Левит 13 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Белези од лепра на луѓето и на облеката.

1И им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи:

2»Човек кај кого на кожата од телото негови се појави краста, оток, или, пак, по кожата на телото негово се појави знак на лепра, нека се доведе кај Арона свештеникот, или кај некој свештеник, еден од синовите негови.

3И нека ја види свештеникот раната од кожата на телото негово; па, ако влакната на раната побелеле и раната на поглед е пониска од другата кожа на телото негово, тогаш тоа е лепра; и кога ќе го види тоа свештеникот, ќе го прогласи за осквернет.

4Ако, пак, и отокот на кожата од телото негово побелел, и на поглед не спаднал, а влакната на кожата не побелеле, туку се темни, тогаш тој нека остане седум дена во темно место, а за раната свештеникот ќе одлучи во седмиот ден.

5А во седмиот ден нека ја види свештеникот раната; ако забележи дека раната останала таква каква што била и не се раширила по кожата, пак нека го одвои за седум дена.

6Свештеникот, пак, нека ја види раната во седмиот ден, па ако забележи дека раната потемнела, а не се раширила по кожата, тогаш свештеникот нека го прогласи за чист; тоа е лишај; нека ја испере облеката своја и ќе биде чист.

7Ако, пак, раната се прошири по кожата негова, откако свештеникот ја видел и го прогласил за чист, одново нека му се покаже на свештеникот; и ако свештеникот види дека раната на кожата негова се изменила,

8тогаш нека го прогласи за нечист; тоа е лепра.

9Кога човек има лепра, нека го приведат кај свештеникот.

10И свештеникот нека го види; ако струпот на кожата станал бел, а и влакната се побелени, ако и здраво месо има во струпот,

11тоа е застарена лепра на кожата негова; затоа свештеникот нека го прогласи за нечист, и да го одвои, бидејќи е нечист.

12Кога лепрата се појави на кожата и ја прекрие целата кожа на човекот, од главата до нозете, колку што може да види свештеникот,

13па кога ќе види дека лепрата ја покрила целата кожа на него, ќе го прогласи човекот дека е чист, бидејќи си побелело, па е чист.

14А во оној ден кога ќе се појави на него живо месо, тој е осквернет, нечист е.

15Па, штом види свештеникот живо месо, ќе го прогласи дека е нечист; живото месо е нечисто, тоа е лепра.

16Ако живото месо се измени и побели, тогаш нека дојде кај свештеникот.

17Кога ќе види свештеникот дека раната побелела, ќе го прогласи за чист, чист е.

18Ако кај него на кожата имало чир, па поминал, а

19потоа на местото каде што бил чирот се појави бела краста, струп, или плуска што се белее или црвенее, нека се покаже пред свештеникот.

20Ако свештеникот на поглед забележи дека таа е пониска од другата кожа и влакната на неа се побелени, тогаш ќе го прогласи за нечист; тоа е лепра што излегла од плуската.

21Ако свештеникот забележи дека влакната на неа не побелеле ниту е таа пониска од кожата, туку потемнеле, тогаш свештеникот ќе го одвои за седум дена.

22Ако му се прошири по кожата, тогаш свештеникот ќе објави дека е нечист; тоа е рана.

23И ако плуската останала на своето место и не се проширила, тогаш тоа е воспалена рана; затоа свештеникот ќе го прогласи за чист.

24Ако некој на кожата се изгорел, па откако местото ќе заздрави, остане бел или црвеникав или пробелен,

25тоа треба да го види свештеникот; ако влакната од кожата на тоа место побелеле и ако на поглед тоа место е пониско од кожата, тоа е лепра што се појавила од изгореното; затоа него свештеникот ќе го прогласи за нечист; тоа е рана од лепра.

26Штом свештеникот забележи дека на тоа место нема бели влакна и дека тоа не е пониско од другата кожа, туку само потемнело, ќе го одвои за седум дена.

27Во седмиот ден ќе го прегледа свештеникот, па, ако таа по кожата се проширила, нека го прогласи за нечист; тоа е рана од лепра, протекол гној.

28Ако е, пак, тоа место светликаво и раната не се проширила по кожата, а и темно е, тогаш тоа е рана од изгоретина. Него свештеникот нека го прогласи за чист; тоа е воспаление од изгорено.

29Кога при маж или жена се појави рана од лепра на главата или брадата,

30а свештеникот ја види раната, и утврди дека е таа подлабока од кожата и дека влакната на тоа место се истенчиле и пожолтеле, него нека го прогласи за нечист: тоа е рана, односно лепра на главата или на брадата.

