Судии 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Гедеон станува судија.

1А синовите Израилев пок почнаа да прват зло пред Господа, и Господ ги предаде во рацете на Мадијамците за седум години.

2Тешка беше раката Мадијамска, над Израилот, и Израилевите синови поради Мадијамците си правеа прибежишта во пештери и тврдини по горите.

3И кога ќе посееше нешто Израилот, ќе дојдеше Мадијамец или Амаликиец или жител од исток, ќе нападнеше на него;

4и стоеше кај нив во шаторите, и ги уништуваше земните плодови дури до Газа, и не му оставаше за исхрана на Израилот ни овца, ни вол, ни осел.

5Зашто тие доаѓаа со добитокот свој и со шаторите свои, доаѓаа во големо множество – како скакулци; тие и камилите нивни број немаа, и одеа по земјата Израилева за да ја опустошуваат.

6Многу осиромаше тогаш Израилот од Мадијамците, и повикаа синовите Израилиеви кон Господа.

7А кога синовите Израилеви повикаа кон Господа против Мадијамците,

8Господ испрати пророк при Израилевите синови и Он им рече: »Вака вели Господ, Бог Израилев – Јас ви изведов од Египет, ве изведов од домот на ропството;

9ве избавив од раката на Египтјаните и од раката на сите ваши угнетувачи, ги истерав од пред вас, и ви ја дадов земјата нивна,

10и ви реков: ‚Јас сум Господ, Бог ваш; не ги почитувајте боговите на Аморејците, во чија земја живеете.‘«

11Тогаш дојде Ангелот Господов и седна во Ефрат под дабот, кој беше Јоасов, таткото на Авиезер; а синот негов Гедеон млатеше на гумното, за да се сокрие од Мадијамците.

12И му се јави Ангелот Господов и му рече: »Со тебе е Господ, мажу силен!«

13Гедеон му одговори: »Господару мој, ако е Господ со нас, зошто нѐ снајде сета оваа мака? И каде се сите Негови чудеса, за кои ни раскажуваа нашите татковци, велејќи: ‚Господ нѐ изведе од Египет?‘ Сега Господ нѐ остави и нѐ предаде во рацете на Мадијамците.«

14Господ го погледна и рече: »Оди со таа своја сила и спаси го Израилот од раката на Мадијамците. Јас те испраќам.«

15Гедеон Му одговори: »Господи, како ќе го спасам Израилот: ете, и племето ми е најбедно во коленото Манасиево и јас сум најмал во домот на мојот татко?«

16Господ му рече: »Јас ќе бидам со тебе, и ти ќе ги поразиш Мадијамците како еден човек.«

17Гедеон Му рече: »Ако сум се здобил со милот пред Тебе, дај ми доказ дека Ти говориш со мене.

18Не оди си оттука, додека не дојдам кај Тебе, да ти донесам дар свој и да Ти го предадам«. Он рече: »Јас ќе останам, додека се вратиш.«

19Гедеон отиде и приготви козле и лебови пресни од една ефа брашно; месото го стави во кошница, чорбата ја налеа во грне, ги донесе при Него под дабот и Му ги поднесе.

20И Ангелот Божји му рече: »Земи го месото и погачата, и стави ги на оној камен, а чорбата истури ја.« Тој така и направи.

21Ангелот Господов го протегна крајот на жезалот, што беше во раката негова, и го допре месото и лебовите; и вивна оган од каменот и изгореа месото и лебовите. А Ангелот Господов се сокри од очите негови.

22И виде Гедеон дека тоа беше Ангел Господов и рече Гедеон: »Тешко ми е, Владико Господи, зашто видов лице на Ангел Господов.«

23Господ му рече: »Мир на тебе, не плаши се, нема да умреш!«

24И Гедеон Му изгради таму жртвеник на Господа и го нарече: Јехова Шалом. Тој стои и до денес во Ефрат Авиезеров.

25Во таа ноќ Господ му рече: »Земи едно теле од стадото на татка ти и едно јуне седумгодишно и разруши го жртвеникот Ваалов, кој што е кај татка ти, и исечи ги дрвцата, што се кај него,

26и изгради Му како што треба жртвеник на твојот Господ Бог, Кој ти се јави на врвот од карпата, па земи го второто теле и принеси го како жртва сепаленица врз дрвцата, што ќе ги исечеш.«

27Гедеон зеде десет души слуги свои и направи како што му рече Господ; но бидејќи се плашеше од домашните на таткото свој и од жителите градски да го направи тоа дење, го направи ноќе.

28Кога утредента градските жители станаа, ете, жртвеникот Ваалов беше разрушен, дрвцата близу него исечени и второто теле принесено како жртва врз новоизградениот жртвеник.

29И си говореа еден на друг: »Кој го направи тоа?« Бараа, распрашуваа и рекоа: »Јоасовиот син Гедеон го направи тоа.«

30И градските жители му рекоа на Јоаса: »Изведи го синот свој; тој треба да умре, зашто го разруши Вааловиот жртвеник и ги исече дрвцата, што беа до него.«

31Јоас им кажа на сите што дојдоа при него: »Вие ли ќе се застапувате за Ваал, вие ли ќе го заштитувате? Кој ќе се застапи за него, ќе биде предаден на смрт уште ова утро; ако е тој бог, сам нека се одмазди за тоа што му го срушил жртвеникот негов.«

32И почнаа да го нерекуваа од тој ден Јероваал, бидејќи Јоас беше рекол: сам нека се одмазди Ваал со него, поради тоа што му го срушил жртвеникот негов.

33И сите Мадијамци и Амаликовците и жителите од исток се собраа заедно, ја преминаа реката и се сместија во долината Израилска.

34И Духот Господов го поткрепи Гедеона; тој затруби со труба, и племето Авиезерово се собра да оди по него.

35И испрати пратеници по сето племе Манасиево, и тоа се одзва да оди по него; тој исто така испрати пратеници до Асира, Завулона и Нефталима, и тие дојдоа таму да се сретнат.

36А Гедеон Му рече на Бога: »Ако го спасиш Израил преку мојата рака, како што говореше Ти,

37тогаш еве, ќе положам овде на гумното едно руно – ако има роса само на руното, а по целата земја биде суво, ќе знам дека Ти преку мојата рака ќе го спасиш Израилот, како што ми рече.«

38Така и стана: утредента, откако стана рано, фати да го цеди руното и исцеди роса од руното цела чаша вода.

39И Гедеон Му рече на Бога: »Не ми се гневи, ако пак кажам и ако само уште еднаш се обидам со руното – нека биде суво само на руното, а по целата земја да има роса.«

40Така и направи Бог во таа ноќ: само на руното беше суво, а по целата земја имаше роса.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help