1Во тоа време, вели Господ, Јас ќе им бидам Бог на сите племиња Израилеви, а тие ќе бидат Мој народ.
2Така вели Господ: народот, што се спасил од меч, најде милост во пустињата; одам да го успокојам Израилот.
3Оддалеку ми се јави Господ и ми рече: со вечна љубов те засакав и затоа пристапив кон тебе со милост.
4Јас пак ќе те кренам, и ти ќе биде обновена, девојко Израилева, па ќе ги земеш тимпаните свои и ќе излезеш на собор со оние што играат;
5пак ќе садиш лоза по самариските височини; лозарите, што ќе ги садат, сами и ќе се користат од нив.
6Оти ќе дојде ден, кога стражата на планината Ефремова ќе извика: »станувајте да се искачиме на Сион при нашиот Господ Бог.«
7Бидејќи така вели Господ: пејте со радост за Јакова и воскликнувајте пред главата на народите; разгласувајте, славете и кажувајте: го избави Господ Твојот народ, остатокот од Израилот!
8Еве, Јас ќе ги доведам од северната земја и ќе ги соберам од земните краишта, и слеп и хром, и бремена и родилка, заедно со нив – големо множество ќе се врати овде.
9Тие отидоа со солзи, Јас, пак, ќе ги поведам со утеха; ќе ги поведам покрај потоци со води, по рамен пат, по кој нема да се сопнуваат; бидејќи Јас сум отец на Израилот, и Ефрем е Мојот првороден.
10Чујте го, народи, словото Господово и разгласете го по островите далечни и кажете: Оној што го расеа Израилот, Он и ќе го собере и ќе го пази како што го прави тоа пастирот со своето стадо;
11оти Господ ќе го откупи Јакова и ќе го избави од рацете на оној, кој беше посилен од него.
12И тие ќе дојдат и ќе се радуваат на сионските височини, и ќе се стрчаат кон добрата Господови, кон пченицата, виното и елејот, кон јагнињата и воловите; и душата нивна ќе им биде како градина напоена со вода, и веќе нема да се измачуваат.
13Тогаш девојката ќе се радува на оро, а и младите и старите заедно; и тагата нивна ќе се претвори во радост, ќе ги утешам и ќе ги зарадувам по нивната болка.
14И ќе ја нахранам душата на свештениците со мрс, и Мојот народ ќе се насити со Моите добра, вели Господ.
15Така вели Господ: глас се слуша во Рама, пискот и горко плачење: Рахил плаче за децата свои и не сака да се утеши за нив, оти ги нема.
16Така вели Господ: задржете го гласот свој од плачење и очите свои – од солзи, оти за трудот твој има награда, вели Господ, и тие ќе се вартат од непријателската земја.
17И надеж има за твојата иднина, вели Господ, и твоите синови ќе се вратат во пределите свои.
18Го слушам Ефрема како плаче: »Ти ме казни, и јас сум казнет како нескротен јунец; сврти ме – и ќе се свртам, зашто ти си мој Господ Бог.
19Кога се обрнав, јас се покајав; кога бев вразумен, се удирав по бедрата; станав посрамен, станав смутен, зашто го носев срамот од младоста своја.«
20Зар Ефрем не е Мојот драг син, не е ли тој дете сакано? Оти, штом ќе почнам да зборувам за него, секогаш се сеќавам со љубов за него; срцето Мое се радува за него; ќе се смилувам над него, вели Господ.
21Постави си знаци по патиштата, постави си купишта камења, запомни го патот, по кој си врвела; враќај се, девојко Израилева, враќај се во тие твои градови.
22Уште ли ќе скиташ, ќерко отстапничка? Оти Господ ќе направи нешто ново на земјата: жената ќе го спаси мажот.
23Така вели Господ Саваот, Бог Израилев: во иднина, кога ќе ги вратам робовите нивни, тие по земјата на Јуда и во неговите градови ќе го кажуваат овој збор: »Господ нека те благослови, живеалиште на правдата, света горо!«
24И ќе се насели во неа Јуда и сите негови градови заедно, земјоделците и они што пасат стада.
25Бидејќи Јас ќе ја напојам изморената душа и ќе ја наситам секоја малаксана душа.
26Потоа се разбудив и погледнав, и сонот ми беше пријатен.
27Ете, идат дни, вели Господ, кога ќе посеам во домот Израилев и во домот на Јуда семе човечко и семе од добиток.
28И како што внимавав за нив, кога ги искоренував и ги уништував, кога ги разрушував, погубував и повредував, така ќе внимавам на нив, кога ќе ги издигнувам и насадувам, вели Господ.
29И тогаш, нема да велат веќе: »Татковците јадеа кисело грозје, а забите на децата нивни им фаќаат оскомина.«
30Но, секој умира поради своето сопствено беззаконие; кој ќе јаде кисело грозје, нему забите ќе му фаќаат оскомина.
31Еве настапуваат дни, вели Господ, и ќе склучам со домот Израилев и со домот на Јуда нов завет.
32Не онаков завет, каков што склучив со татковците нивни во денот, кога ги фатив за раце, за да ги изведам од Египетската земја; тој Мој завет тие го нарушија, иако останав во сојуз со нив, вели Господ.
33Но еве го заветот, што ќе го склучам со домот Израилев по оние дни, вели Господ: ќе го вложам Мојот закон во утробата нивна и ќе го напишам во срцата нивни, па Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.
34И нема повеќе да учат еден друг, брат брата и да зборуваат: »познајте Го Господа«, оти сите тие, од мал до голем, сами ќе Ме знаат, вели Господ, бидејќи ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам.
35Така вели Господ, Кој го определи сонцето да свети дење, и им даде наредба на месечината и на ѕвездите да светат ноќе, кој Го бранува морето, и брановите негови да бучат; Господ Саваот е името Негово.
36Ако тие наредби престанат да ги применуваат пред Мене, вели Господ, тогаш и племето Израилево ќе престане да биде народ пред Мене за секогаш.
37Така вели Господ: ако може да се измери небото угоре и основите на земјата да се испитаат удолу, тогаш и Јас ќе го отфрлам сето племе Израилево, за сѐ она, што го правеа, вели Господ.
38Еве, доаѓаат дни, вели Господ, кога градот ќе биде обновен за слава на Господа, од кулата на Анамеила до Аголната порта,
39и мерката на земјата од ридот ќе отиде уште погоре, токму до ридот Гарив и ќе свие кон Гоат.
40И целата долина на труповите и на пепелта, и целото поле до потокот Кедрон, до аголот на Коњската порта спрема исток, ќе биде светиња Господова; нема да се разрушува и нема да се расипува довека.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.