31Но кога свештеникот ја прегледа раната и утврди дека таа не е подлабока од кожата и дека влакната на тоа место не пожолтеле, тогаш болниот што има рана нека го одвои за седум дена.

32Во седмиот ден свештеникот пак нека ја прегледа раната. И ако таа не се проширила ниту влакната пожолтеле и се види дека таа не навлагле подлабоко од кожата,

33тој треба да ги истриже влакната на кожата, на повреденото место да не се стриже и тогаш свештеникот повторно да го оддели за уште седум дена.

34Во седмиот ден свештеникот одново да ја прегледа раната. Па, ако увиди дека таа не се проширила по кожата на острижените места и дека на навлегла подлабоко во кожата, болниот нека го прогласи за чист; а тој нека ја испере облеката своја и ќе биде чист.

35Но, ако раната се проширила по кожата, откако е веќе прогласен за чист,

36свештеникот пак нека го прегледа и ако утврди дека таа се проширила по целата кожа – тогаш нека не бара жолтеникави влакна, бидејќи тој е нечист.

37Ако, пак, раната остане неизменета и во неа изникнале црни влакна, тоа значи дека раната е исцелена: тој е чист. Свештеникот нека го прогласи за чист.

38Ако по кожата на телото на маж или жена има пеги или бели дамки,

39и свештеникот види и утврди дека по кожата има пеги, односно бели светли дамки, тогаш тоа е лишај, кој се појавил на кожата на неговото тело. Тој е чист.

40Ако некому му паднала косата од главата, тој е ќелав – но чист е;

41ако, пак, некому му паднала косата само од предната страна на главата, тоа е пак ќелавост – чист е.

42Ако по ќелавото или проќелавото место се појавиле белузлави дамки или црвеникави пеги, тоа што се појавиле тие тоа е лепра на ќелавото, односно проќелавото место.

43Свештеникот да го прегледа, и ако види дека отокот на раната е белузлав или црвеникав по ќелавото или проќелавото место и изгледа како лепра по кожата на телото негово,

44тој е лепрозен, нечист; свештеникот да го прогласи за нечист: зашто на главата има рана.

45На лепрозниот, кој има таква рана, облеката да му се раскине, и главата да му биде откриена, да биде забраден околу устата и да извикува: нечист сум!

46Си додека ја има раната треба да се смета за нечист; тој е нечист и треба да живее одвоена; неговото жевеалиште да биде надвор од населбата.

47Ако се јави зараза од лепра и на облеката – волнена или ленела

48или врз основата или јатокот ленен или волнен, или на кожа, или на си што е направено од кожа,

49и ако дамките се зеленикави или црвеникави на облеката или на кожата, или на основата или јатокот, или на каков и да било предмет од кожа – тоа е зараза од лепра; таа треба да му се покаже на свештеникот,

50а свештеникот нака ја прегледа заразата и заразеното да го оддели за седум дена.

51На седмиот ден свештеникот нака го прегледа заразеното: па, ако заразата се проширила по облеката, или по основата, или по јатокот, или по кожата, или по каков и да било предмет од кожа, лепрата е рана, нечист е.

52Тој треба да ја изгори облеката, било основата, било волнениот или ленениот јаток, или каков и да било предмет од кожа, на кој се појавила заразата, бидејќи тоа е вистинска лепра – на оган да се изгори.

53Ако свештеникот види дека заразата не се проширила по облеката или по основата или по јатокот, или па каков и да било предмет од кожа,

54нека нареди да се испере она на што има зараза, и повторно да го отстрани за уште седум дена.

55А ако по миењето свештеникот види дека заразеното не го изменило својот изглед, па дури и ако не се раширило, тоа е нечисто: треба да се изгори на оган, бидејќи се појавило на облека, основа или јаток.

56Ако, пак, свештеникот види дека по перењето се појавила темна рана, тогаш тој нека ја истргна од облеката, или од кожата, или од основата, или од јатокот.

57Ако се појави пак белег од заразата што се проширила на облеката или на основата или на јатокот, тоа е зараза: да се изгори на оган она на што се појавила заразата.

58Ако, пак, откако ќе се испере облеката или основата, или јатокот или каков и да било предмет од кожа, заразата се загубила од нив, треба повторно да се исперат, и ќе бидат чисти.

59Тоа е законот за зараза од лепра врз облеката волнена или ленана, врз основа или јаток, или врз каков и да било кожен предмет – како да се објави дека и тој чист или нечист.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help