1Проговори Вилдад од Сува и рече:
2»Кога најпосле ќе им ставиш крај на таквите зборови? Размисли се, па потоа да зборуваме.
3Зошто нѐ сметаш за неразумни животни! Зар сме животни во твоите очи?
4О ти, кој во гневот свој, ја раскинуваш душата своја! Зарем заради тебе да запустее земјата и карпата да се крене од своето место?
5Да, светлината кај беззаконикот ќе згасне, и искрата од огнот негов нема да остане.
6Светлината ќе потемнее во шаторот негов, светилото негово ќе згасне над него.
7Стапките не силата негова ќе ослабеат, сопствената мисла ќе го отфрли,
8зашто ќе падне во стапица со нозете свои, и по мрежи ќе оди.
9Стапицата ќе ја фати ногата негова и грабач ќе го улови.
10Скришно се поставени за него стапици на патот, по кој оди.
11Ужаси од секаде го демнат и тој се метка наваму – натаму.
12Од глад се истоштува силата негова, смртта е готова, близу е до него.
13Ќе ги испојаде деловите на телото негово, ќе ги испојаде жилите негови првенецот на смртта.
14Од шаторот негов ќе се искорне неговата надеж; и тоа ќе го одведе при царот на ужасите.
15Ќе се населат во шаторот негов, бидејќи тој веќе не е негов: живеалиштето негово ќе биде посипано со сулфур.
16Одоздола се сушат корените негови, одозгора ќе овенат ветките негови.
17Споменот за него ќе изчезне од земјата, на плоштадот ќе го нема името негово.
18Ќе го изгонат од светлина во темнина и ќе го избришат од лицето на земјата.
19Ни син негов, ни внук нема да има во народот негов: никој нема да остане во живеалиштата негови.
20За денот негов ќе се ужасат потомците, а современиците ќе бидат обземени од трепет.
21Такви се живеалиштата на беззаконикот, и такво е местото на оној, кој не знае за Бога.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
