1Тогаш Јуда слушна за славата на Римјаните, дека се силни и благонаклонети кон сите што им се приврзани и дека со секого склучуваат пријателство.
2Му раскажуваа за тоа дека се моќни и силни, за нивните војни, за јуначките подвизи, со кои се истакнале кај Галите, како биле покорени и направени нивни поданици,
3исто и за она што го направиле во Шпанија, за да ги завладеат тамошните рудници на злато и сребро;
4дека со својата разумност и истрајност ги завладеале сите земји, иако тие биле многу далеку од нив. Исто така, и за царевите што станувале против нив, кои доаѓале од најоддалечените краишта, а тие ги победувале и ја кршеле нивната сила, нанесувајќи им големи порази, а другите им плаќале годишен данок;
5тие ги победиле во војна и Филип и царот на Китим, Персеј, и сите други што станувале против нив.
6Тие го победиле и Антиох, великиот цар на Азија, кој беше излегол против нив во војна со сто и дваесет слонови, со коњица, со бојни коли и со многубројна војска, но и него го уништиле;
7го фатиле жив и го принудиле да им плаќа голем данок, а освен тоа, и тој и царевите што ќе дојдат по него да испраќаат заложници и да дозволат делење,
8а Индија, Мидија, Лидија и некои подобри негови земји ги зеле од него и му ги дале на царот Еумен;
9за тоа како Грците намислиле да појдат и да ги истребат,
10но дека таа нивна намера била откриена и дека испратиле против нив еден војсководец и дека војувал против нив, кога многумина од нив паднале убиени, одведувајќи ги во плен нивните жени и деца и ги ограбиле, ја завладеале нивната земја, нивните тврдини ги урнале и ги држеле во потчинетост до тој ден;
11тие покориле и разориле и други царства и острови, кои некогаш се осмелувале да станат против нив,
12а со своите пријатели и со оние што имале доверба спрема нив – живееле во пријателство, дека владееле со блиски и далечни царства и дека сите што го слушнале нивното име – се плашат од нив.
13Ако сакаа некого да зацарат, тој се зацарува и царува, а кога сакаат – го сменуваат; и тие многу се издигнале;
14но никој од нив не ставил круна, ниту се облекувал во порфира, за да не се погордее.
15Тие имаат свое собрание, во кое секој ден триста и дваесет луѓе се советуваат за сѐ што се однесува за народот и за неговата благосостојба;
16секоја година на еден човек му доверуваат да управува над нив и да владее со целата нивна земја; сите слушаат само еден човек и нема кај нив ни завист ни љубомора.
17Тогаш Јуда ги избра Еуполем, синот на Јован, син на Анос, и Јасон, синот на Елеазар, и ги испрати во Рим, да склучат со нив пријателство и сојуз;
18да им го симнат јаремот од нив, зашто гледаат дека грчкото царство сака да го пороби Израел.
19И така, тие појдоа за Рим. Иако патот беше многу долг, тие стигнаа во Рим и влегоа во собранието, па пристапија и рекоа:
20»Јуда наречен Макабеј, неговите браќа и сиот народ нѐ испратија кај вас да склучиме сојуз и мир, со вас и да нѐ вброите меѓи вашите сојузници и пријатели.«
21Ним им се допаднаа овие зборови.
22И еве го преписот на договорот, што го врежаа на бронзени плочи и им го испратија во Ерусалим, за да биде спомен за мирот и сојузот:
23»Римјните и јудејскиот народ да имаат вечно добро на море и на суво! Мечот и непријателството да бидат далеку од нив!
24Ако настане војна кај Римјаните или кај нивните сојузници во територијата на нивната власт,
25јудејскиот народ е должен да им укаже помош со сето свое срце, доколку околностите го наложат тоа.
26На непријателите нема да им даваат ни жито, ни оружје, ни пари, ни кораби. Така му е угодно на Рим. И тој верно ќе ги извршува своите обврски, без да добива надомест.
27Исто така, ако настане војна во јудејскиот народ порано, Римјаните со сета душа ќе им помогнат во војната, како што ќе наложат приликите.
28На напаѓачите нема да им даде ни жито, ни оружје, ни пари, ни бродови. Така е договорено во Рим и тие се должни да ги извршуваат своите задложенија без измама.«
29Таков сојуз склучија Римјаните со јудејскиот народ.
30Ако пак, потоа едните или другите сакаат нешто да додадат или да изменат, можат тоа да го направат според своја волја, што и да додадат или одземат, тоа ќе ги обврзува.
31И што се однесува до злото што царот Димитриј го прави на Јудеите, ние му пишавме вака: »Зошто си им наложил тежок јарем на нашите пријатели и сојузници – Јудејците?
32Ако ни се обратат пак со жалба против тебе, ние ќе им дадеме справедлива помош и ќе војуваме против тебе и по море и на суво.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.