наши претрпеа насилство, праведниците наши се одвлечени, децата ни загинаа, младичите наши се во ропство, а јунаците наши изнемогнаа;

23а она што е најтешко, знамето на Сион ја загуби својата слава, зашто им е предадено во рацете на оние што нѐ мразат.

24Затоа остави ја твојата голема тага, одложи ги твоите многу жалости, за да се смилува Севишниот над тебе; Севишниот ќе те успокои и маките ќе ти ги олесни.«

25Кога ѝ ги упатив тие зборови, погледот нејзин одеднаш светна и, ете, стана изгледот нејзин стана болскав, така што јас се исплашив од неа, и помислив што треба да значи тоа.

26И одеднаш извика толку страшно, така што од тоа нејзино викање земјата се заниша.

27И јас видов: ете, жената веќе не ми се јавуваше, туку се градеше грда; неговото место се обележуваше на широки основи и јас, исплашен, високо извикав и реков:

28»Каде е ангелот Уриил, кој во почетокот доаѓаше при мене? Зошто тој ме доведе до ваква избезуменост, во која целта на мојот стремеж се загуби и молитвата моја се претвори во злословие?«

29Кога го говорев ова, тој дојде при мене,

30ме виде, и, ете, јас лежев како мртов и во несвест; ме фати за десната рака, ме поткрепи и, откако ме исправи на нозе, ми рече:

31»Што ти е? Зошто разумот и чувствата на твоето срце се смутени? Од што се возбудуваш?«

32Јас му одговорив и му реков: »Ти ме остави; постапувајќи по твоите зборови, излегов во полето и, ете, видов и уште го гледам она што не можам да го сфатам.«

33Тој ми рече: »Стој храбро, јас ќе ти објаснам.«

34Јас му реков: »Говори ми, Господару мој; само не оставај ме залудно да умрам;

35бидејќи го видов она што не го знаев и го чув она што не ми беше познато.

36Дали моето чувство ме мами или душата моја блада во сон?

37Затоа, ти се молам, да ми ја објасниш мене, на твојот слуга, оваа моја избезуменост.« – Одговарајќи ми, тој рече:

38»Слушај ме, јас ќе те научам и ќе ти го објаснам тоа што те исплаши: зашто Севишниот ќе ти открие многу тајни.

39Он го гледа твојот прав пат, гледа дека непрестајно жалиш за народот и дека силно тажиш за Сион.

40Ова значи видението што ти се јави пред малку:

41жената што ја виде дека плаче, а ти се мачеше да ја утешиш,

42таа која отпосле стана невидлива, а тебе ти се јави град кој се ѕидаше –

43и што ти раскажа за смртта на сина си, еве што значи:

44жената што ја виде – тоа е Сион. А она што ти рече таа – која ја виде како град – туку што почнал да се ѕида,

45дека таа триесет години била неплодна, со тоа се покажа оти во текот на триесет години не била принесувана жртва во Сион.

46По триесет години неплодната родила син; тоа беше тогаш кога Соломон го изѕида градот и принесе жртва.

47А она што ти рече дека со труд го отхранила, тоа беше животот во Ерусалим.

48А она што ти рече, дека нејзиниот син, кога влегол во брачната одаја, паднал и умрел, тоа е паѓањето на Ерусалим.

49И ете, ти ја виде споредбата со неа: како таа жалеше за својот син, а ти настојуваше да ја утешиш за она што станало: ова требаше да ти се објасни,

50А сега, Севишниот, гледајќи те дека жалиш со душа и со срце за него, Он ти ја покажа светлината на неговата слава и неговата убавина.

51Токму затоа ти зповедав да живееш во полето, каде што не е положена основа за зграда.

52Јас знаев дека Севишниот ќе ти го покаже ова;

53да дојдеш во полето, каде што не е положена основа за зграда.

54Зашто не можеше да постои основа за човечка градба, таму каде што почнуваше да се покажува градот на Севишниот.

55Па така, не плаши се, да не се плаши твоето срце, но влези и види ги болскотот и убавината на градбата, колку што можат твоите очи да гледаат.

56Потоа ќе чуеш колку што можат твоите уши да слушаат.

57Ти си поблажен од многумина и, како малкумина, си повикан при Севишниот.

58Утре преку ноќта остани тука,

59и Севишниот ќе ти покаже видние на најголеми дела, кои Он ќе ги изврши во последните дни за жителите на земјата.«

60И спиев преку таа ноќ и преку идната како што ми заповеда тој.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help